Тен Хаг задоволен од пласманот во ЛШ, но бара засилувања

Тренерот на Манчестер јунајтед, Ерик тен Хаг, изјави по повод пласманот во Лигата на шампиони (ЛШ) дека клубот се вратил каде што припаѓа, но оти ќе бидат неопходни засилувања за англискиот клуб да биде конкурентен во борбата за трофеи.

Манчестер јунајтед синоќа на „Олд Трафорд‘ го совлада Челзи со 4-1 и обезбеди место во ЛШ на едно коло пред крајот на сезоната во Премиер лигата.

„Овој клуб припаѓа во ЛШ. Пласманот меѓу четирите најдобри екипи во првенството беше главна цел. Натпреварувањето е тешко, има многу клубови со добри екипи, добри тренери и големи буџети. Ова во моментов е максимумот, но сакаме повеќе и јас сум нестрплив“, рече Тен Хаг.

Манчестер јунајтед до крајот на сезоната ќе има можност да освои трофеј доколку го совлада градскиот ривал Манчестер сити во финалето на ФА Купот, на 3 јуни на „Вембли“.

„Ова е добра основа да продолжиме, но стандардите и барањата мораат да бидат повисоки. Во текот на летото мораме да работиме со оваа екипа, но мораме и да се засилиме во преодниот рок. Сакаме да се бориме за титулата, но тоа мора да биде на реална основа. Засега сме далеку и имаме уште многу работа, но потребни ни се подобри играчи ако сакаме да се натпреваруваме на највисоко ниво“, наведе холандскиот стратег на клупата на Јунајтед.

Потпретседателката на САД повика да се обезбеди независност на судството во Израел

Американската потпретседателка Камала Харис ги повтори повиците до Израел да обезбеди независност на судството по масовните протести против реформскиот план на премиерот Бенјамин Нетанјаху.

Харис говореше синоќа на прием по повод 75-годишнината од основањето на еврејската држава организиран од Амбасадата на Израел во музејот во Вашингтон.

Таа вети цврста поддршка за безбедноста на Израел, но се осврна и на реформскиот план на Нетанјаху.

„Под претседателот Џо Бајден и нашата администрација, Америка ќе продолжи да се залага за вредностите кои беа основа на односите меѓу САД и Израел, кои вклучуваат продолжување на зајакнувањето на нашата демократија“, рече Харис.

Таа додаде дека „вредностите на двете земји се изградени на силни институции, контроли и рамнотежа и независно судство“.

Нетанјаху, кој ја предводи најдесничарската влада во историјата на Израел, предложи намалување на овластувањата на Врховниот суд и давање поголемо влијание на политичарите при изборот на судии.

По масовните улични протести и бојкотот од страна на противниците на реформите, кои велат дека тоа ја уништува демократијата, Нетанјаху во март најави „пауза“ за да овозможи разговори за реформи.

Во исто време, Бајден рече дека е „многу загрижен“ за предлогот на Нетанјаху, кој наиде на критики од некои десничарски сојузници на израелскиот лидер.

Харис, исто така, ја повтори поддршката за независна палестинска држава, на што се спротивставуваат голем број поддржувачи на Нетанјаху, велејќи дека Израелците и Палестинците треба „да уживаат еднаква слобода, просперитет и демократија“.

Потпретседателката на САД присуствуваше на приемот со нејзиниот сопруг Даг Емхоф, првиот сопружник Евреин на американски претседател или потпретседател, и рече дека како девојче собирала донации за Еврејскиот национален фонд за развој во израелските заедници.

„Денес, под водство на претседателот Џо Бајден, САД имаат нераскинлива врска со државата Израел“, рече Харис. /МИА

За брзо возење санкционирани 369 возачи

Вкупно 369 возачи се санкционирани во текот на вчерашната засилена акциска контрола на територијата на земјава што ја спроведе Министерството за внатрешни работи за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената.

Од нив, како што информира МВР, 24 возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а четири возила се движеле со дури над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина. Притоа 199 возила ја пречекориле брзината во населено место, а 170 надвор од населено место.

Од МВР најавуваат дека и во наредните денови ќе продолжат сообраќајните контроли и апелираат сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи за, како што велат, заеднички да придонесеме за побезбедни патишта.

Ватикан: Папата Франциск попладнево ќе има операција на абдоменот во римската болница Гемели

На папата Франциск попладнево ќе му биде извршена операција на абдоменот во римската болница Гемели, соопшти Ватикан.

Оттаму додаваат дека неговиот лекарски тим одлучил дека е потребна операција и дека се очекува папата да остане во болница неколку дена заради закрепнување.

Агенцијата АНСА јави дека процедурата ќе трае околу два часа и дека папата ќе биде под општа анестезија.

Папата Франциск требаше да биде однесен во болница уште утринава, по аудиенцијата во Ватикан, на која не ја спомена планираната операција. Тој вчера мина 40 минути на прегледи во болницата Гемели.

Папата, кој во март ја одбележа 10-годишнината од неговиот понтификат, често користи инвалидска количка или стап за одење поради болки во коленото.

Во јули 2021 година му беше отстрането дел од дебелото црево. Папата минатата година изјави дека не сака да го оперира коленото бидејќи општата анестезија при операцијата на дебелото црево му предизвикала непријатни несакани ефекти.

притисни ентер