СДСМ утре ќе одржи два Конгреса – отчетен и за избор на ново раководство

СДСМ утре во Скопје ќе одржи два Конгреса –  отчетен за причините за катастрофалниот пораз на изборите, кој почна летото, но беше прекинат, како и Конгрес на кој претседателот Венко Филипче ќе предложи избор на ново партиско раководство.. 

Ќе успее ли Венко Филипче утре да ги обедини социјалдемократите и да избере ново раководство со кое партијата ќе застане на здрави политички нозе по историски најтешкиот пораз на парламентарните избори пред 5 месеци?

СДСМ утре во хотелот „Александар Палас“ ќе одржи два конгреса, како што претходно одлучи Централниот одбор на партијата. На едниот ќе изберат ново раководство и ќе ги дефинираат идните политики. Пред овој Конгрес ќе продолжат со отчетниот на кој требаше да се разгледуваат лошите изборни резултати, но беше одложен. Кои се имињата на кандидатите кои ќе го опкружат Филипче во партискиот врв, од СДСМ засега не откриваат.

-На конгресот ќе се изберат членови на највисокото партиско раководство, како и одлуки за новите политики во иднина. За сите детали и сите имиња, јавноста ќе биде известена утре, изјави портпаролката Кузеска.

Конгресот е само почеток на реформите во СДСМ, смета политичкиот аналитичар Петар Арсовски. Според него, прерано е да се прејудицира дали социјалдемократите веднаш ќе успеат да најдат нова приказна, но на Бихаќка, како што оценува, потребни ќе бидат многу работа, сериозни кадровски промени и ребрендирање. Или ќе успеат да се реформираат или нема да имаат изборен успех – оценува Арсовски.

-Конгресот е само почеток на реформите во СДСМ. Дали ќе успеат тие да најдат некаква нова стратегија и да се ребрендираат, тоа времето ќе покаже, но не може то да се очекува од еден Конгрес. Лошиот изборен резултат наговестува дека таму се потребни посериозни кадровски промени, промени на идеологија и промени на пристап кон политика и конгресот може да биде почеток на таквите промени, не може да биде крај. Така што мислам дека е прерано да се прејудицира дали тие на конгресот ќе успеат да најдат нова приказна или не, предизвиците ќе останат за нив, бидејќи се уште е рано во мандатот на новата влада која доби значително мнозинство, допрва предизвите ќе ги гледаме заклучно со локалните избори 2025, изјави Арсовски за Канал 5.

По двата Конгреси се очекува да биде извесно и дали ќе биде продолжен мандатот на Филипче до локалните избори догодина, а кој според актуелниот партиски статут треба да заврши во март 2025.

Утре, според најавите, ќе се формира нов состав на Централниот одбор, кој пак, според статутот, е надлежен да ги избере партиските потпретседатели и генералниот секретар, а новина, како што претходно соопштија од СДСМ, ќе биде изборот на двајца организациски секретари за засилување на оперативната работа на партијата. Останува да се види дали Филипче повторно ќе предложи жена за негов заменик-претседател. Досега на оваа позиција беше пратеничката Сања Лукаревска, а пред неа Радмила Шекеринска.

И викендов продолжуваат преговорите меѓу Владата и банките за унгарскиот кредит

Преговорите со банките за условите под кои бизнис секторот ќе може да ги користи 250-те милиони евра од унгарскиот заем продолжуваат и викендов.

Има придвижување во преговорите со банките околу тоа колкава ќе биде каматата што ќе ја плаќа бизнисот при користење на парите од унгарскиот заем најави премиерот Мицкоски. Тој појасни дека каматата од 3, 25% на заемот од 500 милиони евра од унгарија целосно ќе го плати државата а не банките. Сега се преговора со банките колку тие можат најниско да одат со камата кон бизнис заедницата за да ги покријат своите оператвини трошоци и ризици при пласирањето на овие пари.

Иако министерката за финансии Димитриеска Кочоска претходно изјави дека по состаноците на Министерството за финансии со секоја од банките поединечно, тие на свој завршен состанок веќе треба да ги додефинираат работите за парите од унгарскиот заем сепак според Мицкоски преговорите ќе се одвиваат викендов и има поместување на позициите околу висината на каматата што ќе ја плаќа бизнисот додека голем дел од банките кажале дека нема проблем со условите за давање до три години грејс период и до 15 години отплата.

