Како пропадна „југословенскиот Лас Вегас“?

На западниот брег на хрватскиот јадрански остров Крк, некогаш имало мало рибарско село, каде што туризмот почнал да се развива во последните десетлетија на 19 век.

Околу 100 години подоцна, на почетокот на 1970-тите, во екот на туристичкиот бум во поранешна Југославија, изграден е хотелско-рекреативниот комплекс „Халудово“.

Централниот дел на проектот и амбициозната визија на американските инвеститори било луксузното казино во хотелот „Палас“ именувано „Пентхаус Адријатик клуб“, коешто е споредувано со најдобрите казина во светот. Туристичкото одморалиште било еден необичен прозорец и поглед на капиталистичкиот свет кон социјализмот, и требало да носи богати туристи во текот на целата година. Поради сè тоа, местото остана запаметено како „југословенскиот Лас Вегас“.

Сепак, екстравагантниот претприемачки проект доживеа само една гламурозна сезона, со едвај 20 години како обичен хотел. По пропаста на поранешната држава и приватизацијата во независна Хрватска, пропадна и казиното, пишува порталот „Пункуфер“ (Punkufer).

Целиот комплекс го дизајнирал Борис Магаш - архитектот кој го осмислил и „Соларис“ во Шибеник, како и стадионот на Пољуд во Сплит. „Халудово“ беше замислено како луксузно туристичко место со два хотела, многу апартмани, вили, скулптури на Фран Кршиниќ во хотелскиот парк, рибарско село, низа спортски терени, базени и други забавни содржини.

Инвеститорот бил американскиот бизнисмен со италијанско потекло, Роберто Гучионе, инаку со-основач на списанието „Пентхаус“. Тој во проектот вложил 45 милиони долари, а официјален сопственик била државната компанија „Бродокомерц“ што на Гучионе требало да му плати процент од годишната заработка.

Сè почнало во 1972., отворен бил хотелот „Халудово палас“ и казиното „Пентхаус“. Помалку од еден месец по првиот оглас, првата група Американци слета на Аеродромот во Омисаље.

Луксузно уредениот комплекс со висечки градини и фонтани, скапи лустери, дебели теписи, сауни и салони за масажа, елегантни барови и приватни плажи, дополнително беше „украсен“ со над 50 „подразголени“ девојки кои ги пречекувале гостите на аеродромот и се грижеле за нивниот престој и удобност во хотелот.

Во годините потоа тука доаѓале бизнисмени, пејачи, филмски уметници и светски познати политичари, на пр.: Муамер Гадафи, Садам Хусеин, Том Џонс... Иако, веднаш по првата сезона Роберто Гучионе се повлекува од „Халудово“. Од тоа едно лето, како што самиот изјавил, никогаш финансиски не заздравил.

Се покажало дека југословенскиот стандард не може да ги задоволи богатите западни посетители, делумно поради проблемите со снабдувањето и лошите телефонски врски, но и со недостатокот на намирници на коишто овие гости се навикнати.

Така, луксузното „Халудово“ полека се претвори во одморалиште за масовен туризам.

Сегашниот сопственик - руско-ерменскиот бизнисмен Ара Абрамјан, според наводите, имал намера да отвори суперлуксузен хотел со пет плус ѕвезди и приватна плажа, што наишло на жесток отпор кај месното население. Но, во последно време почнало расчистување на околината. Од Општината потврдуваат дека во октомври таму ќе се почне со работа, а Рибарското село веќе следното лето ќе ги пречека првите гости.

Има и втора фаза, којашто предвидува нов урбанистички план и јавна расправа. Која е новата замисла на сопственикот, што ќе кажат околните жители за тоа, и дали луксузното „Халудово“ навистина повторно ќе заживее - времето ќе покаже, велат познавачите. /MИА

Етичка дебата ја дигна Финска на нозе: Татко си го убил синот,нема да одговара за злосторството

Во градот Сеинајоки, Финска, се случил невиден случај на семејно насилство кога татко морал да пука во својот син.

Го убил. Кога полицијата ја разоткрила приказната и откриле што навистина се случило, сѐ отиде на суд. Сепак, таткото нема да одлежи казна, тој е слободен човек. А причината за незапамтеното злосторство и епилогот на приказната е застрашувачка...

Имено, момчето седело на појадок со мајка си кога буквално доживеало „напад“ и почнало да ја навредува жената со погрдни имиња. Потоа станал од масата, а мајка му го следела и ја турнал кон бањата.

