ДИК: Двојните избори утре ќе ги следат 1303 домашни и 860 странски набљудувачи

Двојните избори утре ќе ги следат 1303 домашни и 860 странски набљудувачи, како и 83 странски новинари.

Вториот круг претседателски избори и парламентарните избори утре ќе ги следат 1303 домашни набљудувачи, 860 странски набљудувачи и 83 странски новинари, информира на денешната седница на Државната изборна комисија, нејзиниот член Бобан Стојаноски.

Претходно тој информира дека до ДИК пристигнале барања за акредитации за набљудувачи за изборите за претседател и за изборите за пратеници, а се однесуваат на дополнување на веќе прифатени акредитации, се работи за организација Вејк ап – 9 набљудувачи, ТВ Н1 од Белград со двајца новинари, Телевизија Клан Косова – 8 новинари, Амбасадата на САД дополнување со еден набљудувач, и ТВ Имеди – двајца новинари.

Стојаноски истакна дека до ДИК пристигнале уште 14 приговори за заштита на личното избирачко право, од кои на седницата поголем дел се прифатени, а неколку одбиени.

Гласањето во текот на утрешниот ден, потсети Стојаноски, се врши лично на гласачките места во државава.

-Избирачкиот одбор задолжително го прашува гласачот дали сака да гласа за двата вида на избори или сака да гласа само за еден вид на избори, односно дали сака да гласа дали за претседателски или за парламентарни или како што напоменав претходно и за двата избори одеднаш. Притоа, им го објаснува начинот на гласање и им овозможува на гласачите да гласаат. Гласачот може само еднаш да се појави на гласачкото место за остварување на своето избирачко право. Притоа, гласачот го приложува документот за лична идентификација, важечка лична карта или патна исправа, односно за претседателски избори 2024 година лична карта или патна исправа чија важност истекла од 24 јули 2023 година до 24 април 2024 година, а за парламентарните избори гласачот ќе може да гласа со лична карта или со патна исправа чија важност истекла во периодот од 8 август 2023 година до 8 мај 2024 година, кажа Стојаноски.

Појасни дека гласачот добива два гласачки ливчиња доколку се одлучи да гласа за двата вида на избори или едно гласачко ливче за изборите за кој се одлучил да гласа и се потпишува во соодветниот извод од избирачкиот список.

-Гласачот гласа сам тајно зад гласачкиот параван. Гласачот гласањето го врши на тој начин што го заокружува редниот број пред називот, името на листата или редниот број на кандидатот со хемиско пенкало во сина боја. Превитканото гласачко ливче го става во соодветната гласачка кутија, бидејќи утре имаме двојни избори на секое избирачко место ќе има две гласачки кутии соодветно обележани. Притоа, секој гласач се задржува во избирачкото место онолку време колку што му е потребно за да го оствари своето право на глас без притоа да направи каков било застој во истото. На крај гласачот го подигнува документот за лична идентификација и го напушта гласачкото место, истакна тој.

ДИК апелира до избирачките одбори и ОИК да продолжат да ги почитуваат законите и Изборниот законик, упатствата и правилниците донесени од страна на ДИК со цел успешно спроведување на двојните избори кои ќе се одржат во текот на утрешниот ден.

Мицкоски: Ќе водиме принципиелна политика со соседите

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и иден мандатар Христијан Мицкоски денеска најави водење принципиелна политика со соседите. 

Како идна Влада, како што рече, на денешното одбележување на годишнината од Разловечкото востание, коалицијата „Твоја Македонија“ ќе се залага за принципот „своето не го даваме, туѓото не го сакаме“, потенцирајки дека нема да се прават избрзани чекори, кои можат „многу“ да ја чинат државата.

-Вие сте свесни дека дека против природата не можеме, како народ сме од најмалубројните народи во Европа. Организацијата која што има често и привилегијата да ги брани интересите на еден од најмалобројните народи во Европа - македонскиот народ, треба да е мудра. Не треба да правиме избрзани чекори кои што може да не чинат многу. Подобро да се придвижуваме за милиметар, но тој чекор да биде цврст. Мора да сме трпеливи, мора да сме попаметни, тројно попаметни од сите и помудри, затоа што само така можеме да опстанеме во круг на многу предатори кои што верувајте не сакаат да ја видат Македонија успешна, не сакаат да ја видат Македонија просперитетна, среќна, Македонија полна со граѓани кои што се задоволни. Тоа го видовте уште во првите денови кога ние не бевме се уште разбудени од оној историски резултат на 8 мај, а веќе почнаа страстите да се вжештуваат, но не само наоколу туку и дома, рече Мицкоски.

Како идна Влада, додаде, победничката коалиција е подготвена сите тие предизвици да ги совлада, како што рече, трпеливо и со паметна политика која како таква политика ќе се води со соседите.

-Ве повикуваме на градење мостови, ги повикуваме сите на заедничка соработка во рамките на овој наш преубав Балкан. Што се однесува до меѓународната политика нема никогаш да не видите како коленичиме, како се вовлекуваме или како се понижуваме самите себе. Имав можност изминативе години да среќавам светски авторитети од Вашингтон преку Брисел и Берлин и останатите светски важни главни градови. Ништо повеќе за мене не е инспиративно отколку овој преубав македонски народ и ова преубава наша македонска држава, така што ќе имаме и кон нив една политика која што ќе се темели на аргументи, бидејќи никогаш не се плашиме да ги вкрстиме нашите аргументи со аргументите на нашите соговорници, додаде Мицкоски.

Мицкоски отфрли какво било беспотребно иритирање кон соседите, напоменувајќи дека сепак треба да се почитува елементарното човеково право кое е загарантирано.

Калињак: Словачкиот премиер Фицо е надвор од животна опасност

 Словачкиот премиер Роберт Фицо е надвор од животна опасност по обидот за атентат, изјави денеска министерот за одбрана и вицепремиер Роберт Калинак за словачката новинска агенција ТАСР.

Состојбата на Фицо се подобрува и вчера беше соопштено дека е стабилизирана, според министерката за здравство Зузана Долинкова.

Лекарската комисија утре треба да одлучи дали тој ќе биде префрлен. Фицо моментално се опоравува во универзитетската болница во Банска Бистрица.

Фицо беше тешко повреден на 15 мај, по седницата на Владата во градот Хандлова, кога 71-годишниот писател Јурај Цинтула, од непосредна близина неколку пати пукаше со пиштол во него. Специјалниот кривичен суд во словачкиот град Пезинок, со силно полициско обезбедување вчера му одреди притвор на Цинтула. /МИА

Во Унгарија две лица загинаа во судир на чамци на Дунав

Унгарската полиција објави дека две лица загинале, а пет се водат како исчезнати по судар на чамци на Дунав северно од Будимпешта.

Доцна во саботата полицијата добила дојава дека на брегот на Дунав во близина на градот вероча, на околу 50 километри северно од Будимпешта е пронајден маж со крвавење од глава.

Полицијата утврдила дека во несреќата со чамецот учествувал мажот, а подоцна во близина биле пронајдени тела на маж и жена.

Полицијата се уште трага по уште пет лица кои се наоѓале во тој чамец.

Истрагата утврдила дека во оваа област во моментот на несреќата имало и хотелски чамец, кој бил запрен со оштетен труп во близина на градот Комарома.

притисни ентер