Синер: Титулата во Италија ми значи многу

Италијанецот Јаник Синер е импресиониран по победата над Американецот Тејлор Фриц во финалето на Завршниот АТП турнир во Торино.

-Неверојатно. Ова е моја прва титула во Италија и многу ми значи. Многу посебен трофеј. Само се обидов да го играм мојот најдобар тенис. Ова беше тајната. Го одржав турнирот на многу високо ниво. На моменти играв совршено, па затоа сум многу среќен, изјави првиот светски рекет.

Синер првпат победи на Завршниот турнир. Во 2023 година стигна до финалето, губејќи од Србинот Новак Ѓоковиќ.

Италијанецот го освои осмиот турнир оваа година, вклучувајќи ги Австралија Опен и УС Опен.

Воедно, Синер стана првиот тенисер од 1986 година кој не загубил ниту еден сет на Завршниот турнир. Пред 38 години, Иван Лендл го прослави ова достигнување.

Сиљановска Давкова прими претставници на Националната установа Филхармонија

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова прими претставници на Националната установа Филхармонија по повод 80-годишнината од нејзиното основање.

На средбата на која присуствуваа Александар Котевски, в.д. директор, поранешните директорки Мелпомени Корнети и Маја Чаначевиќ, концерт-мајсторот Анна Кондратенко, концерт-мајсторот во пензија Румен Димитриев, како и Ангелина Димоска од Националната установа Филхармонија, претседателката Сиљановска Давкова честитајќи го големиот јубилеј, истакна дека оваа значајна културна институција како единствен постојан претставник на симфониското творештво на македонската музичка сцена, со својот богат и разновиден репертоар ја привлекува домашната и светската публика.

Претседателката оцени дека во изминативе години преку своите незаборавни концерти во земјава и ширум светот кои содржеле дела од светски класици, но и од македонски музички великани, Филхармонија градела свој специфичен имиџ по кој денес е препознатлива институција.

На средбата, претставниците на Филхармонија ја запознаа Претседателката со роденденската сезона насловена „Одисеја“ исполнета со настапи и изведби на врвни странски и македонски солисти, ремек-дела на симфонизмот, концертно музицирање и премиерни изведби на дела од домашни музички творци. Тие информираа и за програмската политика на оваа институција која содржи нова форма на изразување збогатена жанровски и естетски за различни профили на публика, а која вклучува и едукативни симфониски концерти за најмладите, соопштуваат од Кабинетот.

Џуд Ло тврди дека за една улога бил платен премногу: Филмот беше целосно промашување (ВИДЕО)

Џуд Ло, познат по неговите соработки со великани како Мајк Николс и Вес Андерсон, денес е синоним за успех во филмскиот свет.

Неговата кариера е обележана со независни остварувања и големи студиски блокбастери како Шерлок Холмс и Злосторствата на Гринделвалд. Сепак, Ло искрено призна дека една улога во неговата кариера не го оправдувала хонорарот.

Откако се прослави со улогата во „Талентираниот господин Рипли“, Џуд Ло стана едно од најбараните имиња во Холивуд. Но, неговата транзиција од независни филмови во комерцијални проекти го доведе до филмот Алфи од 2004 година, римејк на истоимениот класик од 1966 година.

Алфи, во режија на Чарлс Шајер, го следи животот на британски возач на лимузина во Њујорк кој го доведува во прашање неговиот хедонистички начин на живот по аферата со девојката на пријател. Филмот беше значаен за Ло од неколку причини: тој ја запозна својата поранешна свршеница Сиена Милер на сетот, а во исто време му донесе комерцијален успех бидејќи за улогата беше платен осум милиони долари.

Но, и покрај големиот буџет од 80 милиони долари, филмот заработи само 35 милиони, со што стана еден од најголемите неуспеси во неговата кариера. Ло подоцна призна: „Веројатно бев преплатен за улогата. Филмот беше целосно промашување“.

Интересно е што по Алфи, Ло најде можност да се врати на своите корени. Неговиот следен проект беше Closer, независна филмска продукција во режија на Мајк Николс, адаптирана од истоимената драма на Патрик Марбер. Closer стана клучен момент во неговата филмографија, разделувајќи ги критичарите, но задржувајќи го статусот на класика.

ВМРО-ДПМНЕ:СДС во недостаток на идеи, најде партнер за насилство во Левица и пудлицата Апасиев

Венко Филипче и СДС по црвениот картон кој го добија од народот во мај, по практикувањето на корупција и криминал сега прибегнуваат и кон насилство.

Во недостаток на идеи, во насилството партнер на Филипче и СДС им е пудлицата Димитар Апасиев.

Филипче и СДС деновиве во Собранието приредија драма, пцовки, или недолично однесување наместо аргументирана дебата.

Ова недолично однесување кое Филипче го манифестира преку својата пудлица Апасиев е сликата за опозицијата во државата.

Сликата која Филипче ја прави е слика полна со навреди кон семејствата на поединци.

Додека СДС и Левица практикуваат навреди, насилство, недолично однесување, ВМРО-ДПМНЕ нуди поинаков пристап кој нуди решенија за граѓаните и за државата.

ВМРО-ДПМНЕ нема време за ваков примитивен пристап во законодавниот дом и воопшто на општествената сцена. ВМРО-ДПМНЕ го осудува ваквото недолично однесување на СДС и Левица. ВМРО-ДПМНЕ работи единствено во интерес на граѓаните и државата, се наведува во партиското соопштение.

притисни ентер