Силни звуци го разбудиле таткото, кој го затекнал синот како ја прободува мајка си во бањата.

„Стоп“, врескала жената, но тоа не го спречило нејзиниот син да продолжи со убиствената треска.

Според зборовите на мајката, очите на момчето имале чуден израз, како да не е од „оваа планета“.

Таткото се обидел да интервенира, но момчето со кујнски нож во рацете не престанало да ја прободува мајка си. Затоа таткото решил да преземе брза акција. Земал пушка и ја вперил во синот, а како што вели целта му била „само да го рани“.

„Стоп“, извикал таткото пред да пука во грбот на синот, пишува iltalehti.fi.

Според зборовите на таткото, момчето се свртело токму кога пукнал. Наместо да го погоди во раката и рамото, куршумот ги пробил белите дробови и момчето паднало мртво на подот во бањата.

Ова кривично дело се случило на 3 јуни 2022 година, а единствен обвинет во случајот бил таткото, бидејќи синот бил мртов. Обвинителот побарал човекот да биде казнет за убиство од небрежност или за убиство во итна заштита. Таткото ги негирал и двете обвиненија.

Тој истакнал дека околностите биле толку тешки што од него не можело да се побара разумно решение.

Окружниот суд се согласил, според нив, постапката на таткото не само што била оправдана, туку и неопходна за да се запре насилниот потфат на синот.

Родителите наведуваат дека синот никогаш порано не бил проблематичен и дека најмногу се расправал со брат му и татко му, никогаш со мајка му.

Судот забележал дека таткото можел да употреби помалку опасно оружје, како што е тава, но дека најверојатно прибегнал кон пушка поради страв и психотичното однесување на неговиот син.

Таткото ја потврдил оваа приказна и изјавил дека пушката ја чувал како заштита од потенцијални крадци.

Обвинението за убиство од небрежност е отфрлено, а судот сметал дека таткото имал разумна причина да верува дека животот на неговата сопруга бил во опасност и дека морал брзо да дејствува.

Милано бара да се отстрани името на Силвио Берлускони од нивниот аеродромот

Спорот за аеродромот Силвио Берлускони во Италија продолжи кога и градот Милано побара да се смени името на аеродромот што го носи името на покојниот италијански премиер и медиумски магнат познат по скандали.

Градоначалникот Бепе Сала рече дека градот се придружил на повиците од други општини за промена на името доделено од Рим. Италијанските медиуми денеска јавуваат дека постапката пред управниот суд би можела да се одржи следната недела.

Екстремно десничарскиот министер за транспорт, Матео Салвини, се заложи и го одобри името, на што жестоко се спротивставија жителите на Милано.

Десничарската партија Форца Италија, основана од Берлускони, е дел од владејачката коалиција на премиерката Џорџија Мелони.

Сала, градоначалникот од партијата на левиот центар, тврди дека според законот, аеродромот може да биде именуван само по јавни личности чија смрт била пред повеќе од десет години.

Поранешниот аеродром Малпенса, на околу 50 километри од градот, во јуни официјално беше преименуван во аеродром Силвио Берлускони. Берлускони почина во јуни 2023 година на 86-годишна возраст. Претприемачот со недвижнини, кој стана медиумски магнат, основаше своја конзервативна партија Форца Италија во 1990-тите и влезе во политиката. Долго време беше и на чело на фудбалскиот клуб Милан.

Петмина се упасени поради ритуално жртвување дете „за напредок на училиштето“ (ВИДЕО)

Седумгодишно момче е убиено во државата Утар Прадеш во северна Индија за време на ритуална жртва „да му донесе среќа на своето училиште“, за што се уапсени пет лица, меѓу кои и таткото на момчето и директорот на училиштето.

Телото на момчето било пронајдено во неделата во угостителскиот објект каде што живеел во Хатрас, во близина на Таџ Махал на северот од земјата, изјави полицискиот службеник Брам Синг, јави денеска француската телевизија БФМ.

Покрај таткото на момчето и директорот на училиштето, уапсени се и тројца наставници.

Како што соопшти полицијата, сите уапсени го признале делото и се во притвор.

„Момчето требаше да биде запалено на клада како дел од ритуалот, но е убиено пред да заврши ритуалот“, прецизира локалната полиција.

Директорот на училиштето е осомничен и дека имал намера да го изврши истиот ритуал и врз друго дете.

Индиското Национално биро за статистика за криминал забележа 103 ритуални убиства во таа земја помеѓу 2014 и 2021 година.

притисни ентер