Претставата „Безгрешна“ на словенечкиот театар од Марибор вечерва на „Охридско лето“

Првата содржина од драмскиот дел на програмата на Фестивалот „Охридско лето“ е театарската претстава „Безгрешна“, поставка на Театарот Марибор од Словенија.

„Безгрешна“ (Immaculata) бара смисла во раните кои никогаш не можат да зараснат. Марија, мајката на Исус, се обидува да се сети на некои од зборовите, лицата и деловите од приказната во врска со смртта на нејзиниот син. Сеќавајќи се на тие длабоко вознемирувачки настани, Марија смело ги предизвикува сите големи и свети идеи. Всушност, тие прашања се начинот на кој таа ги задржала. Затоа што идеите умираат, ако не се оспорат. Immaculata е жена која е повеќекратно злоупотребувана и погрешно скована во слика, догма, инструмент на верата. Тоа е исповед на жена, избришана од историјата и претворена во слика која служи за воспоставување на насилна религија.

- Ако олтарот е каде и да клекнеме, тогаш мојот олтар е сцената. Местото каде што го поминав, со Томаж, целиот мој живот во театарот, тесно испреплетен со неговата интимна визија за светот, со неговите светли и мрачни соништа, кои тој, во својот творечки порив, ги живееше страсно, притоа искажувајќи ја својата Поезија и вистина, вели за претставата Ливија Пандур, која ја заврши поставката по ненадејната и прерана смрт на словенечкиот режисер Томаж Пандур.

Како што посочува таа, Immaculata е претстава што почнале да ја адаптираат од романот на Колм Тоибин за Словенечкиот национален театар од Марибор, сплетувајќи четиринаесет мисловни пејзажи, олтар на љубовта, загубата, осаменоста, потрагата по смисла во раните кои никогаш не исцелија.

- Со неговото заминување, мојата рана е толку длабока што може да ја носи само сцената. Нему му ја посветувам Имакулата, кој веруваше дека сè што влегува на сцената се трансформира со него, вели Ливија Пандур.

Продуцентката и режисерката Ливија Пандур студирала драматургија на Академијата за театар, радио, филм и телевизија во Љубљана, работела како драматург во различни театри во Љубљана. Од 1991 до 1996 година е драматург на Драмата на Словенечкиот народен театар – Марибор. Меѓу другите, таа била драматург за сите продукции на Томаж Пандур (1963-2016) „Шехерезада“ во Младинскиот театар во Љубљана; „Фауст“, „Хамлет“, „Кармен“, „Божествена комедија“, „Руска мисија“, „Вавилон“ во Словенечкиот народен театар во Марибор; „Хазарски речник“, „Сто минути“, „Тесла Електрик“, „Калигула“, „Војна и мир“, „Микеланџело“ во ХНК во Загреб, „Фауст“, „Кралот Лир“ во Атина. Автор е на повеќе театарски публикации, и ја објавува и ја уредува театарската монографија „Театарот на соништата“ во 2002 година.

Улогата на Марија ја толкува Наташа Матијашец Рошкер.

За вечерашната изведба на „Безгрешна“ е резервирана сцената во предворјето на црквата „Света Софија“ од 21 часот.

Децата кои ги преземаат родителските улоги најчесто ги развиваат следниве особини

Парентификацијата или преземањето на улогата на родителите, се случува кога децата преземаат одговорности и обврски од своите старатели. 

Децата стануваат одговорни за емоционалните потреби на родителите, а понекогаш и на помалите браќа и сестри, често обезбедувајќи им поддршка и утеха.

„Покрај тоа, тие преземаат и родителски задачи како што се управување со домаќинството и донесување одлуки. Овој дисфункционален модел најчесто се јавува поради недостаток на здравата родителска грижа и може да остави трајни последици врз децата, особено ќерките кои често се соочуваат со прекумерна одговорност и емотивен товар“, објаснува терапевтот Кејти Гилис за „Psychology Today“.

Исто така, ќерките кои ги преземаат улогите на своите родители уште во раното детство, можат да развијат одредени навики и особини. Според Гилис, ова се шесте најчести особини на ќерките кои поминале низ таквата ситуација како девојчиња.

1. Прекумерна одговорност и потпирање на себеси

„Ќерките кои во детството ја преземале улогата на своите родители честопати чувствуваат многу поголема одговорност за своите години. Тие стануваат исклучително независни затоа што рано научиле да се потпираат само на себеси“, вели Гилис.

2. Тешкотии со ранливоста

Научени секогаш да бидат „силни“, овие жени тешко покажуваат слабост и не бараат помош. Може да ги оптоварува помислата дека се зависни од другите.

3. Перфекционизам

Поради притисокот да ги оправдаат очекувањата, ќерките кои ја презеле улогата на родителите развиваат желба за совршенство. „Тие често се преоптоваруваат и исцрпуваат обидувајќи се да успеат во сите области од животот“, додава оваа жена терапевт.

4. Проблеми со поставувањето граници

„Поради раната изложеност на обврските за возрасните, девојчињата кои поминале низ ова во детството, тешко ги разликуваат сопствените потреби од потребите на другите, што ја отежнува грижата за себе и поставувањето здрави граници“, објаснува Гилис.

