Џафери: Обединети да продолжиме да ја унапредуваме државата и да осигураме благосостојба

Задоволство ми е во име на Владата на Република Македонија и во мое име, да Ви го честитам најголемиот христијански празник, Воскресение Христово - Велигден.

Претседателот на Техничката Влада на Република Македонија, Талат Џафери, во име на Владата и во свое име, испрати телеграма со честитки за најголемиот христијански празник, Воскресение Христово - Велигден, до поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, архиепископ охридски и македонски, г.г. Стефан, до Светиот архиерејски Синод, свештенството и монаштвото на МПЦ-ОА, до православните верници и до сите граѓани кои денеска го чествуваат празникот.

-Задоволство ми е во име на Владата на Република Македонија и во мое име, да Ви го честитам најголемиот христијански празник, Воскресение Христово - Велигден, Вам, на Светиот архиерејски Синод, на свештенството и монаштвото на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, на православните верници и на сите граѓани кои денеска го чествуваат празникот. Велигденската порака за победата на животот над смртта е порака која влева надеж дека за животот, вреди да се преземе секој чекор на храброст и пожртвуваност, чекор кој води кон светла цел. Заедничкото добро, е благословена човекова определба, и тоа може да се постигне само ако се почитуваат основните постулати на кои упатуваат бројните примери низ историјата, се наведува во честитката.

Особено, како што се посочува, во денешен контекст, кога човештвото и светот секојдневно се соочуваат со најразлични предизвици кои се закана по животот, мирот, здравјето и менталната благосостојба, потребни се повеќе од кога било пораките на надеж, единство и верба во тоа заедничко добро, засновано врз практикувањето на универзалните вредности како што се хуманоста, солидарноста, одговорноста и взаемната почит.

-Вашата улога има голема одговорност и јас Ви посакувам мудрост во исполнувањето на благородната мисија. Ви пожелувам празникот да го поминете во добро здравје, спокој во душата и среќа меѓу саканите, а со разбирање, меѓусебна почит и обединети, да продолжиме да ја унапредуваме Република Македонија и да обезбедиме благосостојба денес и за идните поколенија, стои во честитката од техничкиот премиер Џафери до поглаварот на МПЦ - ОА, г.г. Стефан.

Објавен петтиот том на „Визуелна хроника на македонскиот стрип“

Објавен е петтиот том на публикацијата „Визуелна хроника на македонскиот стрип“, најново издание на Александар Стеванов – графички дизајнер, наградуван стрип-сценарист и хроничар на македонскиот стрип.

Како што информира авторот, во книгата се истражува и прибележува деветтата уметност на македонско тло, овојпат детално обработена го периодот од 2016 до 2019 година.

На вкупно 64 страници во боја, формат А4, во изданието се опфатени речиси 270 хронолошки единици, кои збирно го осведочуваат овој период како врвна точка на домашното стрип-издаваштво. Опфатени се стрип-албуми и списанија за стрип објавени кај нас, одржани стрип-работилници, фестивали и изложби, гостувања на македонски стрип-автори на манифестациите во странство, како и освоени награди на стрип-фестивалите во земјава и во регионот.

- Станува збор за зафат од капитално значење, изведен за сега, еве и во нејзиниот петти дел, поточно во публикациите со различни дијахрониски опфати: првиот дел опфаќајќи го периодот 1990 – 1999 година, вториот 2000 – 2007, третиот 2008 – 2011, четвртиот 2012 – 2015 година... сѐ додека својот историски проект Стеванов не го доведе до наши дни, пишува истакнатиот писател Томислав Османли во предговорот кон изданието.

Како и претходните четири тома, и овој петти том на „Визуелна хроника на македонскиот стрип“ излегува со поддршка на Министерството за култура.

Почнувајќи од наредната недела изданието ќе биде дистрибуирано во библиотеките ширум земјава, најпрво во НУБ „Св. Климент Охридски“, а во скоро време се очекува да има промоција. /МИА

Кике Санчез Флорес ја напушта сезоната на крајот од сезоната

Тренерот на Севилја, Кике Санчез Флорес, ќе ја напушти функцијата по завршувањето на сезоната, соопшти прес-службата на шпанскиот клуб.

Педест и деветгодишниот Шпанец е на чело на Севилја од декември минатата година. Под негово водство, тимот одигра 23 натпревари, забележа 11 победи, четири пати ремизираше и загуби на девет средби.

Севилја по 36 кола се наоѓа на 12. место во шпанската Ла Лига со 41 бод.

Во 37. коло Севилја утре во 19 часот ќе се соочи со Атлетико Билбао на гостински терен. /МИА

Во Појасот Газа за еден ден загинале 83 луѓе

 Според Министерството за здравство во Газа во изминатите 24 часа при израелските напади во Појасот Газа загинале 83 луѓе.

Во војната помеѓу Израел и Хамас вкупно загинале 35.386 луѓе

Од почетокот на војната на 7 октомври минатата година повредени се 79.366 лица.

Најголемиот број од жртвите се деца и жени. /МИА

притисни ентер