Акцијата, во која учествуваа 62 земји, запленила повеќе од 1.400 метрички тони дрога - главно марихуана - во периодот од 1 октомври до 14 ноември, изјави вицеадмиралот Орландо Енрике Грисалес, началникот на операции на колумбиската морнарица, според Си-Ен-Ен.
Меѓу запленетата стока имало и 225 метрички тони кокаин, од кои 5 тони биле пронајдени на полуподморница што го користела морскиот трговски пат од Колумбија до Австралија, рече Грисалес.
Подморницата пресретната во водите на Пацификот, имала доволно гориво за да стигне до Австралија. Тоа е трета ваква „нарко-подморница“ пресретната на таа рута, изјави тој за новинарите.
„Првата беше откриена во колумбиските води, а благодарение на мапите што ги носеше, ја идентификувавме рутата. Тогаш почнавме да соработуваме со австралиските власти“, додаде Грисалес.
Контактирана од CNN, австралиската полиција одбила да го коментира случајот.
Австралиската полиција во последниве години предупреди дека меѓународните нарко картели сѐ повеќе ја таргетираат земјата, каде што зголемената употреба на кокаин, во комбинација со некои од највисоките улични цени во светот, создаде профитабилен нелегален пазар.
Ова не е прв пат да бидат запленети „нарко подморници “. Шверцерите почнаа да ги користат овие пловни објекти кон крајот на 1990-тите, кога колумбиските картели бараа начини да ги избегнат американските патроли во Карипското Море и да ја транспортираат нивната нелегална стока во САД.
Запленетите 225 тони кокаин претставуваат огромна количина. Во извештајот на Канцеларијата на ОН за дрога и криминал од оваа година, се проценува дека глобалното производство на кокаин ќе го достигне нивото од 2.700 тони во 2022 година, што е рекорд.