Дачиќ: Гласањето за прием на Косово во Советот на Европа најверојатно на 17 мај

Министерот за надворешни работи на Србија Ивица Дачиќ денеска изјави дека на 16 и 17 мај е состанокот на Комитетот на министри на Советот на Европа за прием на Косово во таа организација, а дека најверојатно ќе се гласа на 17 мај. 

Шефот на српската дипломатија во гостувањето на ТВ Прва рече дека не е извесно што ќе се случи и дека Србија „ќе се бори“. Исто така, рече дека Франција и Италија изразиле резерви, а Унгарија е против, пренесува Бета.

„Посветивме максимално политичко внимание на тоа прашање“, рече српскиот министер. Тие го притискаат (косовскиот премиер Албин) Курти да го испрати Статутот на ЗСО (Заедница на општини со српско мнозинство) до Уставниот суд на Косово, и додека Французите велат дека е потребен одговор на судот, некои велат дека е доволно само да се испрати барање“, рече Дачиќ.

Тој смета дека Косово е вештачки политички „пропаднат проект“, наведувајќи дека еднострано прогласи независност во 2008 година и дека во 2024 година сè уште не постигнало целосно признавање. Дачиќ оцени дека тоа е „дебакл на западната политика“.

Во Белгија трошат по речиси 9.000 евра за обебзедување на руските дипломатски претставништва

Белгиската федерална полиција деноноќно ги чува руските дипломатски претставништва во Брисел откако Русија ја нападна Украина во 2022 година, а дневните трошоци за таа намена се речиси 9.000 евра. 

Ова го објавија локалните медиуми, повикувајќи се на податоци презентирани од министерката за внатрешни работи Анелизе Верлинден како одговор на пратеничко прашање, пренесе БТА.

Според презентираниот извештај, тоа доведува до трошоци од 261.864 евра месечно, а од почетокот на војната 6.240.705 евра. Се наведува дека одлуката за зголемување на безбедноста е донесена во консултација со белгиската служба за проценка на заканите, која работи во соработка со разузнавачката заедница и безбедносните служби.

Заштитата е во интерес на јавниот ред, објаснува Верлинден. Според неа, ваквите постапки се дел од законските барања за белгиската полиција.

Артета за шампионатот на Арсенал: „Во фудбалот секогаш има шанси“

Тренерот на Арсенал, Микел Артета по синоќешнаат победа над Манчестер јунајтед  во натпреварот од 37. коло на Премиер лигата, изрази надеж дека неговиот тим може да дојде до шампионскиот трофеј.

- Многу сме среќни со победата, особено со начинот на кој одигравме во вториот дел. Денеска влогот беше голем, исто како и на натпреварот со Тотенхем. Немаме простор за грешка, имаме големи тимови кои се натпреваруваат со нас кои ни ја отежнуваат задачата. Сакавме да ја отвориме вратата кон титулата, последното коло ќе се одржи пред нашите навивачи. Сега ни преостанува да го гледаме натпреварот помеѓу Манчестер сити и Тотенхем. Ќе ги следиме резултатите. Во фудбалот секогаш има шанси, изјави Артета за „Sky Sports“.

Арсенал е прв во поредокот во Премиер лигата со 86 бодови, еден бод повеќе од Манчестер Сити, кој има натпревар помалку.

Во последното коло, на 19 мај „Топчиите“ го пречекуваат Евертон, додека Сити на домашен терен се среќава со Вест Хем. Во меѓувреме, на 14 мај, Манчестер сити му гостува на Тотенхем во заостанат натпревар од 34. коло.

Во Белград средба Вучиќ - Вархеји

  Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска во Белград ќе има средба со комесарот на Европската унија за соседска политика и проширување, Оливер Вархеји.

Почетокот на средбата е најавен во 17:00 часот. По средбата, Вучиќ и Вархеји ќе одржат прес конференција.

притисни ентер