Ден на македонската дипломатија - 55 години од основањето на МНР

 Во Министерството за надворешни работи денеска се одбележува 55 години од неговото постоење. 

По повод Денот на Министерството за надворешни работи министерот за надворешни работи, Бујар Османи, ќе одржи прес-конференција, а вчера дипломатскиот клуб од Скопје го одбележа Денот на македонската дипломатија со садење дрво пред зградата на МНР и посета на Меморијалниот музеј на АСНОМ во Пелинце.

Македонската дипломатија своите почетоци ги има во Бирото за односи со странство формирано во 1969 година. Република Македонија имаше свои дипломати кои работеа во југословенската дипломатија во Белград и во странство, како и во републичкиот орган за односи со странство. Во 1991 година овој орган прерасна во Министерство за надворешни работи.

Министерството за надворешни работи ги врши работите што се однесуваат на надворешните работи и надворешната политика на Република Северна Македонија.

Една од најзначајните дипломатски активности на ова Министерство беше претседавањето со ОБСЕ кое ја одбележа изминатата 2023 година кога нашата држава беше домаќин на Самитот на ОБСЕ.

Анчелоти: Ова беше мојата најдобра сезона како тренер

Тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти даде оценка за сезоната која е во завршница.

Реал Мадрид синоќа во натпревар од 37. коло на Шпанското фудбалско првенство го победи Алавес со 5:0.

- Тимот има многу таленти, многу млади луѓе и многу квалитетен тим. Овој клуб може да одбележи ера во иднина со оглед на вредноста на младите играчи кои ги имаме во моментов. Ова беше мојата најдобра сезона како тренер. Тимот се претстави фантастично во Ла Лига, достојно и без никаков сомнеж ја освоивме титулата. Сите чекаа наш пад, но до тоа не дојде. Среќни сме и на седмо небо. Но, треба да продолжиме бидејќи сè уште не сме го одиграле најважниот натпревар, изјави Анчелоти за официјалниот сајт на клубот.

Реал Мадрид ја освои деветтата победа во низа во Ла Лига.

Тимот предводен од Карло Анчелоти, кој одамна ја обезбеди шампионската титула е лидер во поредокот со 93 освоени бодови.

Алавес е на 11. место со 42 бода.

Балетот „Заспаната убавица“ на фестивалот „Мајски оперски вечери“

На 52. „Мајски оперски вечери“ вечер од 20 часот на програмата е класичниот балет „Заспаната убавица“ на музика од Петар Илич Чајковски.

Диригент на претставата е Најер Нагуи - главен диригент на оркестарот на Операта во Каиро, кореограф е Виктор Јаременко од Украина, асистент-кореограф - неговата сонародничка Тетјана Белецка, а сценограф и костимограф на балетот е Миодраг Табачки од Србија.

Во главните улоги ќе настапат Марта Петкова и Никола Хаџитанев од Софиската опера и балет кои се добитници на голем број престижни награди и признанија. Настапуваат солистите, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет.

-Повеќе од 100 години оваа класична балетска бајка за вечната борба помеѓу доброто и злото ја одушевува публиката на најголемите светски сцени. Сложените варијации, брилијантната изведба и чистата класична техника го прават овој балет од бајките врвен балетски бисер, соопшти Националната опера и балет.

Стејт департментот му префрли на Конгресот една милијарда долари помош за Израел

Американскиот Стејт департмент го информирал Конгресот за пакет помош оружје за Израел во вредност од милијарда долари, јавија американски медиуми повикувајќи се на анонимни извори.

Според нив, пакетот ќе вклучува тенкови, минофрлачи и оклопни тактички возила. Претседавачите и водечките членови на Комитетот за надворешни односи на Сенатот и Комитетот за надворешни односи на Претставничкиот дом на Конгресот на САД се оние кои ги разгледуваат главните договори за оружје со други земји.

Американскиот претседател Џо Бајден минатата недела изјави дека ја одложил испораката на бомби до Израел поради стравувањата дека тие би можеле да бидат употребени во голема офанзива против градот Рафа во јужниот дел на Појасот Газа.

Бајден го повика израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да не започнува офанзива врз Рафа без да ја гарантира безбедноста на цивилите.

притисни ентер