Бајден за Трамп: Се натпреварувам против „шестгодишно дете“

Американскиот претседател Џо Бајден ја искористи традиционалната гала вечера со новинарите за да го исмее Доналд Трамп за неговата незрелост, но се пошегува на сметка на својата поодмината возраст.

Бајден (81) го опиша Доналд (77) како инфантилен.

„Да, возраста е проблем. Јас сум возрасен маж и се натпреварувам против „шестгодишно дете““, рече синоќа Бајден, кој го нарече својот републикански ривал „поспан Дон“, пренесува Си-Ен-Ен.

Зборувајќи пред речиси 3.000 новинари, јавни личности и политичари, Бајден додаде дека единственото нешто што им е заедничко е нивната возраст.

„Мојата потпретседателка всушност ме поддржува“, додаде Бајден. Поранешниот американски потпретседател Мајк Пенс претходно изјави дека нема да го поддржи Трамп во трката за освојување уште еден претседателски мандат.

Претседателот на САД продолжи да укажува контрасти помеѓу неговата кампања за реизбор, која се засили по неговото обраќање за состојбата на нацијата минатиот месец, и онаа на Трамп, кој беше спречен активно да се посвети на неа, поради судењето во Њујорк под обвинение дека му наложил на неговиот тогашен адвокат Мајкл Коен да и плати на порно актерката Сторми Даниелс 130.000 долари за да ја спречи да излезе во јавноста за нивната наводна афера.

Според обвинението, Трамп тие пари ги покажал во деловните книги како трошоци за адвокат, што е незаконски.

- Направив голем напор уште од обраќањето за состојбата на нацијата, но Доналд имаше тешки неколку дена во последно време. Можете да ги наречете „бурни“, рече Бајден, алудирајќи на „сценското“ име на актерката од филмови за возрасни Сторми Даниелс.

Почнува 77. Меѓународен филмски фестивал во Кан

Претседател на жирито годинава е Грета Гервиг, американската независна режисерка чијшто филм „Барби“ заработи повеќе од една милијарда долари.

Во Кан, Франција, утре почнува 77. Меѓународен филмски фестивал, којшто ќе го одбележи враќањето на ѕвезди како Мерил Стрип, Френсис Форд Копола и Катрин Денев, а за главната награда - „Златна палма“ ќе се борат 22 остварувања.

Фестивалот ќе трае до 25 мај. Во трката, меѓу другото, е и „Мегалополис“ на Копола, со којшто познатиот режисер се враќа во Кан 45 години по „Златната палма“ за култниот антивоен филм „Апокалипса сега“. На списокот се најде и филм на режисерот Жак Одијар, добитник на „Златната палма“ од 2015 година. Тој годинава ќе се натпреварува со „Емилија Перез“ - жанровски определен како криминалистички мјузикл, со Селена Гомез во главната улога.

Во конкуренција за „Златната палма“ е и филмот на прогонетиот руски режисер Кирил Серебреников - „Лимонов“, како и „Видови љубезност“ на Јоргос Лантимос.

Режисерот Кристоф Оноре ќе се натпреварува со филмот „Марчело мио“ - посветен на Марчело Мастројани, кој почина во 1996 година, а годинава се одбележува 100-годишнината од неговото раѓање. За него ќе зборуваат Катрин Денев и ќерка му Кјара Мастројани.

Мерил Стрип (74) ќе добие почесна „Златна палма“ на свеченото отворање на фестивалот. Оваа година и креаторот на брендот „Војна на ѕвездите“, Џорџ Лукас ќе биде почестен со „Златна палма“, како и продукцијата „Студио Гибли“ на јапонскиот режисер за анимација Хајао Мијазаки.

Претседател на жирито годинава е Грета Гервиг, американската независна режисерка чијшто филм „Барби“ заработи повеќе од една милијарда долари.

Минатогодишниот победник беше „Анатомија на падот“ на француската режисерка Жастин Трие, којшто потоа доби и „Оскар“ за најдобро сценарио од Американската академија за филмски уметности и науки.

Престижната „Златна палма“, вообичаено вредна околу 20.000 евра, се чува во добро обезбеден сеф на непознато место - до нејзиното предавање. Жирито во најголема тајност одлучува за победникот. Покрај „Златната палма“, од 2000 година се доделува и „Мини-палма“, макета на „Златната палма“ - за најдобра глумица и глумец.

Саутгејт негира дека разговарал со Манчестер јунајтед

Селекторот на Англија, Герет Саутгејт ги коментираше информациите дека би можел да го замени Ерик тен Хег во Манчестер јунајтед.

- Несоодветно е да се зборува за ова. Немав никакви преговори. Има една работа на која треба да се фокусирам, успехот на Англија на Европското првенство, ги цитира „Телеграф“ зборовите на англискито селектор.

На 7 мај, „Фут Меркато“ објави дека Саутгејт е главен кандидат за позицијата главен тренер на Манчестер јунајтед.

На едно коло пред крајот на сезоната во Премиер лигата, Манчестер јунајтед се наоѓа на 8. место, далеку од очекувањата на раководството и навивачите.

Најмалку 20 демонстранти приведени во Тбилиси

Најмалку 20 лица се приведени на денешните протести пред Парламентот на Грузија, каде што утрово, без учество на опозицијата, Правната комисија го усвои предлог-законот „За транспарентност на странско влијание“.

Министерството за внатрешни работи на Грузија соопшти дека демонстрантите пред Парламентот „го нарушиле јавниот ред, давале отпор на полицијата и ги навредувале“ полицајците, поради што се уапсени 20 од нив, меѓу кои еден руски државјанин и двајца американски државјани.

Опозициските пратеници тврдат дека не им било дозволено да влезат во зградата на Парламентот, каде Комисијата за правни прашања го усвоила законот по две минути, со што се отвора патот за гласање за законот во Собранието оваа недела.

притисни ентер