Израелскиот министер Бен-Гвир повика на трајна окупација на Појасот Газа

Израелскиот министер за национална безбедност Итамар Бен-Гвир повика на трајна окупација на Појасот Газа.

Во објава на мрежата Х, тој го изрази своето противење на американското посредување во преговорите меѓу Израел и палестинската милитантна група Хамас и наведе дека Хамас „мора да биде уништен, до целосно предавање“, пренесува Ал Џезира.

Според него, трансферот на сета хуманитарна помош и гориво треба да биде прекинат додека не се ослободат сите заложници што ги држи Хамас, а израелските власти треба „да го охрабрат населувањето и окупацијата на територијата на Појасот Газа за Израел трајно да ги задржи.

Седница на Уставен суд

 Уставниот суд денеска ќе ја одржи 23. седница на која меѓу другото ќе го разгледа и Законот за изменување и дополнување на законот за урбанистичко планирање, инцијатива поднесена од Хелсиншкиот комитет за човекови права. 

Со измените, како што тврди поднесувачот на иницијативата, се вметнува нова категорија, односно урбанистички проект за градби од стратешки интерес при тоа предвидувајќи нови правила за изработка и донесување на истиот, како и утврдување на правила различни од постоечките за процесот на одобрување на урбанистички проекти наведува подносителот. Се тврди дека со измените законодавецот цели кон тоа да ги заобиколи правилата за изработка и одобрување на урбанистичките проекти со целосно прескокнување на фази во процесот на одобрување.

Покрај тоа, ќе бидат разгледани и повеќе оспорени членови на закони, правилници и уредби меѓу кои и за Правилникот за стандардите за биоразградливост кои треба да ги исполнуваат кесите за носење на стоки, начинот на пуштање на пазар на биоразградливи кеси од страна на трговците, како и формата и содржината на образецот за водење евиденција и член 1 од Правилникот за изменување на наведениот правилник.

Според подносителите на иницијативата - Здружение „Помалку пластика” од Скопје, со донесување на оспорените одредби од правилникот, министерот кој раководи со животната средина излегол надвор од овластувањето бидејќи се впуштил во дефинирање на кесите за носење на стоки на начин што го менува опсегот на исклучок. Имено, според подносителите е интервенирано во дефиницијата за кеси за носење на стоки и како што стои во оспорените одредби се дефинираат како кеси со дебелина на ѕидот од 15 до 50 микрони, наместо кеси над 15 микрони. Се наведува дека во одредбите е спорно тоа што министерот не добил овластување од Собранието да го утврдува опсегот на биоразградливи кеси за носење на стоки за кои ќе се пропишуваат стандарди за биоразградливост.

Гардијан: Украина доби зелено светло од В.Британија за користење на ракетите „Сторм Шадоу“

Украина доби зелено светло од Велика Британија за користење на ракетите „Сторм Шадоу“ на цели во Русија.

Велика Британија одлучи да му дозволи на Киев да ги користи ракетите „Сторм Шадоу“ за цели во Русија, пишува Гардијан, повикувајќи се на владини извори.

„Извори во британската влада објавија дека веќе е донесена одлука да и се дозволи на Украина да ја користи ракетата 'Сторм Шадоу' против цели во Русија, но тоа нема официјално да биде објавено во наредните денови“, пишува весникот.

Рускиот претседател Владимир Путин претходно изјави дека претставниците на земјите од НАТО треба да бидат свесни „со што си играат“ кога зборуваат за плановите да му се дозволи на Киев да гаѓа цели длабоко во руската територија со ракетни системи што Западот им ги доставува на вооружените сили на Украина.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров дискусијата за можната употреба на ракетите „Сторм Шадоу“ од страна на Киев за удар длабоко во руска територија ја нарече „играње со оган“.

Владимир Зеленски во јули изјави дека добил дозвола од британските лабуристи да ги користи овие ракети против цели во Русија. Подоцна, Министерството за одбрана на Кралството ја демантираше оваа информација.

Весникот Телеграф, повикувајќи се на извори во британската влада, објави дека американскиот претседател Џо Бајден би можел да ја укине забраната за употреба на англиската „Сторм Шадоу“ за удари против Русија.

Овластувањето на Вашингтон за користење на овие ракети е неопходно бидејќи тие се користат во тандем со американските системи.

Премиерот Мицкоски ќе присуствува на пуштање во употреба на СРЦ „Бранители'' во Општина Бутел

Премиерот Христијан Мицкоски ќе присуствува на пуштање во употреба на Спортско рекреативниот центар „Бранители“ во населеното место Љуботенски пат во Општина Бутел.

Како што соопшти владината прес-служба, овој спортско рекреативен центар опфаќа фудбалски терен со вештачка трева, баскет терен со специјална подлога, како и детско игралиште, мини парк и шеталиште за жителите.

Вредноста на овој проект изнесува 7.000.000 денари, средства обезбедени од буџетот на Општина Бутел.

Предвидено е премиерот Мицкоски да даде изјава за медиуми, по пуштањето во употреба на Спортско рекреативниот центар.

притисни ентер