Вели не знае кој може да даде такви гаранции, ако се има предвид, како што рече катастрофалната преговарачка рамка во која веќе се инкорпорирани билатерални прашања. Мицкоски потенцира дека црвените линии за уставни измени со одложено дејство им се познати на европските партнери, а ако некој во Брисел планира да биде заложник на политичари од средниот век, тогаш ќе се чека да се создадат услови за разговор во кој ќе се цени принципот на дела, а не на билатерализација.
-Не знам кој е тој што ќе даде гаранции дека ќе нема блокади со билатерални договори во преговарачката рамка. Единсвената гаранција која ние ја дадовме е претставена пред нашите партнери и тоа е максимум што можеме да направиме. Спремни сме да разговараме со секого, ако тие не се спремни, ќе чекаме кога ќе бидат спремни, изјави Христијан Мицкоски, претседател на владата.
За поранешниот амбасадор Ѓорѓи Филипов дипломатските сигнали од Брисел за некакви гаранции се позитивен импулс, но вели во дипломатијата никогаш не можете да бидете сигурни, особено кога се знае цврстиот став на Софија, искажан од сите бугарски официјални претставници години наназад.
-Во политиката често тоа не е возможно бидејќи еднаш добиен став си се чува. Никогаш не можеме да бидеме сигурни 100 % дека нешто е сигурно. И нагли промени на состојбата во Украина или со светот можат да извршат несакан притисок и врз Бугарија и врз ЕК да се чујат работи што ги посакуваме. Но, да се чека Бугарија само да се смени состојбата, таму може да има избори за една, три години, и не може да биде единствена варијабла на која ќе ја засноваме нашата надворешна политика, изјави Ѓорѓи Филипов, поранешен амбасадор.
Премиерот Мицкоски во вторник патува за Брисел, каде ќе има билатерална средба со новиот претседател на Европскиот Совет, Антонио Кошта. Долгогодишниот португалски премиер денеска имаше примопредавање на должноста со Шарл Мишел, а функцијата ќе ја преземе на 1 декември. Тој лани како премиер беше во посета на Скопје, кога порача дека Лисабон ја поддржува Македонија на европскиот пат.