Коцевски: Ќе продолжам да работам професинално и согласно законите

Ќе продолжам да работам професинално и согласно законите, ако евентуално сум згрешил условите за мое разрешување се содржани во Законот.

Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски денеска одговарајќи на новинарски прашања пред почетокот на седницата на Советот на јавни обвинители во врска со забелешките за работата на правосудниот систем и конкретно на Обвинителството, како и дали очекува негова смена истакна дека тој ќе продолжи да работи професионално и согласно законите, а доколку евентуално направил грешка, условите за негово разрешување се согласно Законот за јавно обвинителство.

-Ова прашање го имам одговорено и претходно. Јас ќе продолжам да работам најпрофесионално, законито и чесно и се што е во мојата надлежност, што значи дека останатите политички изјави не можам да ги коментирам. Доколку евентуално имам сторено некаква грешка условите се согласно Законот за јавно обвинителство за евентуално разрешување на јавниот обвинител, одговори Коцевски на прашањето дали очекува смена, со оглед на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски дека го имаат потребното мнозинство, но и дека дава шанса на сите да докажат дека ја работат својата работа.

Коцевски денеска се осврна и на критиките за работата на правосудниот систем, упатени од премиерот, кој пред два дена изјави дека секогаш кога треба да се имплементира правдата, некој добива дијареа, температура или анксиозност и најави „робусна акција“ за справување со корумпираните обвинители и судии.

Државниот обвинител рече дека ова се однесувало на еден случај од пред дваесетина дена, кога, според тоа што го соопштиле тогаш обвинителите се работело за вирус, односно здравствен проблем. Рече дека предметниот обвинител имал вирус и не можел да дојде на закажаниот состанок, истиот се одложил за три до пет дена, а потоа присуствувал и од тогаш до денеска се одржале неколку состаноци со надлежните служби од полицијата за евентуална координација на одредени предмети.

Тој не сакаше да каже за кој предмет станува збор, но рече дека се работи за предмет во надлежност на Основното јавно обвинителство - Скопје. На прашањето за коj обвинител станува збор рече: „се работи за обвинителот што работеше конкретно на предметот и се уште е со предметот и има координација со полицијата неколку пати од тогаш до денес“.

Коцевски изјави дека Обвинителството ќе преземе се што треба, кога до него ќе дојдат процесирани случаи и потсети на изјавата на министерот Панче Тошковски дека ќе бидат проверени 500 поранешни и сегашни функционери за кои што постојат индиции дека приложиле лажни сертификати по англиски јазик.

-Ако се сеќавате на настан, кој го организираше ЗНМ, министерот за внатрешни работи кажа дека има околу 500 фалсификати, што значи тој ја знаеше и бројката, а најверојатно знаел и кои се лицата. Според тоа, МВР има доставено одредени кривични пријави и сега е на потег МВР. Овде не може да се постапува по допрен глас, затоа што тие ги имаат конкретните лица. Така што, доколку има навистина 500-тина чекаме да се процесуираат и Обвинителството ќе преземе се што треба, рече Коцевски.

Во однос на изборот на новиот УО на Академијата за судиии, дали процесот може да се забрза и дали според него изборот на директорот е статутарен, рече дека од денеска Академијата има нов УО и тој таму номинирал јавен обвинител согласно Законот за јавно обвинителство.

- Во однос на тој дел од денеска има нов Управен одбор и од моја страна е номиниран јавен обвинител, согласно Законот за јавно обвинителство да биде член на УО. Во однос на постапката дали била законита или не и во тој дел имав изјава со тоа што во Статутот на Академијата за судии и јавни обвинители не е строго определено начинот на којшто евентуално ќе биде гласањето, што значи дека таму има да не речам нејасна една одредба со тоа што ценам дека гласањето беше јавно, имаше медиуми. За да биде тајно гласањето треба да има посебна постапка, треба да има кутии за гласање, треба да има ливчиња итн., а начинот на гласање УО тогаш донесе одлука да биде така, присуствуваа медиумите. Сега има тужба од страна на еден од кандидатите што не бил избран, Управниот одбор ќе одлучи, рече Коцевски.