Професорот Ванчо Узунов во својот став за интервјуто за Независен.мк вели дека заемот е земен без анализа и без реална потреба бидејки домашните банки се ликвидни и тие имаат пари и на свои редовни клиенти тие им даваат кредити со каматна стапка и под 3, 25% но ретко прифаќаат ризик со други компании и за нив се повисоки каматите и затоа тие компании немаат пристап до пари.

„Владата треба да прави системски мерки или закони и институции што ги спроведуваат и да го регулира добро работењето и на банките и на претпријатијата и на сите субјекти, а не да ги „моли“ во име на некаква си солидарност да даваат заеми беспари. Или, нека го користи даночниот систем. Тие се најпрофитабилни поради рамниот данок. Тоа не е молење од страна на Владата, туку е притисок. Да вршиш таков невиден притисок на приватни субјекти не е пазарно однесување. Земи им дел од профитот, пак ќе останат многу профитабилни. Притоа мислам на данокот на добивка, но прогресивен.“

Според професор Узунов, Владата сега го решава проблемот на погрешен начин. Работа на владата е да го уреди системот така што банките, да почнат да работат и со тие претпријатија со малку поголем ризик и да излезат од својата зона на комфор.

Богатите земји преговараат за зголемување на трошоците за климатски договор на 300 милијарди

Европската унија, САД и другите богати земји на самитот за климатски промени COP29 одлучија да ја зголемат глобалната финансиска цел на 300 милијарди долари годишно до 2035 година, изјавија извори за Ројтерс.

Промената дојде откако земјите во развој го оценија предлогот за договор од 250 милијарди долари, изготвен од претседателството на Азербејџан COP29, како навредливо низок.

Пет извори запознаени со разговорите зад затворени врати изјавија дека ЕУ прифатила поголема сума.

Два извори рекоа дека САД, Австралија и Британија исто така се согласиле.

Делегатите на конференцијата на ОН за климатски промени во Баку, Азербејџан, денеска наутро чекаа нов предлог за глобален договор за финансирање на борбата против климатските промени, а преговорите ќе траат цела ноќ.

Не е јасно дали земјите во развој се веќе запознаени со ревидираните позиции на богатите земји.

Портпаролот на Европската комисија одби да ги коментира преговорите.

Делегацијата на САД на COP29 не одговори на барањето за коментар.

Продажбата на автомобили во ЕУ со чуден тренд: Шпанија бележи рекорди, Германија разочарува

Продажбата на нови автомобили во Европската унија покажа охрабрувачки резултати за октомври 2024 година, со раст од 1,1 отсто во однос на истиот период минатата година, покажуваат податоците на Асоцијацијата на европски производители на возила (AСЕА).

Вкупно, во октомври се продадени 866.397 автомобили, што претставува благ пораст во однос на ланските 856.762, објави ЕТ Ауто.

Најголем раст е забележан во Шпанија, со раст на продажбата од 7,2 отсто, додека Германија, најголемиот европски пазар на автомобили, постигна значително закрепнување со раст од 6,0 отсто, по три месеци пад. Од друга страна, Франција и Италија забележаа значителни загуби, при што продажбата падна за 11,1 отсто, односно 9,1 отсто.

Продажбата на целосно електрични возила во ЕУ во октомври остана на пазарен удел од 14,4 отсто, но забележа пад на вкупниот обем од 4,9 отсто во споредба со октомври 2023 година. На годишна основа (јануари-октомври) пазарниот удел на електричните автомобили падна на 13,2 отсто од минатогодишните 14 отсто. Најголем пад е забележан во Германија, каде што продажбата паднала за цели 26,6 отсто.

Хибридните автомобили продолжија да растат, со продажбата зголемена за 17,5 отсто во октомври и пазарен удел од 33,3 отсто, додека автомобилите на бензин и дизел забележаа пад на продажбата од 6,8 и 7,6 отсто, соодветно.

Групацијата Фолксваген забележа зголемување на пазарниот удел од 24,9 отсто минатата година на 28,7 отсто во октомври 2024 година. Продадени се 248.535 возила, што е зголемување за 16,7 отсто. Најголем скок во групата оствари Škoda со раст од 25,5 отсто.

Од друга страна, Stelantis забележа пад на продажбата од 16,9 отсто, при што пазарниот удел е намален на 15,1 отсто. Намалувањето го предводеа брендовите како Citroen и Fiat, додека единствен исклучок беше Peugeot, со раст од 12,5 отсто во октомври.

Тојота и Волво продолжуваат да ги зајакнуваат своите позиции, забележувајќи раст на продажбата од 15,3 и 22,5 проценти соодветно. Volvo особено го истакна својот голем успех на годишно ниво, со раст од 32,9 отсто.

притисни ентер