Бела куќа: Израел се согласи да ја сослуша загриженоста на САД пред операцијата во Рафа

Израел се согласи да ги сослуша загриженоста и размислувањата на САД пред да започне инвазија врз пограничниот град Рафа во Газа, изјави денеска Џон Кирби портпарол на Белата куќа за национална безбедност.

„Тие не уверија дека нема да одат во Рафа се додека не имаме шанса навистина да ги споделиме нашите перспективи и нашите грижи со нив“, изјави Кирби за Еј-Би-Си.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен треба да го посети регионот следната недела и Кирби рече дека ќе продолжи да притиска за привремен прекин на огнот што Вашингтон сака да трае најмалку шест недели.

„Она што се надеваме е дека по шест недели од привремениот прекин на огнот, можеби ќе постигнеме нешто поиздржливо“, рече Кирби.

„Израелците почнаа да ги исполнуваат обврските што (американскиот) претседател Бајден ги замоли да ги исполнат“, рече тој.

Амбасада на САД: Остануваме посветени на Преспанскиот договор и евроатлантските интеграции

Соединетите американски држави остануваат цврсто посветени на договорот од Преспа и на евроатлантските интеграции на Македонија.

Ова е одговорот од американската амбасада во земјава даден за „360 степени“ на прашањето за вчерашната инаугурација на новоизбраната претседателка Гордана Силјановска-Давкова, која давајќи свечена изјава во собранието користеше само Македонија.

„Откако ќе се формира нова влада и ќе се избере премиер, ќе продолжиме да ја зајакнуваме важноста на почитувањето на меѓународните договори и придобивките од напредокот на државата со полноправно членство во европската унија“, велат од амбасадата на САД во земјава.

Кривична пријава против три лица од Тетово осомничени дека го оштетиле ФЗО за над 600 000 евра

 До Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесена е кривична пријава против три лица од Тетово, информира денеска МВР. 

Кривичната пријава против Д.Б. (45) од Тетово е поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „злоупотреба на постапка за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство“ и „злоупотреба на службената положба и овластување“ и против Р.Б.(72) и А.Х.(40) од Тетово поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело „помагање“ по член 24 во врска со кривичното дело „злоупотреба на постапка за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство“ по член 275-в и „злоупотреба на службената положба и овластување“ по член 353 од Кривичниот законик.

Пријавениот Д.Б., во својство на вршител на должноста директор на Фондот за пензиското и инвалидското осигурување на Република Северна Македонија, на 22.02.2023 објавил повик за заинтересираност за закуп на деловен простор за потребите на Фондот во два дневни весници. Во својство на потенцијални закуподавци се јавиле М.С. и Ј.Б. од Тетово, како сопственици на недвижен имот. Второпријавениот Р.Б. (татко на Д.Б.), ги контактирал М.С. и Ј.Б., кои имале дадено оглас за продажба на недвижен имот во Тетово, при што се договориле да ја продадат куќата за сума од 260.000 евра, но најпрвин да потпишат документација за давање под закуп на недвижниот имот со Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, а потоа да склучат и преддоговор за купопродажба на имотот.

На 02.03.2023 помеѓу Фондот, застапуван од пријавениот Д.Б., од една страна и М.С. и Ј.Б., од друга страна, бил склучен договор за закуп на недвижен имот со износ на закупнина од 1.890 евра месечно за времетрање на договорот од 20 години или во вкупен износ од 453.600 евра. Истиот ден бил склучен и преддоговор за купопродажба на недвижниот имот меѓу М.С. и Ј.Б. и третопријавената А.Х. (сестра на Д.Б.). Потоа, М.С. како закуподавец, паричните средства кои што Фондот месечно ѝ ги исплаќал за закуп, ги вадела од нејзината сметка и во готовина на рака му ги давала на второпријавениот Р.Б., бидејќи согласно преддоговорот за продажба и нивниот меѓусебен договор, имотот бил продаден на неговата ќерка.

Исто така, од страна на првопријавениот Д.Б., знаејќи дека ќе има потреба од реконструкција и адаптација на горенаведениот имот, на 30.01.2023 била донесена одлука за јавна набавка, по што била спроведена постапка за јавна набавка за тековно одржување во централа, филијали, деловници, пензионерски домови. На 17.03.2023, Фондот со економскиот оператор од Тетово склучил договор за јавна набавка, додека на 31.07.2023 бил потпишан и анекс договор, врз основа на кој биле исплатени вкупно 9.915.238 денари со вклучен ДДВ.

- Со ваквите дејствија, пријавениот Д.Б., заедно со пријавените Р.Б. и А.Х., ги повредил прописите за постапката за јавен повик и со нивниот меѓусебен договор ја изиграле постапката, па така неговата сестра, пријавената А.Х., стекнала право на сопственост на недвижниот имот, кој што е предмет на закуп од страна на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, со што пријавените нанеле штета на Фондот во вредност од 37.852.275 денари или 614.484 евра од Буџетот на РСМ, се вели во соопштението од МВР.

Фолк фест „Валандово“ ќе се одржи на 26 мај

Триесет и седмото издание на Фолк фест „Валандово“ ќе се одржи на 26 овој месец на Фестивалската сала „Јанко Узунов“, а ќе бидат исполнети 20 новосоздадени македонски песни.

Ова беше соопштено на денешната прес-конференција што се одржа во Валандово, на која беа споделени информациите за Фестивалот и до каде се подготовките за ова издание.

Според градоначалникот на Валандово Перо Костадинов, подготовките течеле во најдобар ред.

-Фолк фест „Валандово“ не е само валандовска гордост, туку и национална, македонска вредност, а нема македонска веселба која поминува без песни кои се испеани и коишто што почнале на оваа фестивалска сцена во Валандово. Затоа, како градоначалник на Општина Валандово ги повикувам пред се граѓаните на Општината за да бидеме, пред се, гостопримливи, но и сите наши гости од целата држава да присуствуваат и да му дадат еден посебен шарм на нашиот водечки фестивал во државата, рече валандовскиот градоначалник.

Тој информираше дека пред главната фестивалска вечер е планирано да се одржат две предфестивалски вечери на Градскиот плоштад на 24 и 25 мај.

-На овие вечери ќе настапат Драган Мијалковски, Перо Христов, Влатко Лозановски, Кирил Џајковски, Игор Џамбазов и „Ареа“ и имаме програма за сите вкусови, рече Костадинов.

Уметничкиот директор на Фестивалот, Живоин Глишиќ, информираше дека на Јавниот конкурс пристигнале повеќе нови песни, а жирито одбрало 20.

-Сметам дека тоа што го направивме и од тоа што го нудиме е само продолжување на сето што го направивме досега на Фестивалот, односно ова е петта година како овој уметнички и директорски состав го правиме Фестивалот и сметаме дека направивме едно големо искачување на одредено ниво на Фестивалот, рече Глишиќ.

На денешната прес-конференција со жрепка беше одреден редоследот на настапите на исполнителите, а наградите се доделуваат со гласање на публиката во салата и стручното жири.

притисни ентер