На синот на норвешката принцеза му е одреден еднонеделен истражен притвор

На синот на норвешката принцеза Мете-Марит, Мариус Борг Хојби, му беше одреден еднонеделен притвор под обвинение за силување.

Во понеделникот полицијата го уапси Хојби (27), кој е син на норвешката принцеза и посинок на престолонаследникот Хакон, под сомнение дека имал сексуални односи „со некој кој бил без свест или поради други причини не можел да се спротивстави на тој чин“.

Адвокатот на Хојби, Ејвинд Братлиен, рече дека неговиот клиент е невин и дека се противи на превентивниот притвор.

Судот одлучи рочиштето да се одржи зад затворени врати.

По тој повод се огласи и престолонаследникот Хакон кој рече дека случајот ги погодил сите во семејството. „Ова се сериозни обвиненија со кои сега се соочува Мариус, и секако мислиме на сите оние кои се повредени“, изјави Хакон за норвешката јавна телевизија НРК додека беше во официјална посета на Јамајка.

Полициската истрага се уште е во тек, а датум за судење не е одреден.

Полицијата соопшти дека Хојби се соочува и со обвинувања за насилство врз други жени и употреба на дрога. На 4 август тој е осомничен за физички напад врз жена со која бил во врска. Во подоцнежната изјава за медиумите, Хојби призна дека и нанел телесна повреда додека бил под дејство на кокаин и алкохол и дека и го оштетил станот.

Хојби нема кралска титула и не е во линијата на кралското наследство.

ПСЖ задоцнија еден ден, 55 милиони евра наскоро ќе легнат на сметката на Мбапе

Килијан Мбапе треба да ја зголеми својата банкарска сметка за 55 милиони евра, сума за која францускиот напаѓач и неговиот поранешен клуб Пари Сен Жермен се борат во судски спор.

Според последните информации, Мбапе е на чекор од добивање на бараната сума.

Мбапе во летниот преоден рок пристигна во Реал Мадрид како слободен играч. ПСЖ, за кого Мбапе постигна 256 гола и забележа 108 асистенции на 308 натпревари, не заработи во тој бизнис. Токму ова е темата на спорот. Парискиот клуб тврди дека Мбапе рекол дека нема да замине, а од тоа нема да има корист ПСЖ и дека дел од договорената плата ќе остави во клупската каса. Од страната на Мбапе тврдат дека немало таков вербален договор.

Претходно се пишуваше дека Мбапе не ја добил платата за април, мај и јуни и дел од бонусот од 80 милиони евра, ветени за потпишување на продолжување на договорот и дека бара 55 милиони евра. Адвокатскиот тим на Мбапе за ова одамна ги известил УЕФА, Француската фудбалска федерација и раководството на лигата. Пред Комисијата на Француската професионална фудбалска лига (LFP) минатиот месец, Мбапе презентираше докази кои беа прифатени.

Француската фудбалска федерација и ЛФП одредиле ПСЖ да мора да му ги исплати на Мбапе неговите побарувања, а ПСЖ не го стори тоа до одреден рок. Тој имаше десет дена да поднесе жалба на одлуката до Федерацијата. Се жалеше на единаесеттиот ден по донесувањето на одлуката, а Федерацијата автоматски ја одби жалбата.

Најмалку 33 луѓе загинаа во судир помеѓу сунитите и шиитите во североисточен Пакистан

Најмалку 33 луѓе загинаа, а 25 се повредени во судир помеѓу сунитски и шиитски групи во областа Курам, североисточен Пакистан.

Полицијата соопшти дека вооружени напаѓачи запалиле продавници, куќи и владин имот во градовите Баган и Баха Кот. Племињата Ализаи и Баган и денеска се борат во регионот Курам.

Шиитските муслимани сочинуваат околу 15 отсто од 240-милионското население во мнозинскиот сунитски Пакистан, кој има историја на верско непријателство меѓу шиитите и сунитите.

Десетици сунитски и шиитски припадници загинаа од јули, поради спор околу земјиштето во Курам, кој подоцна доби религиозна димензија.

Сообраќајот во западниот дел од државата по влажни коловози

Авто мото сојузот на Македонија утринава информира дека сообраќајот на државните патишта во западниот дел од државата се одвива претежно по влажни коловози, а во источниот дел по суви коловози. 

Внимателно возење се препорачува низ котлините, речните долини и клисурите каде има можност за појава од одрони.

Интензитетот на сообраќај надвор од градските средини е умерен, а на граничните премини од македонска страна утринава нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

Од 15 ноември започна и законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба.

Според информациите од Управата за хидрометеоролошки работи, снег паѓа во Крушево, а слаб снег провејува во Петровец и Тетово, додека засилен ветер дува во Штип. Од ноќва се очекува умерен, а долж Повардарието засиелн северен ветер кој ќе надминува и брзина од 70 километри на час.

притисни ентер