Партиите и денеска ги продолжија преписките за ветингот и можната дестабилизација

Темата за меѓународен ветинг што повторно ја отвори ДУИ, во време на алармирања за можна дестабилизација на државата, веќе неколку дена е во фокусот на партиските препукувања меѓу власта и опозицијата.

Од „Вреди“ и денеска ги прозваа „интегративците“ дека на кукавички начин, како што велат, ја лажат јавноста дека корумпираните се во другите партии и сакаат да се претстават како жртва за да ги заштитат своите криминали. Правосудната одговорност за политичка корупција не може да биде меѓународен проблем, реагираат од Вреди, тоа според нив е домашна задача за државниот систем.

- За прво место во категоријата “најсмешни моменти” може да конкурира барањето на ДУИ за меѓународен ветинг. Постои ли покредибилен меѓународен ветинг за некој политичар од црната листа на САД? Да го имаш еден Рамиз Мерко во своите редови, главен политички емисар да ти е Мендух Тачи и да зборуваш за меѓународен ветинг е дрско потценување на Албанците од кои 22 години си барал поддршка на избори, велат од коалицијата.

Од ДУИ, пак, се изненадени и загрижени од реакцијата, како што велат, против барањето за меѓународно надгледуван ветинг кој според нив ќе ставел крај и на урбаниот криминал.

-Дали е ова очигледен страв поврзан со криминалната активност на олигарсите на урбаната мафија во општините, создавајќи ги најбогатите олигарси збогатени на незаконски начин? Време е за правда, преку меѓународно надгледуван ветинг, реагираат од Мала Речица.

Од интегративците нема став за алтернативниот предлог на кој инсистира Вреди - уставен амандман за борба против корупција наместо меѓународен ветинг, но од ВМРО-ДПМНЕ веќе соопштија дека нема да го поддржат.

Во меѓувреме продолжуваат партиските прозивки меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ околу најавите за можна дестабилизација на државата.

Од ВМРО-ДПМНЕ прашаа: „Кога ќе се охрабри Венко Филипче и ќе ги осуди ДУИ? Или се надева дека тие ќе креваат протести кога ќе треба да одговараат и тој и неговите корумпирани функционери? Дали СДС е до толку безидејна?, велат од владејачката партија.

Одговорија од СДСМ. Стравот од Венко Филипче кај ВМРО-ДПМНЕ е голем, а Владата разочарува во секој поглед, реагираат оттаму.

„Наместо ВМРО-ДПМНЕ да глуми таблоид кој сее шпекулации и апелира, повелете докажете си ги сите обвинувања. Кога владеачка партија која има двотретинско мнозинство само апелира наместо да делува, тоа само ја потврдува нејзината неспособност“, стои во реакцијата од социјал демократите.

Видео: Новак Ѓоковиќ ги насмеа следбениците, танцуваше грчки танц на лента за трчање

На Дејвис куп тестот вчера Србија поведе со 2:0 против Грција во Белград, а тој втор бод го донесе Новак Ѓоковиќ совладувајќи го Гркот Јоанис Ксилас со 6:0, 6:1.

Новак пред натпреварот ги насмеа сите свои следбеници на социјалните мрежи објавувајќи видео во кое покажа како се подготвува за натпреварот.

„Смешен начин да се подготвите за натпреварите против Грција“, напиша тој во описот на неговото видео на TikTok, кое собра повеќе од 655.000 прегледи за само еден ден. Имено, додека бил во теретана, Ѓоковиќ на лентата за трчање го играл познатиот грчки танц - сиртаки.

@djokernole Fun way to prepare for the matches vs Greece 🇬🇷 brothers #tennis #serbia #greece #daviscup ♬ original sound - Novak Djokovic

Освен Срби и луѓе од соседните земји, во коментарите му одговорија и Грци. „Ве обожаваме во Грција. Секогаш сте добредојдени“, „Ви испраќаме голем поздрав од Грција“, „Дојди овде да танцуваме“, продолжија коментарите.

„Веќе можам да видам дека можеби ќе почне да танцува кога ќе се пензионира“, гласи еден од коментарите.

Рама: Австријци во Корча ќе го градат првиот ски-центар во Албанија

Албанскиот премиер Еди Рама најави изградба на првиот ски-центар во земјата, додавајќи дека тоа ќе биде во Корча, а инвеститорот ќе биде од Австрија.

- Наскоро со Божја помош, никогаш не се знае што ќе се случи следниот ден во овој живот, ќе започнеме со изградба на првиот ски-центар кој ќе биде во областа на Корча. Станува збор за фантастичен проект од група многу сериозни инвеститори од Австрија, рече Рама.

Според него, и архитектите се Австријци, автори на најпознатите одморалишта во Австрија и Швајцарија.

-Ова ќе биде првиот ски-центар. Владината намера е Албанија да ја претвори во туристичка дестинација и за зимската, а не само летната сезона, посочи Рама во поткастот „Зборуваме".

Додаде дека, како резултат на визијата на владата и вложувањата, неговата земја станала барана дестинација, која во изминатите осум месеци од годинава ја посетиле над 8,5 милиони туристи. /МИА

Зеленски: Украина трпи големи загуби поради бавната испорака на оружје

Украинските војници трпат големи загуби поради бавното пристигнување на западното оружје за соодветно опремување на вооружените сили, изјави претседателот на Украина Володимир Зеленски во интервју за Си-Ен-Ен.

Зеленски истакна дека ситуацијата во источниот дел на земјата е „многу тешка“, додавајќи дека половина од украинските бригади таму не се опремени, пренесува БТА.

- Затоа губиме многу луѓе. Ги губиме луѓето затоа што немаат борбени возила... немаат артилерија, немаат артилериски гранати, рече Зеленски.

Тој, исто така, забележа дека оружјето ветено од САД и европските земји пристигнува многу бавно.

- Потребни ни се 14 бригади за да бидеме подготвени. Досега... од овие пакети [со пратки оружје] не опремивме ниту четири, посочи украинскиот претседател.

Зеленски овој месец треба да се сретне со американскиот претседател Џо Бајден и ќе му претстави план за ставање крај на војната. Главните елементи се безбедносна и дипломатска поддршка, како и воена и економска помош, најави Зеленски.

Се очекува тој да му ги повтори на Бајден барањата да и се дозволи на Украина да користи американско оружје со долг дострел за да напаѓа длабоко на руска територија.

- Единственото нешто од што се плаши рускиот претседател Владимир Путин е реакцијата на неговиот народ ако цената на војната ги натера да страдаат. Направете ја Украина силна и ќе видите дека тој ќе седне и ќе преговара, рече Зеленски./МИА

притисни ентер