Автор на изложбата е Мери Стојанова, кустос советник, а куратор, виш кустос Томе Крстевски. Изложбата содржи фотографии и реплики на предмети, што во минатото биле дел од внатрешното уредување на традиционалната македонска куќа.
Крстевски рече дека невестинските соништа биле исткаени, испредени, извезени и надиплени токму во тие ковчези и касели. Доминантен момент во тие касели бил клучот, што ги чувал невестинските соништа.
Пред присутните се обратија и директорот на Музеј галеријата во Кавадарци Јаким Зимоски, како и авторката на изложбата, Стојанова.
Стојанова појасни дека колекцијата на ковчези и касели кои се дел од етнолошката збирка на НУ „Завод и музеј“ – Битола, ја сочинуваат примероци кои генерално датираат од втората половина на XIX и првата половина на XX век, но во оваа збирка се среќаваат и понови предмети. Таа рече дека според својата функционалност овие предмети се идентични, меѓутоа според стилските карактеристики секој поединечен примерок носи своја специфичност. Тие се разликуваат според начинот на изработка, користените материјали, декорацијата и други, помалку или повеќе, воочливи разлики.
- Бројот на ковчези и касели во македонските традиционални куќи, во минатото, кога се живеело во големи семејни заедници, бил многу поголем и најчесто соодветствувал на бројот на инокосни семејства, кои ја сочинувале заедницата, што денес, не е случај. Современиот начин на живеење и функционирање на современите семејни заедници, како и губењето на иницијалната функција на наведените предмети, влијаел и врз намалувањето на бројот на ковчези и касели. Дотолку повеќе, обредните практики поврзани со подготовка и носење на чеизот од домот на невестата во домот на зетот, исто така речиси во целост исчезнале, што подеднакво негативно влијае и на потребата, а со тоа и нивната застапеност, додаде таа.
Притоа сподели дека предметите во етнолошката збирка на НУ „Завод и музеј“ – Битола генерално ги групираат во три групи и тоа ковчези - застапени во руралните средини, касели - застапени во градските, урбани средини, додека пак во третата група припаѓаат т.н. патни сандаци. Основниот материјал за изработка на сите три видови на предмeти било дрвото. Најчесто се користело буково дрво, но во одредени случаи се среќавале и примероци изработени од дабово или пак чамово дрво.
- Застапеноста на ковчезите и каселите во македонската традиционална куќа, местото кое тие го поседувале, но и функцијата која ја извршувале, зборува многу и за голем број на други обичајни традициски практики кои биле присутни во поедини региони. Така на пример мошне интересен бил фактот дека согласно традициските обрасци, во големите семејни заедници – задруги, најстарата жена во семејството ги чувала клучевите од сите поединечни ковчези, кои претставувале единствена лична своина на брачната двојка. При тоа во Битола, често се среќавала фразата „подобро да се расправам со клучевите отколку со луѓето“, што укажувало на фактот дека неретко помеѓу женските припадници на големите семејни заедници, токму околу личната своина која се чувала во ковчезите или каселите, се појавувале несогласувања и расправии.