Силен дожд со град попладнево во Велес

Силен дожд со град попладнево околу 14 часот го зафати Велес. 

Велешките главни и споредни улици во ниските делови од градот беа поплавени со вода поради високата конфигурација на градот и нерешената атмосферска канализација. Движењето на сообраќајот по главните улици беше отежнато, а посебно на пешаците кои не можеа да ги преминат улиците од едната на другата страна.

Од Центарот за справување со кризи за МИА информираат дека засега нема пријавено штети од невремето.

Земјоделски стручњаци за МИА, појаснуваат дека поради силниот град очекуваат пријави од земјоделците за оштети на родот од градинарски култури и овошни дрвца.

Меџити го повика Јовев да му биде национален советник за кардиохирургија

Сакам да ми биде советник за трансплантација, кажа Меџити.

Сашко Јовев не менаџирал добро со Клиниката, се кршел Законот за здравствена заштита, има нерегуларности потврдени од Комисија на Министерството и затоа е санкциониран, ама сакам да ми биде советник за трансплантација, кажа Меџити пред камерите по брифингот со новинарите. Ќе одлучам дали ќе го разрешам и организацискиот директор, но да знаете дека во здравството не може никој да биде султан и не може вечно да биде на функција, раскажуваше Меџити на брифингот, тврдејќи дека Јовев му бил другар и одлуката не била субјективна и не се однесувала на поканата за отварање на хибридната сала, иако контролата од посебна комисија се спровела по настанот.

Пред новинарите, членовите на Комисијата што беа присутни на брифингот, помеѓу кои и Д-р Елена Ристеска кажаа дека контролата направена пред околу една недела потврдила дека вработените сестри, болничари, техничари и лекари не се евидентирале со картички за влез и излез, Клиниката не доставувала финансиски извештаи на шест месеци, а меѓудругото во 2022 се дежурало без да се добие согласност од Министерството. Изјава во камера не сакаа да дадат, ама зад неа кажаа дека не било физички возможно еден лекар 30 дена по 24 часа во неделата да оди на работа, да има 200 повици и 8 дежурства во еден месец. Иако спомена дека ги разбира реакциите во јавноста, Меџити одби да ја коментира изјавата на неговата заменичка Маја Манолева која за Канал 5 кажа дека не се согласува со неговата одлука.

Минисерот кажа дека контролата започнала откако дошол на функција и не се почнало токму од Кардиохирургија, туку се спроведувала во 20 болници, дел од директорите биле разрешени, а некои сами си заминале. Инаку, Клиниките за неврологија, дерматовенерологија, ендокринологија и уште неколку добија нови раководства, а токму директорските позиции беа предмет на договор за Алијансата за Албанците да влезе во Владата.

Оставките на двајца членови на Судскиот совет ќе бидат констатирани на утрешната седница

За утре во 11 часот е закажана седницата на Судскиот совет на која ќе треба да се констатираат оставките кои вчера ги поднесоа двајцата членови, врховната судијка Мирјана Радевска Стефкова и апелациониот судија Зоран Герасимовски.

Официјалните информации зошто двајцата се одлучија на ваквиот чекор се очекува да бидат објавени на седницата, иако Герасимовски вчера во куса изјава за Канал 5 кажа дека една од причините е тоа што Советот станал непродуктивен поради нерасчистените односи на одредени членови. Како ќе функционира советот понатаму и кога би се избрале нови членови засега останува непознато. Според Миша Поповиќ од Институтот за демократија оставките на двајцата членови се чекор во вистинаска насока, а неговите очекувања се дека и останатите ќе ги напуштат функциите во советот и ќе дадат можност на нови членови да продолжат со овозможување на независност и квалитет во работата на судството.

„ Ова е шанса за судската фела да покаже промена она што го пропушти во изминатитот период да го направи, а тоа е да побара одговорност од судскиот совет, сега има шанса да именува членови кои ќе застапуваат квалитет во правосудството.// Доколку видиме други оставки на оние членови што се бираат во Собранието очекувам промена и на дискусиите на процесот на номинација да се искористи добрата пракса од именувањата на ДКСК во која ќе има јавна расправа во Собранието. “-Миша Поповиќ – Институт за демократија

На утрешната седница на советот ќе се избира и нов потпретседател кој ќе седне на местото на досегашниот заменик Селим Адеми, кој заседаваше со седницата на која на скандалозен начин беше разрешена доскорешната претседателка Весна Дамева.

Мештани од Слупчане не дозволиле да се реконструира електродистрибутивната мрежа на ЕВН

200 селани од слупчане го блокирале влезот во селото и ги спречиле екипите на евн да влезат и да работат на реконструкција и модернизирање на мрежата.

Од ЕВН велат дека за проблемот информирано е МВР.

„Сѐ додека корисниците не дозволуваат да се работи, ќе се соочуваат со прекини во снабдувањето и сериозни дефекти како резултат на контуинирани кражби и злоупотреби во мрежата. Дефектите ќе се отстрануваат само доколку се создадат нормални услови за работа“, информираат од компанијата. И додаваат дека годишните загуби на струја во селото изнесуваат над 1 милион евра. Годишно, 80% од потрошената електрична енергија се краде, а само 20% се наплаќа. Со исти вакви проблеми евн долги години се соочува и во Арачиново.

притисни ентер