Силни дождови ја „потопија“ Британија, издадени над 180 предупредувања за поплави

Британската метеоролошка служба издаде повеќе од 180 предупредувања за обилни врнежи и поплави низ целата земја, а во тек е операција за спасување на возачите заглавени на поплавениот автопат М5, објавија денеска британските медиуми.

Како што јави Скај њуз, поплавен е и стадионот на локален фудбалски клуб, кој апелира за помош за санирање на последиците од невремето.

Дождот, кој паѓа со денови, најтешко ги погоди северните и централните делови на Англија и Велс, предизвикувајќи голем прекин на сообраќајот во Милтон Кејнс, Оксфордшир, Кембриџшир, Лестершир и Западен Мидлендс.

Нов жолт аларм е издаден поради силните ветрови кои се очекуваат во југозападна Англија и во Велс во недела.

Метеорологот Грег Духурст предупреди дека иако се очекува постепено намалување на врнежите, сепак постои ризик од локални поплави и излевање на реките, бидејќи тлото во многу делови од земјата е заситено од дождот што падна во последните неколку недели.

Невремето предизвика и бројни проблеми во патниот и железничкиот сообраќај.

Етичка дебата ја дигна Финска на нозе: Татко си го убил синот,нема да одговара за злосторството

Во градот Сеинајоки, Финска, се случил невиден случај на семејно насилство кога татко морал да пука во својот син.

Го убил. Кога полицијата ја разоткрила приказната и откриле што навистина се случило, сѐ отиде на суд. Сепак, таткото нема да одлежи казна, тој е слободен човек. А причината за незапамтеното злосторство и епилогот на приказната е застрашувачка...

Имено, момчето седело на појадок со мајка си кога буквално доживеало „напад“ и почнало да ја навредува жената со погрдни имиња. Потоа станал од масата, а мајка му го следела и ја турнал кон бањата.

Силни звуци го разбудиле таткото, кој го затекнал синот како ја прободува мајка си во бањата.

„Стоп“, врескала жената, но тоа не го спречило нејзиниот син да продолжи со убиствената треска.

Според зборовите на мајката, очите на момчето имале чуден израз, како да не е од „оваа планета“.

Таткото се обидел да интервенира, но момчето со кујнски нож во рацете не престанало да ја прободува мајка си. Затоа таткото решил да преземе брза акција. Земал пушка и ја вперил во синот, а како што вели целта му била „само да го рани“.

„Стоп“, извикал таткото пред да пука во грбот на синот, пишува iltalehti.fi.

Според зборовите на таткото, момчето се свртело токму кога пукнал. Наместо да го погоди во раката и рамото, куршумот ги пробил белите дробови и момчето паднало мртво на подот во бањата.

Ова кривично дело се случило на 3 јуни 2022 година, а единствен обвинет во случајот бил таткото, бидејќи синот бил мртов. Обвинителот побарал човекот да биде казнет за убиство од небрежност или за убиство во итна заштита. Таткото ги негирал и двете обвиненија.

Тој истакнал дека околностите биле толку тешки што од него не можело да се побара разумно решение.

Окружниот суд се согласил, според нив, постапката на таткото не само што била оправдана, туку и неопходна за да се запре насилниот потфат на синот.

Родителите наведуваат дека синот никогаш порано не бил проблематичен и дека најмногу се расправал со брат му и татко му, никогаш со мајка му.

Судот забележал дека таткото можел да употреби помалку опасно оружје, како што е тава, но дека најверојатно прибегнал кон пушка поради страв и психотичното однесување на неговиот син.

Таткото ја потврдил оваа приказна и изјавил дека пушката ја чувал како заштита од потенцијални крадци.

Обвинението за убиство од небрежност е отфрлено, а судот сметал дека таткото имал разумна причина да верува дека животот на неговата сопруга бил во опасност и дека морал брзо да дејствува.

Милано бара да се отстрани името на Силвио Берлускони од нивниот аеродромот

Спорот за аеродромот Силвио Берлускони во Италија продолжи кога и градот Милано побара да се смени името на аеродромот што го носи името на покојниот италијански премиер и медиумски магнат познат по скандали.

Градоначалникот Бепе Сала рече дека градот се придружил на повиците од други општини за промена на името доделено од Рим. Италијанските медиуми денеска јавуваат дека постапката пред управниот суд би можела да се одржи следната недела.

Екстремно десничарскиот министер за транспорт, Матео Салвини, се заложи и го одобри името, на што жестоко се спротивставија жителите на Милано.

Десничарската партија Форца Италија, основана од Берлускони, е дел од владејачката коалиција на премиерката Џорџија Мелони.

Сала, градоначалникот од партијата на левиот центар, тврди дека според законот, аеродромот може да биде именуван само по јавни личности чија смрт била пред повеќе од десет години.

Поранешниот аеродром Малпенса, на околу 50 километри од градот, во јуни официјално беше преименуван во аеродром Силвио Берлускони. Берлускони почина во јуни 2023 година на 86-годишна возраст. Претприемачот со недвижнини, кој стана медиумски магнат, основаше своја конзервативна партија Форца Италија во 1990-тите и влезе во политиката. Долго време беше и на чело на фудбалскиот клуб Милан.

Петмина се упасени поради ритуално жртвување дете „за напредок на училиштето“ (ВИДЕО)

Седумгодишно момче е убиено во државата Утар Прадеш во северна Индија за време на ритуална жртва „да му донесе среќа на своето училиште“, за што се уапсени пет лица, меѓу кои и таткото на момчето и директорот на училиштето.

Телото на момчето било пронајдено во неделата во угостителскиот објект каде што живеел во Хатрас, во близина на Таџ Махал на северот од земјата, изјави полицискиот службеник Брам Синг, јави денеска француската телевизија БФМ.

Покрај таткото на момчето и директорот на училиштето, уапсени се и тројца наставници.

Како што соопшти полицијата, сите уапсени го признале делото и се во притвор.

„Момчето требаше да биде запалено на клада како дел од ритуалот, но е убиено пред да заврши ритуалот“, прецизира локалната полиција.

Директорот на училиштето е осомничен и дека имал намера да го изврши истиот ритуал и врз друго дете.

Индиското Национално биро за статистика за криминал забележа 103 ритуални убиства во таа земја помеѓу 2014 и 2021 година.

притисни ентер