На средбата беа разгледани можностите за продлабочување на билатералната соработка во областа на енергетиката, со посебен акцент на развојот на обновливите извори на енергија и зелената енергија. Двајцата соговорници ја истакнаа важноста од размена на искуства и знаења во овие области, особено во контекст на глобалните напори за енергетска транзиција и намалување на емисиите на стакленички гасови.
Министерката Божиновска изрази благодарност за поддршката што Кралството Шпанија ѝ ја дава на Македонија, како во рамките на Европската Унија, така и преку различни билатерални иницијативи. Амбасадорот Сориано Ортиз ја потврди подготвеноста на Шпанија за продолжување и унапредување на оваа соработка, особено преку нови заеднички проекти во енергетскиот сектор.
„Македонија и Шпанија ги поврзуваат 30 години на богати дипломатски односи и традиционално пријателство. Овие односи се базирани на искрена соработка и споделена визија за одржлив развој и просперитет,“ истакна министерката Божиновска, додавајќи дека двете земји ќе продолжат да работат на зајакнување на своето партнерство во различни области.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини