Американски агент сакал да му продаде тајни на руски разузнувач- осуден е на 22 години затвор

Џарех Себастијан Далк (32), поранешен агент на Националната агенција за безбедност (НСА), е осуден на 22 години затвор поради продажба на доверливи информации.

Како што пренесува порталот politico.com, Далк се обидел да продаде доверливи информации на таен агент на Федералното биро за истраги (ФБИ) за кого мислел дека е агент на руската разузнавачка служба.

Судијата Рејмонд Мур, по изрекувањето на пресудата, рече дека можел да го осуди Далк на подолга затворска казна, нарекувајќи ја казната од 262 месеци „милост за неговите пресметани намери да се вработи во НСА за да може да продава доверливи информации“.

„Ова беше бесрамно. Беше дрско и, според мене, намерно. Тоа беше предавство и беше блиску до предавство колку што може да биде“, рече судијата Мур.

Адвокатите на осудениот, кој е и воен ветеран, минатата есен ја признаа вината за шпионажа како дел од договорот со обвинителството, поради што бараа тој да добие 14 години затвор. Тие го истакнаа фактот дека доверливите информации од значење за националната безбедност не завршиле во рацете на непријателот и дека не е направена никаква штета.

Помошникот јавен бранител Дејвид Краут нагласи дека Далк претрпел трауматска повреда на мозокот и дека во четири наврати се обидел да се самоубие. Далк изјавил дека пати од посттрауматско стресно растројство, биполарно растројство и опсесивно-компулсивно растројство. На судењето тој негирал дека неговиот мотив за продажба на тајни информации биле пари.

Според судските документи, Далк, кој бил во НСА околу еден месец, му рекол на таен агент на ФБИ дека сака да „предизвика промени“ откако ја испрашувал улогата на Соединетите Држави да му наштети на светот, но исто така рекол дека има долг од 237.000 долари. Тој исто така рече дека одлучил да работи со Русија бидејќи неговото потекло е „врзано со таа земја“.

На Далк првично му биле исплатени 16.499 долари во криптовалута за извадоци од некои документи што му ги дал на агентот за да му покаже што има, а потоа му понудил да ги продаде останатите информации што ги имал за 85.000 долари, според договорот за вина. Агентот му наложил да оди на железничката станица во центарот на Денвер на 28 септември 2022 година и да ги испрати документите користејќи сигурна дигитална врска.

Далк пристигнал носејќи го својот лаптоп и најпрво искористил интернет врска за да испрати белешка за благодарност на руски јазик во која рече дека „со нетрпение го очекува нашето пријателство и заедничка корист.“

Според обвинението, информациите што Далк сакал да ѝ ги продаде на Русија вклучувале проценка на заканите за воените офанзивни способности на трета, неименувана земја. Тие исто така вклучуваат опис на чувствителни американски одбранбени способности, од кои некои се однесуваат на истата странска земја.

Хутите собориле американски дрон

Јеменските Хути собориле американски дрон МК9 над провинцијата Ал Бајда во јужен Јемен, соопшти денеска воениот портпарол на оваа милитантна група Јахја Сари.

Тој истакна дека дронот бил цел на проектил земја-воздух од локално производство и додаде дека ќе биде објавено видео кое ќе ги потврди овие тврдења.

Минатиот петок Хутите соопштија дека собориле уште едно американско беспилотно летало МК9 над југоисточната провинција Мареб.

Групата, поддржана од Иран, почна напади врз бродови во Црвеното Море во ноември во, како што велат, знак на солидарност со палестинскиот народ во Појасот Газа.

САД и Велика Британија почнаа серија напади против Хутите во Јемен во февруари како одговор на акциите на групата.

ССМ: Синдикална минимална кошница за мај 60 090,00 денари

Вредноста на синдикалната минимална кошница за месец мај 2024 година изнесува 60 090,00 денари, информираат денеска од ССМ.

Споредена со вредноста на синдикалната минимална кошница за месец април годинава која изнесува 60 212,00 денари е намалена за 122,00 денари.

Како што додаваат од ССМ, со изнајмен стан од 60 квадрати за месец април изнесува 75 465,00 денари.

Еден загинат, 17 лица се повредени во судар на камион и автобус кај Обреновац

 Во судир на автобус и камион во местото Стублине кај Обреновац, едно лице загина, а 17 лица се повредени, јави дописникот на МИА од Белград.

Судирот се случил во 10.05 часот. Шест повредени лица се пренесени во КБЦ Бежанијска коса, додека 11 лица се во Здравствениот дом во Обреновац.

Според првичните информации загинатото лице е возачот на автобусот кој починал на самото место.

Повреден е и возачот на камионот кој учествувал во сообраќајната несреќа.

Сообраќајот на тој дел од патот е во прекин. Полицијата врши увид теренот. /МИА

притисни ентер