Славна тенисерка е суспендирана на четири години

Романската тенисерка Симона Халеп е суспендирана на четири години од тенисот поради допинг.

Поранешната светска тенисерка број 1 нема играно натпревари од октомври 2022 година, кога беше обвинета за проневера на нелегални средства.

Имено, Халеп паднала на допинг тестот и по минатогодишниот УС Опен и оттогаш се обидува да докаже дека е невина.

Дополнително, додека се обидувала да го реши овој проблем, се појавил нов, бидејќи била обвинета за посебен прекршок, исто така за допинг, откако ѝ биле констатирани одредени неправилности во биолошкиот пасош.

Ѓуриќ: Србија го осудува нападот

Србија го осудува нападот, обвинувањата на Курти потенцијално укажуваат на вмешаност на Приштина.

Српскиот министер за надворешни работи Марко Ѓуриќ денеска изјави дека Србија најостро го осудува нападот на каналот Ибар-Лепенац кај Зубин Поток и посочи дека тоа што режимот на косовскиот премиерот Албин Курти, побрза да покаже со прст кон Србија без докази потенцијално укажува на вмешаност на режимот на Курти, јави дописникот на МИА од Белград.

Ѓуриќ во објава на мрежата Икс, ги повика релевантните меѓународни власти да спроведат темелна и транспарентна истрага со цел да се идентификуваат и да се повикаат на одговорност одговорните за овој чин.

- Додека етнонационалистичкиот режим на Курти побрза да го впери прстот кон Србија без докази, ние веруваме дека ваквите предвремени обвинувања се намерна диверзија, што потенцијално укажува на вмешаност на режимот на Аљбин Курти, нагласи Ѓуриќ.

Тој посочи дека ваквите неосновани обвинувања ги поткопуваат напорите за конструктивен дијалог и служат само за ескалација на тензиите во и онака деликатна ситуација. Ѓуриќ наведе дека Србија недвосмислено бара одговорност за сторителите на „овој непромислен напад“.

Според него, Србија е подготвена, доколку е потребно, да обезбеди финансиска и техничка помош за санирање на штетите на каналот Ибар-Лепенац, „покажувајќи посветеност на благосостојбата на сите луѓе во регионот, без разлика на етничката или политичката припадност“.

Тој, исто така, истакна дека „овој длабоко вознемирувачки чин на саботажа“ ги загрозува животите и егзистенцијата на безброј поединци во регионот.

Ѓуриќ посочи дека Ибар-Лепенац е критичен воден пат неопходен за производство на електрична енергија, земјоделство, вода за пиење и општата благосостојба на заедниците на кои им служи и истакна дека деструктивните дејства се неприфатливи и „ја загрозуваат кревката стабилност што се стремиме да ја одржиме“.

- Ги повикуваме сите страни да се спротивстават на провокациите и да дадат приоритет на дијалогот, меѓусебното разбирање и соработката. Србија останува посветена на мирот, стабилноста и соработката како основа за просперитетна и обединета иднина на Балканот, истакна Ѓуриќ.

Голема полициска акција во северно Косово по експлозијата во каналот Ибар-Лепенец

Голема акција на силите на косовската полиција се одвива претпладнево во повеќе куќи во селото Варага кај Зубин Поток, во северно Косово.

Голема акција на силите на косовската полиција се одвива претпладнево во повеќе куќи во селото Варага кај Зубин Поток, во северно Косово, каде што синоќа се случи експлозија во која беше оштетен водоводниот канал Ибар-Лепенец, јави дописникот на МИА од Приштина.

Веста во изјава за медиумите ја потврди заменик директорот на полицијата за северниот регион, Ветон Елшани.

- Во тек е полициска рација и засега не можам да кажам ништо повеќе, кратко изјави Елшани.

Засега нема информации дали во акцијата има уапсени лица или е пронајдено оружје.

Претседателката на Косово, Вјоса Османи, премиерот Албин Курти и косовската полиција го оценија како терористички чин синоќешниот напад, по кој останаа без вода неколку градови во Косово, како и електраните Косова А и Косова Б, кои ја кристат водата од каналот за ладење на турбините. Косовските власти за нападот ја обвинија Србија, од каде, според нив, дошле криминалците што го извршиле овој, како и претходните напади оваа недела со рачни бомби врз полициската станица и објектот на општината Звечан.

Укината забраната за сообраќај за тешки возила на Стража

 Забраната за сообраќај за тешки товарни возила преку планинскиот превој Стража е укината во 10:40 часот, информираат од АМСМ.

Сообраќајот на државните патишта се одвива тековно во зимски услови, по влажни коловози, на некои повисоки места со наместа остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на Македонија пат. Дежурните екипи на ЈП МАКЕДОНИЈАПАТ се постојано на терен и ги одржуваат сите патни правци проодни.

Надлежните апелираат на внимателно управување со возилата, почитување на поставената сообраќајна сигнализација, како и прилагодување на брзината спрема условите на патот.

притисни ентер