Расте бројот на жртви во пукањето во училиште во САД: Четворица загинати, над 30 повредени

Според последните извештаи, четири лица загинале, а повеќе од 30 се повредени во нападот во средното училиште Апалачија во Виндер, американската сојузна држава Џорџија.

Како што јави Си-Ен-Ен, осомничениот напаѓач е уапсен. Ова се прелиминарни информации кои се предмет на промена.

Сите училишта во оваа област се затворени, а мерките за безбедност се зголемени. Засега не се знае дали напаѓачот е ученик на ова училиште.

Силни полициски сили излегле на лице место веднаш по добиената пријава за „активен напаѓач со огнено оружје“. Испратени се пет возила на брза помош, додека најтешко повредените со хеликоптер се пренесени во блиската болница.

Учениците се евакуирани на блискиот спортски терен. Набргу, голем број родители дојдоа да ги земат своите деца.

„Ќе ни бидат потребни неколку дена да одговориме на сите прашања во врска со пукањето. Бараме трпение од јавноста. Ве молиме дозволете ни да ги утврдиме фактите“, рече Џад Смит, шериф на округот Бароу, каде што се наоѓа училиштето.

Комеморација за актерката Снежана Стамеска

Комеморацијата во чест на починатата актерка Снежана Стамеска ќе се одржи денеска во 12 часот во фоајето на Драмски театар.

Стамеска беше првенка на Драмски театар Скопје и една од ведетите на македонското глумиште. Дипломирла на Театарската академија во Белград во 1970.

Од нејзиното вработување во 1971 до пензионирањето во 2010 Стамеска беше член на ансамблот на Драмски театар Скопје. Низ исклучително плодната актерска кариера одиграла преку седумдесет улоги во матичниот театар и на сцените на неколку други македонски театарски куќи.

Таа реализираше многу значајни телевизиски и филмски улоги.

Исклучителната популарност Снежана Стамеска ја стекна во одумдесетите и деведесетите години кога публиката ја засака во улогите на Пандора во Солунски патрдии (1979), Вера во Диво месо (1979), Сина во телевизиската серија Трст виа Скопје (1987), Вера во Среќна Нова '49 (1985), и Паца во Викенд на мртовци (1985).

Претседателската дебата меѓу Харис и Трамп привлече 57,5 ​​милиони гледачи

Дебатата привлече повеќе гледачи од онаа во јуни меѓу Трамп и тогашниот претседателски демократски кандидат, актуелниот претседател Џо Бајден, која ја следеа околу 51 милион луѓе.

Претседателската дебата меѓу демократската потпретседателка Камала Харис и републиканскиот кандидат Доналд Трамп привлече 57,5 ​​милиони телевизиски гледачи на седум телевизиски мрежи, покажуваат прелиминарните податоци на агенцијата „Нилсен“ објавени доцна синоќа.

Дебатата што се одржа завчеравечер беше прва тет-а- тет средба на кандидатите за претседателските избори на 5 ноември.

Дебатата привлече повеќе гледачи од онаа во јуни меѓу Трамп и тогашниот претседателски демократски кандидат, актуелниот претседател Џо Бајден, која ја следеа околу 51 милион луѓе.

По лошиот настап во оваа дебата, Бајден се повлече од изборната трка.

Бројките за гледаност на „Нилсен“ не ги вклучуваат луѓето кои ја следеле дебатата онлајн и низ баровите и рестораните. Конечните податоци што ќе ги вклучи и овие бројки ќе бидат објавени подоцна.

Рекордна гледаност досега е забележена во претседателската дебата во 2016 година, кога 84 милиони луѓе го следеа дуелот меѓу демократската кандидатка Хилари Клинтон и Доналд Трамп.

Седница на Уставен суд

 Уставниот суд денеска ќе ја одржи 23. седница на која меѓу другото ќе го разгледа и Законот за изменување и дополнување на законот за урбанистичко планирање, инцијатива поднесена од Хелсиншкиот комитет за човекови права. 

Со измените, како што тврди поднесувачот на иницијативата, се вметнува нова категорија, односно урбанистички проект за градби од стратешки интерес при тоа предвидувајќи нови правила за изработка и донесување на истиот, како и утврдување на правила различни од постоечките за процесот на одобрување на урбанистички проекти наведува подносителот. Се тврди дека со измените законодавецот цели кон тоа да ги заобиколи правилата за изработка и одобрување на урбанистичките проекти со целосно прескокнување на фази во процесот на одобрување.

Покрај тоа, ќе бидат разгледани и повеќе оспорени членови на закони, правилници и уредби меѓу кои и за Правилникот за стандардите за биоразградливост кои треба да ги исполнуваат кесите за носење на стоки, начинот на пуштање на пазар на биоразградливи кеси од страна на трговците, како и формата и содржината на образецот за водење евиденција и член 1 од Правилникот за изменување на наведениот правилник.

Според подносителите на иницијативата - Здружение „Помалку пластика” од Скопје, со донесување на оспорените одредби од правилникот, министерот кој раководи со животната средина излегол надвор од овластувањето бидејќи се впуштил во дефинирање на кесите за носење на стоки на начин што го менува опсегот на исклучок. Имено, според подносителите е интервенирано во дефиницијата за кеси за носење на стоки и како што стои во оспорените одредби се дефинираат како кеси со дебелина на ѕидот од 15 до 50 микрони, наместо кеси над 15 микрони. Се наведува дека во одредбите е спорно тоа што министерот не добил овластување од Собранието да го утврдува опсегот на биоразградливи кеси за носење на стоки за кои ќе се пропишуваат стандарди за биоразградливост.

притисни ентер