Ќе успее ли Венко Филипче утре да ги обедини социјалдемократите и да избере ново раководство со кое партијата ќе застане на здрави политички нозе по историски најтешкиот пораз на парламентарните избори пред 5 месеци?
СДСМ утре во хотелот „Александар Палас“ ќе одржи два конгреса, како што претходно одлучи Централниот одбор на партијата. На едниот ќе изберат ново раководство и ќе ги дефинираат идните политики. Пред овој Конгрес ќе продолжат со отчетниот на кој требаше да се разгледуваат лошите изборни резултати, но беше одложен. Кои се имињата на кандидатите кои ќе го опкружат Филипче во партискиот врв, од СДСМ засега не откриваат.
-На конгресот ќе се изберат членови на највисокото партиско раководство, како и одлуки за новите политики во иднина. За сите детали и сите имиња, јавноста ќе биде известена утре, изјави портпаролката Кузеска.
Конгресот е само почеток на реформите во СДСМ, смета политичкиот аналитичар Петар Арсовски. Според него, прерано е да се прејудицира дали социјалдемократите веднаш ќе успеат да најдат нова приказна, но на Бихаќка, како што оценува, потребни ќе бидат многу работа, сериозни кадровски промени и ребрендирање. Или ќе успеат да се реформираат или нема да имаат изборен успех – оценува Арсовски.
-Конгресот е само почеток на реформите во СДСМ. Дали ќе успеат тие да најдат некаква нова стратегија и да се ребрендираат, тоа времето ќе покаже, но не може то да се очекува од еден Конгрес. Лошиот изборен резултат наговестува дека таму се потребни посериозни кадровски промени, промени на идеологија и промени на пристап кон политика и конгресот може да биде почеток на таквите промени, не може да биде крај. Така што мислам дека е прерано да се прејудицира дали тие на конгресот ќе успеат да најдат нова приказна или не, предизвиците ќе останат за нив, бидејќи се уште е рано во мандатот на новата влада која доби значително мнозинство, допрва предизвите ќе ги гледаме заклучно со локалните избори 2025, изјави Арсовски за Канал 5.
По двата Конгреси се очекува да биде извесно и дали ќе биде продолжен мандатот на Филипче до локалните избори догодина, а кој според актуелниот партиски статут треба да заврши во март 2025.
Утре, според најавите, ќе се формира нов состав на Централниот одбор, кој пак, според статутот, е надлежен да ги избере партиските потпретседатели и генералниот секретар, а новина, како што претходно соопштија од СДСМ, ќе биде изборот на двајца организациски секретари за засилување на оперативната работа на партијата. Останува да се види дали Филипче повторно ќе предложи жена за негов заменик-претседател. Досега на оваа позиција беше пратеничката Сања Лукаревска, а пред неа Радмила Шекеринска.