5. Потребата да помагаат или да ги „поправаат“ другите

„Ќерките кои во детството ги преземале одговорностите од своите родители, чувствуваат постојана потреба да се грижат за другите, често нарушувајќи ја сопствената благосостојба“, вели терапевтот. Ова може да ги доведе до односи во кои постојано ќе ја преземаат улогата на родител.

6. Тешкотии со довербата

"Ако девојчињата ги преземале сите овие обврски во детството, во зрелата возраст тие често влегуваат во односи со емоционално недостапни партнери. Тие може да се чувствуваат несигурно во интимните односи и да се борат да ја докажат својата вредност. Сепак, ако се борите со последиците од закрепнувањето од оваа траума во детството, побарајте поддршка од терапевт кој може да ви помогне“, заклучува Гилис.

Листа со најевтините божиќни базари во светот

Списанието за патувања „Condé Nast Traveler“ објави листа на најубави, но и најевтини божиќни пазари во светот.

Списокот е објавен според истражувањето спроведено од Post Office во потрага по најубавото, а истовремено и најевтиното дводневно божиќно патување за претстојните празници. Вклучени се цените за сместување од две ноќевања и превоз од аеродром, како и варено вино и разни деликатеси, но и цената за два оброка во ресторан со шише вино.

Братислава е на првото место

Словачката престолнина е рангирана на првото место според листата за најубави и најевтини адвентистички дестинации. Според резултатите од истражувањето, таму за дводневно патување ќе потрошите 610 евра.

На врвот на листата се најдоа градови од Источна Европа, а годинава за првпат се најдоа градови од Литванија, Словачка и Полска. Вклучени се и популарните дестинации како Виена и Берлин, кои завршија на дното на листата бидејќи се поскапи од другите.

Од градовите во регионот, Загреб се најде на 7-мото место, каде, според истражувањето, за дводневно уживање во празничната магија ќе потрошите во просек 778 евра.

Еве кои градови се вклучени во списокот:

1. Братислава (Словачка), 610 евра

2. Вилнус (Литванија), 613 евра

3. Рига (Латвија), 655 евра

4. Гдањск (Полска), 715 евра

5. Прага (Чешка), 727 евра

6. Будимпешта (Унгарија), 767 евра

7. Загреб (Хрватска) 778 евра

8. Краков (Полска), 814 евра

9. Стокхолм (Шведска), 884 евра

10. Талин (Естонија), 899 евра

11. Берлин (Германија), 1062 евра

12. Лил (Франција), 1063 евра

13. Виена (Австрија), 1140 евра

14. Копенхаген (Данска), 1186 евра

Мајка ја држела ќеркичката 3 години затворена во фиока, на суд го открила шокантниот мотив

Грозоморен случај на семејно насилство е откриен во Честер, Велика Британија, кога мајка три години ја држела својата ќерка затворена во фиока во креветот, поради што не можела да ја види светлината на денот или да дише свеж воздух.

Кога го пронашле девојчето, реакцијата на мајката ги изненадила сите.

Имено, жената била целосно мирна, без никаква реакција и емоции. Единствениот одговор кој го дала е потврдата дека ја чува ќерка си во кревет: „Да, во фиоката е“.

"Бев шокиран што мајката не покажа никакви емоции и изгледаше рамнодушно на спомнувањето на ситуацијата. Страшно е што детето цело време знаеше само едно лице", рекол социјалниот работник, пишува Manchester Evenings News.

Девојчето во фиока го открил партнерот на жената кој од собата го слушнал детскиот плач. Кога ја отворил фиоката бил во шок. Тригодишното девојче било толку неухрането што изгледало како седуммесечно бебе. Како што подоцна било утврдено, мајката ја хранела ќерката преку шприц и само со млечна храна.

Детето било пронајдено со повреди на телото, бушаво и запуштено. Имала видлива расцеп на непцето што никогаш не било медицински третирана. Таа не го знаела нејзиното име. Ништо не можела да препознае бидејќи три години од животот не видела ништо освен лицето на мајка си.

„Последиците за детето се катастрофални. Физички, психолошки и социјално“, вели обвинителот Стивен Еверет од Судот на Честер.

За време на едно испрашување, жената ѝ рекла на полицијата дека не знаела дека е бремена и дека била многу исплашена кога се породила во 2020 година. Таа исто така рекла дека фиоката во која се наоѓало бебето никогаш не била целосно затворена. Наводно, причина за ваквото однесување е насилниот однос кој го имала со таткото на детето, поради што не сакала тој да знае за неа.

Мајката, чие име не е објавено за да се заштити идентитетот на детето, се изјаснила за виновна по четири точки од обвинението.

Девојчето никогаш не ги запознало своите браќа и сестри за три години од нејзиниот живот. Не прославувала празници со нив, ниту пак ја напуштила фиоката. За прв пат била однесена во болница кога имала 10 месеци, кога веќе се забележувало дека е неухранета и дехидрирана. После тоа, нема информации дека мајката некогаш отишла на лекар.

„Сè уште не е јасен мотивот за ваквото однесување на мајката. Сега останува на обвинителството. Наша работа е да го изведеме одговорното лице пред лицето на правдата. Тоа сега е сторено и се надеваме дека девојчето ќе се опорави и ќе се снајде да живее нормален живот“, рече обвинителката Рејчел Ворингтон.

притисни ентер