Тарантино бара актер за неговиот најнов филм: Ди Каприо и Пит се премногу стари

Режисерот Квентин Тарантино наесен би требало да започне со снимање на својот десетти филм, а воедно и последен во кариерата. Го завршил сценариото, а сега бара актери.

Засега нема избрано никого за главната улога, а на репертоарот вели дека нема актери од таа возраст. Леонардо ди Каприо и Бред Пит се, како што вели, премногу стари за улогата.

- Се уште не сум одлучил, но ќе биде некој 35-годишен. „Имам идеја за некој кој можам да замислам да го направи тоа многу добро“, изјави тој за „Deadline“, но не сакаше да го открие неговото име.

Дејството на филмот под работен наслов „Филмскиот критичар“ ќе се одвива во 1977 година, изјави тој.

- Има многу шпекулации за тоа на кого е базиран филмот. Личноста е вистински критичар, но не е познат. И нема да ви кажам ништо повеќе – изјави Тарантино.

Видео: Како да се изгонат мувите од влезот и домот?

Со топлото време се буди и природата, што значи и зголемување на бројот на инсекти, како што се мувите, во и околу домот.

За да се ослободите од несаканите „натрапници“, Андреја Жан, која пренесува бројни совети за чистење и уредување на домот, овојпат споделува трик со монети, вода и ќесе за замрзнување.

- Значи, ставете ги паричките во ќесето и додајте вода за тие да пловат во неа. Ќесето се закачува на влезната врата или пред прозорецот, вели Жан.

Луѓето велат дека овој необичен трик, всушност е навистина делотворен.

- Очите на мувите се многу чувствителни на промените во светлината. Затоа, светлоста што се одбива од паричките ги збунува мувите и ги тера да се оддалечат од вашиот влез, појаснува Андреја.

Нејзиното видео собра над 200.000 прегледи на социјалните мрежи, а повеќе следачи кои го испробале овој трик велат дека се презадоволни.

Трошоците на животот во мај зголемени за 11,3 отсто на годишно ниво и за 0,4 отсто на месечно

Трошоците на животот во мај годинава се зголемени за 11,3 отсто во споредба со истиот месец лани, а цените на мало бележат зголемување од 7,5 отсто.

На месечно ниво трошоците на животот во мај годинава се повисоки за 0,4 отсто во однос на април 2023 година, додека цените на мало се намалени за 0,9 отсто.

Според податоците на Државниот завод за статистика, пораст на трошоците на животот во мај 2023 година, во споредба со претходниот месец, е забележан кај свежиот и разладениот зеленчук, освен компирите и другите коренести плодови за 13,3 отсто, свежото и разладеното овошје за 8,5, прехранбените производи, неспоменати на друго место за 2, рибата и морските плодови за 1,6, жестоките пијалаци за 0,8, сирењето и урдата за 0,5, месото за 0,4, кафето, чајот, какаото, минералната вода, газираните пијалаци, соковите од овошје и зеленчук, виното за 0,3, шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи, пивото за 0,2 отсто.

Пораст на трошоците на животот е забележан и кај другите услуги неспоменати на друго место за 10,6 отсто, накитот, часовниците и рачните часовници за 4,9, медицинските услуги за 3,4, парамедицинските услуги за 2,9, обувките за 2,8, услугите за сместување за 1,8, фармацевтските производи, туристичките аранжмани за 1,6, производите за домаќинството - нетрајни за 1,4, домашните миленици и сродните производи за 0,9, моторните возила за 0,8, малите електрични апарати за домаќинствата, фотографската и кинематографската опрема и оптичките инструменти, рестораните, кафулињата и слично за 0,7, облеката, мебелот и покуќнината, терапевтските помагала и опремата, поправката на аудиовизуелната, фотографската и информатичката опрема за 0,6, фризерските салони и центрите за разубавување за 0,5, стаклените садови, кујнскиот прибор и другата опрема, канцеларискиот материјал и материјалите за цртање за 0,3, материјалите за одржување и поправки на живеалиштето, големите електрични апарати за домаќинствата, малите алатки и останатите додатоци за 0,2 отсто.

Намалување на трошоците на животот во мај 2023 година, во споредба со претходниот месец, е забележано кај маслото и маснотиите за 2,4 отсто, млекото за 1,6 и лебот и житата за 0,7 отсто.

Намалување на трошоците на животот е забележано и кај воздухопловниот патнички транспорт за 27,2 отсто, течните горива за домаќинствата за 7,3, горивата и мазивата за сопствените превозни средства за 5,5, гасот за домаќинствата за 4,3, цврстите горива за домаќинствата за 3, медиумите за снимање за 1,8, опремата за спорт, кампирање и рекреација на отворено за 1,5, стоматолошките услуги за 1,3, информатичката опрема за обработка на податоците за 1,2, игрите, играчките и хобијата за 1,1, другите печатени материјали, другото образование за 1, градините, растенијата и цвеќињата за 0,6, книгите, другите апарати и производи за лична хигиена за 0,5, поправките на мебелот, покуќнината и покривките за подот, опремата за прием, снимање и репродукција на звук и слики за 0,3 отсто.

Шпанија ја бележи најтоплата пролет во историјата, се очекува и екстремно топло лето

Оваа година Шпанија ја бележи својата најтопла пролет во историјата и втора најсушна досега, според националната метеоролошка агенција.

Последните податоци укажуваат на продолжување на екстремно високите температури кои беа присутни во текот на 2022 година, која беше најтоплата година досега забележана во Шпанија.

Пролетните горештини беа придружени со недостиг од дожд, што ќе ја влоши долгорочната суша во Шпанија, и покрај врнежите забележани во изминатиот месец.

Шпанските власти вчера објавија дека акумулациите во земјата се со 47,4 отсто од капацитетот, тренд што продолжува.

Метеоролошката служба посочи дека тоа остава негативни ефекти врз екосистемот на таа медитеранска земја.

- Температурите на површинските води забележани во 2022 година се највисоки од 1940 година - објавија метеоролозите, предупредувајќи дека овој феномен го загрозува морскиот живот и неговата способност за репродукција.

Констатирано е дека високите температури имаат последици и по здравјето на луѓето и екосистемите, во смисла на зголемена веројатност за шумски пожари.

Претстојното лето најверојатно ќе биде „исклучително жешко“, според прогнозите на шпанската метеоролошка служба, иако има можност за поројни врнежи. Минатиот месец, шпанската влада објави мерки во вредност од 2,2 милијарди евра за борба против сушата, кои вклучуваат финансирање за рециклирање на водата во градовите и континуирана помош за земјоделците.

Шпанија е водечки европски производител и извозник на свежо овошје и зеленчук, а во април земјата побара итни средства од Европската унија врз основа на лошите прогнози за годинашните приноси.

притисни ентер