Еве на каков животен простор се одлучило ова момче за да избегне плаќање станарина! (видео)

Го споил убавото и практичното, и го живее својот сон.

Цените на недвижностите од година во година се зголемуваат, како за купување, така и за изнајмување. Ова секако е голем проблем за поголемиот дел од светската популација, но има и такви што се обидуваат, ако е можно, да се снајдат на друг начин и да избегнат плаќање кирија.

Видеото што го објави корисник на Тикток по име Џејк во кое тој го открива својот животен простор воодушеви многумина и им се допадна на околу 1,7 милиони лица. Имено, Џејк открива дека порано живеел во стан, кој потоа го заменил со брод, па сега плови по океанот и ужива во оваа необична авантура. Иако на прв поглед изгледа како обичен чамец за едно лице, и тоа само за обично пловење, Џејк всушност покажува како изгледа неговиот „дом на вода“.

Откако се спушта во чамецот, тој го покажува својот мини-дом во кој се наоѓа сè што му е потребно – соба во која престојува, кујна каде приготвува оброци, спална и бања. Секако, сето тоа е далеку потесно од животниот простор на кој навикнал, но е сосема доволен за неговите основни потреби.

Џејк во видеото објаснува дека бродот има и соларни панели кои се полнат на сонце и му обезбедуваат струја за основните апарати на бродот. Покрај сè што му е потребно, тој има и велосипед што го користи секој пат кога ќе се најде на копно и сака да се повози. Партнер во овој необичен животен стил му е неговата мачка.

@jakesvan Rent free since 2023 | #boatlife #sailboat #tinyhome ♬ original sound - Jake

Авантурата на која Џејк е навикнат долго време е желба на многумина што го погледнале неговото видео на Тикток. Очекувано, секому му е сон да се ослободи од сметките, но и од секојдневните нервози во сообраќајниот метеж низ градот, а ова момче живее токму така.

Сепак, неговиот животен стил не го поддржуваат сите, многумина на мрежата изразиле загриженост поради временските неприлики што не може да се избегнат.

-Што ќе правите кога ќе има ураган?

- Ова е супер за живеење.

- Таа нема да каже „не“.

- Попрво би плаќал кирија.

- Ова е магично – беа дел од коментарите.

И додека некои го фалеле момчето завидувајќи му на ваквиот начин на живот и велејќи дека вака сигурно ќе заштеди, други признале дека лесно може да се живее во таков простор во Филаделфија, каде е сончево речиси цела година.

Еден корисник се пошегувал, па прокоментирал дека е интересно што мачка живее на океан без да го знае тоа, а коментарот им се допаднал на преку 52.000 лица.

Ковачевски: Нека ни е честит 1 Мај, денот на трудот

СДСМ секогаш била на страната на работниците.

„СДСМ како единствена авентична социјалдемократска партија секогаш била на страната на работниците, а нашите социјалдемократските политики ги заштитија граѓаните и ја спасија земјата од колапс за време на кризите во изминатите години“, изјави претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, на денешниот Првомајски пикник што се одржа во Градскиот парк во Скопје.

Тој потенцираше дека за време на владеењето на СДСМ значително се унапредиле работничките права и се подобрил животниот стандард на граѓаните.

„СДСМ е партијата која обезбеди повисока минимална плата за работниците и постави методологија за сигурен и континуиран раст што денес резултира со минимална плата од 22.500 денари. Нешто што беше незамисливо до пред само седум години. Незамисливо беше затоа што претходната власт на ДПМНЕ ги третираше и продаваше нашите работници низ светот како евтина работна сила. Верувале или не, со тоа привлекуваа инвестиции“, рече Ковачевски.

Ковачевски потсети дека токму СДСМ е партијата која обезбеди недела да биде неработен ден и ги зголеми пензиите и платите во суштинските сектори како здравство, образование и безбедност. Никого не оставивме сам да се бори со последиците од кризата, водејќи се од принципите на солидарност и правда, истакна Ковачевски.

„Кога ги носевме антикризните мерки, ние решивме да се однесуваме одговорно. Правилно го распределивме ограничениот буџет и ги вративме парите кај граѓаните кога беше најпотребно. Обезбедивме 2,6 милијарди евра за поддршка на граѓаните и стопанството со што го заштитивме животниот стандард и достоинството на граѓаните, но и ги зачувавме работните места.“

Лидерот на СДСМ на сите граѓани на Македонија им го честиташе 1 Мај – Меѓународниот ден на трудот и најави дека партијата останува верен сојузник и поддржувач на работниците.

Зградата на Еврокомисијата осветлена во чест на 20-годишнината од големото проширување на ЕУ

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, пак, потенцира дека со одбележувањето на 20 години од зголемувањето на европското семејство, ЕУ слави и две децении единство и напредок. 

Палатата „Берлемон“ во Брисел во која се наоѓа седиштето на Европската комисија минатата ноќ беше осветлена во чест на 20-годишнината од т.н. големо проширување на ЕУ, кога на 1 мај 2004 година во членство во Унијата беа примени 10 земји од Источна Европа.

- Со проширувањето во 2004 година, ЕУ стана поголем политички, економски и културен ентитет, создавајќи повеќе можности за граѓаните низ нашата Унија, наведе Европската комисија во објава на Икс.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, пак, потенцира дека со одбележувањето на 20 години од зголемувањето на европското семејство, ЕУ слави и две децении единство и напредок.

- Историското проширување во 2004 година донесе нови можности и поголем просперитет за граѓаните низ нашата Унија, објави Фон дер Лајен на Икс.

Претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел пак оцени дека со проширувањето во 2004 година го означи и повторното обединување на поделениот континент.

На 1 мај 2004 година во членство во ЕУ беа примени Естонија, Кипар, Малта, Летонија, Литванија, Полска, Словачка, Словенија, Унгарија и Чешка, со што Унијата од дотогашните 15 се зголеми на 25 члена, поради што приемот на овие 10 членки уште се нарекува и големо проширување. /МИА

Првомајски штрајк и протести во Грција

Денешниот штрајк го организираат синдикатите на вработените во приватниот и државниот сектор и синдикатот на Комунистичката партија, а учествуваат и Здруженијата на новинарите.

Најголемите грчки синдикати денеска закажаа штрајк и протести за одбележување на Денот на трудот, иако официјално со министерска одлука првомајскиот празник е поместен за следниот вторник поради Велигден, јави дописничката на МИА од Атина.

Денешниот штрајк го организираат синдикатите на вработените во приватниот и државниот сектор и синдикатот на Комунистичката партија, а учествуваат и Здруженијата на новинарите, со што Грција од пет часот утрово ќе биде без вести и информативни емисии.

Штрајкот ќе создаде проблеми и во поморскиот сообраќај во земјата, со оглед на тоа што бродовите 24 часа ќе останат закотвени на пристаништата.

Возовите ќе сообраќаат со намален возен ред, а проблеми ќе има и во јавниот превоз во Атина, бидејќи автобусите, тролејбусите, трамвајот и метрото ќе имаат неколкучасовни прекини на работата.

Паралелно, синдикатите закажаа и протести во Атина, традиционално, како и секоја година за одбележување на Денот на трудот. /МИА

притисни ентер