Кина откри најголемо наоѓалиште на злато со проценета вредност од 76 милијарди евра

Во провинцијата Хунан, Кина откри најголемо наоѓалиште на злато во светот, кое според проценките содржи 1.000 тони злато со вредност од 76 милијарди евра, пренесе „Дејли мејл“ повикувајќи се на кинески државни медиуми.

Геолозите користеле модерни методи на истражување и 3Д моделирање за да идентификуваат структура на 40 златни жили на длабочина од околу 1.600 метри под рудникот Вангу. Според податоците на Геолошкиот институт на Хунан, овие жили содржат околу 300 тони злато, а подлабоките слоеви можат да кријат уште поголеми резерви.

Откритието предизвика зголемување на цената на златото на светските берзи, кое сега е блиску до историскиот максимум. Кина, која веќе учествува со 10 проценти во глобалното производство на злато, дополнително ја зајакнува својата позиција како водечки производител.

Експертите оценуваат дека златото останува сигурна инвестиција во време на економски и политички нестабилности, а трендот на намалување на каматните стапки дополнително ја зголемува неговата атрактивност.

Засилени инспекции на Пазарниот инспекторат по повод „Black Friday“

Засилени инспекции на Пазарниот инспекторат по повод „Black Friday“ и непочитувањето на Законот за заштита од пушење.

Државниот пазарен инспекторат ќе врши редовни и вонредни надзори за време на викендот, а посебно внимание ќе биде посветено на продажните акции за „Black Friday“ со цел спречување на доведување во заблуда на потрошувачите и примена на измамнички трговски дејства.

Од Пазарниот инспекторат информираат дека до нив во континуитет пристигнуваат поплаки за пушење во угостителските објекти поради што ќе се вршат и надзори согласно Законот за заштита од пушење.

Апелираат до сите трговци и угостители, да ги почитуваат законите, а своите дејности и услуги да ги вршат во согласност со законските прописи.

-Исто така, ги охрабруваме граѓаните, секоја неправилност која ќе ја забележат да ја пријават во Државниот пазарен инспекторат на 191 или на www.dpi.gov.mk, стои во објавата од Државниот пазарен инспекторат.

Стојкоски: Затекнавме општина во долгови и населени места без инфраструктура

Зад нас се три години  посветена работа, работа со која создававме дела, работа на проекти кои ја обликуваат иднината на нашата општина и проекти кои ќе останат запаметени за идните генерации.

Почитувани сограѓани, драги Ѓорче Петровци

Зад нас се три години посветена работа, работа со која создававме дела, работа на проекти кои ја обликуваат иднината на нашата општина и проекти кои ќе останат запаметени за идните генерации. Вашата поддршка беше најголемиот мотив за нашата работа, особено во миговите кога пред нас стоеја најголемите предизвици.

Ѓорче Петров од општина заглавени во финансиски проблеми, во проекти со затекната нерешена инфраструктура.

Денеска е општина која расте и се модернизира, благодарение на заедничкиот труд и домаќинското управување со финансиите.

Во Ѓорче Петров, започнати се и реализирани капитални дела кои остануваат за идните генерации:

Во Стопански Двор започнавме изградбата на новата детска градинка, со сместувачки капацитет од приближно 120 дечиња и најсовремени услови за истите. Успеавме да ги прошириме капацитетите на градинката Детелинка за 100 нови дечиња. Ја отворивме новата градинка Сонце со капацитет од 200 дечиња, што го ставивме во фокус силно предучилишното образование и развојот и потребата за нови капацитети за сместување во градинките.

Во градинката Пампурче го отворивме и првиот сензорен центар за деца во Република Македонија.

Создаваме подобри услови за сите ученици во сите училишта на територијата на општина Ѓорче Петров.

