Влада: Скептични сме дека се можни гаранции од Брисел дека нема да има нови услови за ЕУ

Премиерот Мицкоски е скептичен на последните сигнали од Брисел дека Европската Унија работи на некаква форма на гаранции дека во иднина нема има нови билатерални пречки од Бугарија. 

Вели не знае кој може да даде такви гаранции, ако се има предвид, како што рече катастрофалната преговарачка рамка во која веќе се инкорпорирани билатерални прашања. Мицкоски потенцира дека црвените линии за уставни измени со одложено дејство им се познати на европските партнери, а ако некој во Брисел планира да биде заложник на политичари од средниот век, тогаш ќе се чека да се создадат услови за разговор во кој ќе се цени принципот на дела, а не на билатерализација.

-Не знам кој е тој што ќе даде гаранции дека ќе нема блокади со билатерални договори во преговарачката рамка. Единсвената гаранција која ние ја дадовме е претставена пред нашите партнери и тоа е максимум што можеме да направиме. Спремни сме да разговараме со секого, ако тие не се спремни, ќе чекаме кога ќе бидат спремни, изјави Христијан Мицкоски, претседател на владата.

За поранешниот амбасадор Ѓорѓи Филипов дипломатските сигнали од Брисел за некакви гаранции се позитивен импулс, но вели во дипломатијата никогаш не можете да бидете сигурни, особено кога се знае цврстиот став на Софија, искажан од сите бугарски официјални претставници години наназад.

-Во политиката често тоа не е возможно бидејќи еднаш добиен став си се чува. Никогаш не можеме да бидеме сигурни 100 % дека нешто е сигурно. И нагли промени на состојбата во Украина или со светот можат да извршат несакан притисок и врз Бугарија и врз ЕК да се чујат работи што ги посакуваме. Но, да се чека Бугарија само да се смени состојбата, таму може да има избори за една, три години, и не може да биде единствена варијабла на која ќе ја засноваме нашата надворешна политика, изјави Ѓорѓи Филипов, поранешен амбасадор.

Премиерот Мицкоски во вторник патува за Брисел, каде ќе има билатерална средба со новиот претседател на Европскиот Совет, Антонио Кошта. Долгогодишниот португалски премиер денеска имаше примопредавање на должноста со Шарл Мишел, а функцијата ќе ја преземе на 1 декември. Тој лани како премиер беше во посета на Скопје, кога порача дека Лисабон ја поддржува Македонија на европскиот пат.

Трагедија во Грција: Четири деца се задушиле со гас дома, најстарото не преживеало

Едно дете починало, а три се во критична состојба по истекување на гас во семејна куќа во Ксанти, Грција.

Според медиумите, момчето (16) го загубило животот, две од неговите сестри биле интубирани, додека третата сестра исто така е во тешка состојба. Децата утрово биле пронајдени во куќата без свест. Според медиумите, родителите спиеле во горната соба, додека децата биле на приземје. Кога утрово мајката се симнала, забележала дека ниту едно од децата не се движи и веднаш повикала брза помош, објави Катимерини.

За жал, не долго откако сите биле префрлени во болница, лекарите можеле само да констатираат смрт на момчето. Неговите три сестри на возраст од 15, 18 и 20 години се во исклучително тешка состојба.

Во болница се хоспитализирани и таткото и мајката, но според грчките медиуми не биле забележани здравствени проблеми.

На трагедијата наводно ѝ претходело поставување резервоар за плин од надворешната страна на куќата. Се уште не е познато како дошло до истекувањето.

22- годишен возач и неговата 21- годишна сопатничка загинаа во сообраќајка кај Ботун

На  29.11.2024 година во 07:21 чaсот, во СВР Охрид е пријавено дека, на автопатот во изградба, кај девијацијата „Царо поле“, атар на селото Ботун, општина Дебрца, патнички автомобил „Ауди“ со кичевски регистарски ознаки, излетал од патот. 

По преземени мерки, констатирано е дека, Ф.К.(22) возач на возилото и сопатничката Е.С.(21), двајцата од Кичево, починале на местото на настанот а смрт констатирал лекар од Итната медицинска помош од Охрид. Увид на местото извршија јавен обвинител, сообраќаен вештак и полициски екипи. По наредба на јавен обвинител, врз телата на двете починати лица, ќе биде извршена обдукција, соопштуваат од СВР Охрид.

Министерката Божиновска се сретна со амбасадорот на Шпанија, Сориано Ортиз

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, оствари средба со амбасадорот на Кралството Шпанија во Македонија, Н.Е. Рафаел Сориано Ортиз.

На средбата беа разгледани можностите за продлабочување на билатералната соработка во областа на енергетиката, со посебен акцент на развојот на обновливите извори на енергија и зелената енергија. Двајцата соговорници ја истакнаа важноста од размена на искуства и знаења во овие области, особено во контекст на глобалните напори за енергетска транзиција и намалување на емисиите на стакленички гасови.

Министерката Божиновска изрази благодарност за поддршката што Кралството Шпанија ѝ ја дава на Македонија, како во рамките на Европската Унија, така и преку различни билатерални иницијативи. Амбасадорот Сориано Ортиз ја потврди подготвеноста на Шпанија за продолжување и унапредување на оваа соработка, особено преку нови заеднички проекти во енергетскиот сектор.

„Македонија и Шпанија ги поврзуваат 30 години на богати дипломатски односи и традиционално пријателство. Овие односи се базирани на искрена соработка и споделена визија за одржлив развој и просперитет,“ истакна министерката Божиновска, додавајќи дека двете земји ќе продолжат да работат на зајакнување на своето партнерство во различни области.

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини

притисни ентер