Енрике: Прекрасно е чувството кога гледате како вашиот тим ги прави среќни луѓето

Тренерот на ПСЖ, Луис Енрике го пофали својот тим по синоќешната победа (4:1) над Барселона во реваншот од четвртфиналето на Лигата на шампионите.

- Беше многу тешко да се игра против мојот поранешен тим, што многу ми значи. Но, како професионалец морам да ја работам својата работа и мислам дека денеска направив се што е можно за да имаме успех. Сега сме во полуфинале. Многу е тешко да се игра против Барселона. Тешко е на сентиментално и емотивно ниво. Не би сакал да играм премногу често против Барса. Но, мило ми е што поминав низ тоа. Детално го анализирав првиот натпревар и уште повеќе се уверив дека не заслуживме да загубиме. На реваншов играчите останаа самоуверени и продолжија да ги прават вистинските работи и покрај примениот гол. Гледањето на вашиот тим како ги прави луѓето среќни е најдоброто чувство на светот. Нема ништо подобро од ова. Ова чувство не може да се купи. Сега треба да се обидеме да стигнеме до финалето, изјави тренерот на ПСЖ.

Во полуфиналето Пари Сен-Жермен ќе се соочи со Борусија Дортмунд.

Другата полуфинална двојка ќе биде формирана вечер по одигрувањето на реваншите на средбите Манчестер сити – Реал Мадрид (3:3 прв натпревар) и Баерн – Арсенал (2:2 прв натпревар).

Најмалку шест жртви во напад во џамија во Авганистан

 Вооружен маж уби шест лица и рани едно во напад во џамија во провинцијата Херат, западен Авганистан, соопшти рано утринава Министерството за внатрешни работи на земјата.

Непознато лице синоќа околу 21:00 часот по локално време пукало во верници во квартот Гузара, јужно од главниот град на провинцијата.

Шест цивили загинаа, а еден цивил е ранет“, соопшти портпаролот на МВР на социјалната мрежа Х.

Чави по победата над Валенсија: Задоволен сум од нашиот став

Тренерот на Барселона, Чави изрази задоволство од триумфот (3:2) на неговиот тим синоќа против Валенсија во 33. коло на Шпанското фудбалско првенство.

- Не попречија скоковите на Валенсија. Овој тим практикува ваква игра, тоа е нивен клучен елемент. Ја имаа потребната подготовка и на тој начин создадоа четири-пет шанси. Среќен сум и задоволен од нашиот однос. Имавме индивидуални грешки, но демонстриравме добра организација во офанзива. На следните средби треба да играме посмирено, изјави Чави за „DAZN“.

Барселона со 73 бода се искачи на второто место во Ла Лига. Валенсија е осма во поредокот со 47 бодови. Лидер е Реал Мадрид со 84 бода.

До крајот на првенството остануваат уште пет кола.

Девет жртви во уривање на воен хеликоптер во Колумбија

Воен хеликоптер се урна во северна Колумбија при што загинаа сите девет патници во него, соопшти армијата на јужноамериканската земја.

Хеликоптерот Ми-17 се урнал во близина на градот Аренал дел Сур во департманот Боливар во северна Колумбија, соопшти војската.

- Жалам за смртта на деветмината војници во воениот хеликоптер што требаше да ги снабди војниците во борбата против кланот дел Голфо на југот на Боливар, напиша колумбискиот претседател Густаво Петро на Х.

Кланот дел Голфо (Заливски клан) е најмоќната криминална организација во Колумбија. Криминалниот синдикат ги регрутира своите членови главно од поранешните десничарски паравојски и се претпоставува дека има околу 6.000 вооружени мажи.

Покрај трговијата со дрога, организацијата се занимава со илегални ископувања и рекет за заштита и е одговорна за бројни убиства и одземање на имот. Минатата година, поранешниот шеф на картелот, Даиро Антонио Усуга, попознат како Отониел, беше осуден на 45 години затвор во САД.

притисни ентер