За прв пат се гради спортска сала во подрачното училиште во населбата Хром

А направивме и доградба на две училишта едното во Ново Село и во Хром со којшто овозможивме подобри услови за следење на наставата и максимално останавме посветени на нашиот фокус за едносменско работење во сите училишта во Ѓорче Петров.

Во Ѓорче Петров се гради и првиот социјален клуб во земјата наменет за адолесценти и возрасни со аутистичен спектар.

Пред една година ја отворивме и новата општинска зграда што значи конечно централизирани услуги и подостапен систем за граѓаните на едно место.

Решаваме комунални проблеми на цела територија на општината Ѓорче Петров, го решивме и деценискиот проблем со водоснабдувањето на село Кучково и изградивме целосно нов систем на водоснабдување.

Кучково доби и партерно уредување и нов рекреативен центар кој претставува убавина не само за Ѓорче, туку и за жителите на градот Скопје.

Населените места во Ѓорче Петров интензивно добиваат нови фекални канализациони мрежи и амтосферски канализациони мрежи.

Големиот проект за реконструкција на улицата Радушка опфати поставување на 2400 метри нова канализациона, фекална и атмосферска мрежа, а во завршна фаза изведба на последната трета фаза од реконструкција на коловозот со што Ѓорче Петров ќе добие нова улица како главна артерија во срцето на општината.

Поставена е и нова атмосферска канализација на улиците Манчу Матак и Волковска.

А со проектот „Ѓорче Петров без кал“, само засега опфативме над 80 улици во Ѓорче Петров, што означува и најголем инвестициски циклус во историјата на општината.

Во с. Орман е изградена нова пречистителна станица, додека во Ново Село изграден е нов парк за рекреација, ново урбано катче во кое имаат можност за рекреација сите генерации.

Направивме бум и во делот на инвестирање во спортската инфраструктура:

Со обнова на спортските комплекси „Бранители“ и „Даме Груев“ во Ѓорче Петров поставена е нова подлога во приближна големина од околу 3000 метри квадратни нови игралишта.

Дополнително успеавме да изградиме и два нови терени на вештачка трева во близина на ООУ „Димитар Поп Георгиев Беровски“ стадионот Македонија, Ѓорче Петров и остануваме посветени до крајот на оваа година да реализираме уште две фудбалски игралишта со вештачка трева во дворот на ООУ „Мирче Ацев“ и во дворот на ООУ „Страшо Пинџур“.

Во изминатите три години исто така работевме забрзано на урбанизација и модернизација на општината Ѓорче Петров:

Го донесовме и (ДУП) за планот СЗ 16, со којшто Ѓорче ќе прерасне во еден модерен и една атрактивна општина.

Наместо станбена зграда, започнавме постапка за катна гаража до пазарчето во Ѓорче Петров, со што сакаме да го решиме долгогодишниот проблем со паркирањето во овој дел.

А во Кучково во завршна фаза е и изградбата на првиот Регионален центар за ресоцијализација на деца коишто го победиле канцерот.

Конечно, имаме силен и посветен партнер за соработка во Владата на Република Македонија.

Веќе имаме одобрено проекти за изградба на локален пат од Волково до село Орман за пробивање на ул.„ Социјалистичка Зора" кон ул. Фронт, како и за реконструкција на повеќе улици од посебно значење за општината ул."Николај Островски во Даме Груев улиците "Никола Вукмировиќ" и "Вера Циривири" во населбата Ѓорче Петров и проширување на делот од патот кој води кон училиштето во с.Кучково.

Ова се резултати кои зборуваат за нашата заедничка работа. Вашата поддршка беше клучна во сиот изминат период, а мојата и посветеноста на општинската администрација останува непроменета. Продолжуваме да го менуваме Ѓорче за доброто на сите нас.

Нашата визија за Ѓорче Петров се остварува, со работа создаваме дела, а Ѓорче Петров преминува во една модерна и урбана општина.

Александар Стојкоски, градоначалник на општина Ѓорче Петров

притисни ентер