АВМУ: Донесено упатство за радиодифузерите за Претседателските и Парламентарни избори 2024

 Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), со цел појаснување на начинот на примена на правилата од Изборниот законик донесе упатство за радиодифузерите за Претседателските и Парламентарни избори 2024.

Како што соопштија денеска од АВМУ, со упатството се опфатени правилата за лимитите за платеното политичко рекламирање (ППР), означувањето на нарачателот на рекламирањето, распределбатата на времето во вести кај Јавниот сервис, бесплатното политичко претставување на Собранискиот канал, обезбедувањето пристапност на содржините за изборниот процес за лицата со попреченост, правилата за известување во деновите на изборниот молк особено за периодот на преклопување на двата изборни процеси.

- За време на изборната кампања за Претседателските избори, во првиот круг на гласање, радиодифузерите може да емитуваат вкупно девет минути и триесет секунди дополнително време за рекламирање на реален час емитувана програма, исклучиво наменети за ППР. Во упатството е точно утврдена распределбата на овие минути меѓу седумте подносители на листи/кандидатите за претседател. Во вториот круг на гласање вкупното време за ППР ќе зависи од времето за ППР што го користат подносителите на листи/кандидатите за претседател кои ќе ја продолжат изборната кампања во вториот круг, се наведува во соопштението.

За време на изборната кампања за Парламентарните избори, се појаснува во соопштението, радиодифузерите имаат право на дополнителни девет минути и триесет секунди за рекламирање на реален час, исклучиво наменети за ППР. По потврдувањето на поднесените листи на кандидати за пратеници од страна на Државната изборна комисија, Агенцијата соодветно ќе го дополни упатството за радиодифузерите за Претседателските и Парламентарни избори 2024.

- За време на изборниот молк за Претседателските избори, на 23 и на 24 април (до 19 часот) 2024 година, продолжува изборната кампања за Парламентарните избори, но запира медиумското покривање во вестите и во посебните-информативни емисии на учесниците во изборните кампањи за двата изборни процеси, се додава во соопштението од АВМУ.

Јавниот сервис и телевизиите на државно ниво што ќе објавуваат платено политичко рекламирање, треба да емитуваат содржини поврзани со изборниот процес во формат пристапен за лицата со попреченост.

Упатството за радиодифузерите за Претседателските и Парламентарни избори 2024 е достапно на веб страницата www.avmu.mk.

Киев: Русија ја нападна енергетската инфраструктура во три украински региони

Руските вооружени сили денеска ја нападнаа енергетската инфраструктура во три украински региони, соопшти украинскиот министер за енергетика Херман Халушченко.

Нападнати се објекти во областите Дњепропетровск, Ивано-Франковск и Лавов.

Халушченко информираше дека во нападот е оштетена енергетската опрема, а најмалку еден работник е повреден.

Тој на својот канал во апликацијата „Телеграм“ напиша дека сега се откстрануваат последиците од нападот.

Одбележување на Европската недела на имунизација во Градски парк во Скопје

 Под мотото „Заштитуваме генерации“, со детските ликови „Биби и Боби“ и детска балетска претстава, денеска во  Градскиот парк во Скопје, на отворената сцена „Школка“, ќе биде одбележана Европската недела на имунизација.

На настанот организиран од Министерството за здравство, заедно со Институт за јавно здравје, СЗО и УНИЦЕФ, поддржани од УСАИД и ЕУ, обраќања ќе имаат евроамбасадорот Дејвид Гир, специјалната претставничка на СЗО д-р Ане Јохансен, претставничката на УНИЦЕФ д-р Патриција ди Џовани и претставник од Министерство за здравство.

- Заедно да ја подигнеме свесноста за важноста на имунизацијата, како значаен сегмент за градење колективен имунитет, спречување епидемии и обезбедување здрави поколенија, истакнуваат од Министерство за здравство.

Кикбоксерот Бобан Илиоски светски првак во ВАКО ПРО

 Најдобриот македонски кикбоксер Бобан Илиоски е нов светски професионален првак во кикбокс на ВАКО ПРО во дисциплината К1, до 88,6 кг, откако синоќа во борба за титулата го совлада Берк Дузенли од Турција.

Бодрен во СЦ „Јане Сандански“ од домашната публика и навивачката група „Комити“, Илиоски го совлада актуелниот аматерски светски првак со судиска одлука од 2-1.

Илиоски во ноември лани го освои златниот медал на Светското ВАКО првенство во категоријата лоу кик до 86 килограми и ја обедини светската и европската титула.

За своите успеси на меѓународната сцена Илиоски беше избран за спортист на Македонија во 2023 година.

притисни ентер