Кина организира воени вежби во Јужното Кинеско Море по разговорите со САД

Кинеската морнарица и воздухопловните сили организираа маневри во спорните делови на Јужното Кинеско Море, соопштија кинеските вооружени сили. 

Ова се случи неколку часа откако кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји разговараше за начините за намалување на регионалните тензии со американскиот државен секретар Ентони Блинкен.

Кинеските маневри вклучуваа „рутински“ вежби за рано предупредување и извидување, како и патролирање кај гребенот Скарборо, се вели во соопштението на јужната команда на Народноослободителната војска на Кина, без да даде дополнителни детали.

„Борците одржуваат високо ниво на будност, одлучно чувајќи го националниот суверенитет, безбедноста и поморските права и интереси и решително зачувувајќи го мирот и стабилноста во Јужното Кинеско Море“, се вели во соопштението.

Кина има претензии за речиси целото Јужно Кинеско Море, вклучувајќи го и гребенот Скарборо. Претензиите во тие води имаат и Брунеи, Малезија, Филипини и Виетнам.

Експлозии и пожари во повеќе руски области, на удар и воен камп (ВИДЕО)

Руските телеграмски канали објавија експлозии во регионот Краснодар и во регионите Ростов, Воронеж и Волгоград.

Телеграмскиот канал Астра објави дека се слушнале експлозии во близина на воениот камп во Јејск и дека нападот најверојатно бил извршен со беспилотни летала.

„Луѓето од Јејск и Краснодарскиот регион зборуваат за експлозии што одекнаа во близина на воениот камп, каде што се наоѓа и аеродромот на руската морнарица - 859-от центар за борбена употреба и преквалификација на персоналот за летање на поморската авијација и 190-от мешан авијациски полк за обука на морнарицата “, тврди Астра, пренесува „Украинска правда“.

Експлозии се регистрирани и во Цимлијанск во Ростовската област. Русите претходно објавија дека десетици дронови на украинските вооружени сили се движат кон енергетски и стратешки важни воени објекти во регионите Волгоград, Тамбов, Ориол, Липецк, Тула и Саратов.

Гувернерот на Краснодарската област тврди дека во селото Шабелскоје, соборен дрон удрил во дрво и експлодирал, скршејќи ги прозорците и вратите на блиската куќа и оштетувајќи автомобил. Гувернерот на Ростовската област изјави дека силите за противвоздушна одбрана уништиле четири беспилотни летала во областа Азов.

Гувернерот на Воронежската област извести дека неколку соборени дронови слетале во Воронеж, предизвикувајќи пожари. Локалните жители известија дека слушнале најмалку 10 експлозии. Подоцна, каналите Телеграм објавија повеќе експлозии во Воронеж, како и експлозии и пожари во регионот на Волгоград.

Спасовски: Кредитот од Унгарија е договорен вонинституционално и не е добар за државата

Кредитот од Унгарија е договорен вонинституционално, сите разговори се водени од опозиција, има сомнежи за корупција и дека парите се всушност кинески, вели во интервју за Радио слободна Европа пратеникот на СДСМ, Оливер Спасовски.

-Ние ги кажавме нашите аргументи зошто сметаме дека ваквото задолжување не е добро. Беше договорено вонинституционално. Вие имате партија и лидер во опозиција кој најавува и преговара дека ќе има одредено задолжување од 1 милијарда евра. Сите разговори и договори се одвиваа вонинституционално. Тоа јасно покажува, ако работите ги правите вонинституционално не се во интерес на државата, рече Спасовски.

Второ, укажувавме и на одредбите кои стојат во делот на провизиите и трошоците кои воопшто не се дефинирани во законскиот текст и можат да бидат од до одредена сума која секако може да биде коруптивна, додава Спасовски.

-Најважно е што сите сомнежи дека тоа се во суштина пари од Кина, кои ги има земено Унгарија и понатаму се пласирани во државата. И во тој аспект, сметаме дека апсолутно ниту е добро, ниту е поволно, ниту ќе допринесе за подобрување на животниот стандард на граѓаните, вели во интервју за Радио слободна Европа пратеникот на СДСМ, Оливер Спасовски.

Трипуновски: Сè уште не е утврдена производната цена за оризот

Производната цена на оризовата арпа, што претставува основа за формирање на откупната цена, сè уште не е утврдена, информираше министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски.

Производната цена на оризовата арпа, што претставува основа за формирање на откупната цена, сè уште не е утврдена, информираше министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски, при денешната посета на традиционалното рачно зажнејување во рамки на манифестацијата „Денови на кочанскиот ориз“.

Нагласи дека за да им помогне на оризопроизводителите при пласманот, државата ќе откупи дел од овогодишното производство за потребите на стоковите резерви.

- Производна цена од оваа реколта не сме утврдиле. Со заклучок на Влада е задолжена Агенцијата за стокови резерви да ги измени сите правилници, уредби и програми и да се превидат средства за 2025 година, кадешто оризот, согласно Законот за стокови резерви, ќе се откупува за чување за потребите на државата. Првичните информации се дека ќе имаме зголемен род и богата жетва, согласно на тоа и квалитетот ќе биде добар, односно рандманот ќе биде висок во однос на претходните години, истакна Трипуновски.

Во врска со поплаките од земјоделците дека поради увоз на бел ориз на залиха имаат околу пет илјади тона оризова арпа од минатогодишното производство, министерот нагласи дека не се работи за големи количини што можат да влијаат за намалување на откупните цени.

- Согласно информациите што ги добив од Државниот земоделски инспекторат нема сериозна количина увезен ориз, онаа количина што е во минимални рамки ја контролираме согласно квалитетот и безбедноста што треба да бидат запазени. Наша цел е кај оризот, но и кај сите останати култури, да работиме да го заштитиме домашното производство. Преостанатите залихи од минатата година се многу помали, во разговор со компаниите тие почнуваат да го откупуваат, а ние работиме земјоделците да имаат откупена количина ориз по рентабилна цена што ќе значи стимул за да се произведува во наредниот период, додаде министерот Трипуновски.

Во претстојниот период Министерството за земјоделство ќе следи како се одвива откупот на оризот и дали компаниите ги почитуваат сите законски норми, за да нема злоупотреба и манипулација на трудот на земјоделците.

Министерот Трипуновски нагласи дека со измена на Програмата за водостопанство се обезбедени финансиски средства за набавка на резервни делови за механизацијата што во текот на зимскиот период ќе работи на подготовка на каналската мрежа за наводнување во новата производна сезона. Во АД Водостопанство се подготвуваат одредени структурни реформи за да се зголеми неговата функционалност, затоа што имало партизирање со превработувања, не се инвестирало во системите за наводнување, а фокус бил ставан на непродуктивни трошоци.

притисни ентер