Мислењата во јавноста се поделени.. Од една страна Министерството за транспорт и врски како предлагач тврди дека измените се носат исклучиво во јавен интерес на граѓаните и општините, кои се соочувале со бројни проблеми бидејќи досега при носењето на урбанистички планови јавниот интерес бил подеднакво третиран со приватниот интерес и често пати заложник на приватните интереси. Со измените на Законот за прв пат во државава, јавниот интерес го ставаме во прв план, уверуваат од Министерството..
-Основна цел на измените е да се поедностават постапките во однос на донесување на урбанистичките планови наменети за изградба на објекти од јавен интерес односно за изградба на градинки, училишта болници и останати објекти од социјална и здравствена заштита, како и катни гаражи со цел решавање на сообраќајниот хаос.- Министерство за транспорт и врски
Предложените измени пред пратениците ќе се најдат на утрешната седница, по скратена постапка. Извесно е дека пратениците од СДСМ нема да дадат поддршка. Тие бараат стопирање на постапката и првин да се донесе нов Закон за градење.
-СДСМ остро реагира на упадот во системот на урбанистичко планирање со вметнување на катните гаражи на ранг на примарна инфраструктурна мрежа кои ќе можат да бидат реализирани само врз база на Генерален урбанистички план без донесен Детален урбанистички план. Со ова се избегнува увид на јавноста и транспарентност во постапката, што е врвен приоритет за постигнување поквалитетно и хумано живеење при носењето на урбанистичките планови. – велат од СДСМ.
Од Министерството велат дека измените се потребни бидејќи околу 600 урбанистички планови се заглавени во постапка со што е доведено во прашање нивното донесување и реализацијата на капитални инвестиции. Но, невладините сметаат дека со сегашното решение проблемот нема да биде решен..
-Никаде не спомнуваат тие дека 600 урбанистички планови повеќе од четири години имаа рок да се довршат. Наместо во овие четири години да се инсистира да се носат нови детални урбанистички планови по новиот закон, да се овозможи навистина јавниот интерес да биде запазен, ние овозможуваме тие исти стари ДУП да продолжат по стари закони и велиме тоа е јавен интерес. Не, јавен интерес прво не е брза постапка и не е јавна расправа за тоа што навистина на граѓаните им треба и со какви проблеми денес се соочуваат. – Татјана Стојановска – О2 Иницијатива
Од Министерството уверуваат дека со предложените измени ќе се стави крај и на дивеењето во одредени општини, бидејќи со измените е невозможно да се донесе план без согласност на Министерството за транспорт, а исто така Министерството може да го враќа на доработка секој план се додека е потребно во секоја фаза од постапката.