Ирците денеска одат на предвремени парламентарни избори

 Гласањето за општите избори во Ирска започнува денеска во 7 часот по локално време, а гласачките места ќе бидат отворени до 22 часот, јави ирската национална телевизија РТЕ.

Повеќе од 3,6 милиони луѓе имаат право да гласаат во 43 изборни единици за Долниот дом на ирскиот Парламент, што има 174 места.

На овие избори учествуваат над 680 кандидати.

Најверојатниот исход од изборите е враќање на власт на централно-десничарската влада на партиите Фајн Гаел и Фиана Фајл, но трката е се поизедначена и Шин Феин, кој сака да ја обедини Ирска, исто така има шанса за власт.

Независните кандидати, велат експертите, може многу да влијаат на исходот од изборите.

Изборите се предвремени со оглед дека редовните требаше да се одржат напролет следната година.

Ирските гласачи последен пат излегоа на гласање во февруари 2020 година, кога Фиана Фајл освои најмногу места. Партијата формираше коалиција со владејачките партии Фајн Гејл и Партијата на зелените. Фиана Фајл и Фајн Гаел, со коалициски договор, се менуваат на позицијата премиер (ирски: taoiseach).

Актуелната влада е предводена од 38-годишниот Сајмон Харис (Фајн Гејл), кој ја презеде партијата и владата во април и го доби прекарот „ТикТок таоисец“ поради неговите медиумски вештини. Иако партијата беше само трета на изборите, благодарение на него успеа да ја зголеми поддршката на пролетните европски и локални избори.

Кога беа распишани изборите, таа про-бизнис и социјално прогресивна партија водеше на анкетите со поддршка од околу 25 проценти, но по серијата јавни пропусти во кампањата во последните денови, таа падна за цели шест процентни поени во едно истражување на јавното мислење.

Забрана за сообраќај на товарни моторни возила на патот Маврово-Дебар

Забрана за сообраќај на товарни моторни возила на патот Маврово-Дебар поради обилни врнежи од снег.

АМСМ информира дека од 12:10 часот има забрана за сообраќај на товарни моторни возила на патот Маврово-Дебар поради обилни врнежи од снег.

Британска министерка поднесе оставка поради лага за украден телефон

Британската министерка за транспорт Луиз Хеј поднесе оставка откако призна дека ја измамила полицијата во врска со службен телефон за кој лажно пријавила дека е украден.

Хеј во писмо до премиерот Киер Стармер изјави дека во 2013 година пријавила дека телефонот бил украден за време на „ужасен грабеж“, но подоцна сфатила дека го заборавила дома.

„Инцидентот беше вистинска грешка од која немав никаква корист,“ напиша Хеј, додавајќи дека оставката е потребна за да се избегнат одвлекувања од работата на владата.

Премиерот Стармер ѝ се заблагодари за нејзината работа, но оставката претставува нов удар за неговата влада, чиј рејтинг паѓа поради обвинувања за злоупотреба на фондови и зголемување на даноците.

Градоначалникот Никола Најдовски нов претседател на Советот на Пелагониски плански регион

Градоначалникот на Општина Демир Хисар Никола Најдовски, избран е за нов претседател на Советот на пелагонискиот плански регион.

Во мандатниот период Најдовски ќе се фокусира на комуникациската стратегија на Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион 2024-2026 година, информираа од Општина Демир Хисар.

-Благодарам на колегите градоначалници на општините од регионот за укажаната доверба. Локалниот и регионалниот развој се нераскинливо поврзани во својата функција и намена, а и нивната цел е заедничка, а тоа е подобар живот за граѓаните. Моите заложби и посветеност ги ставам на располагање за преку заедничка соработка со сите релевантни чинители. Со покренување на нови иницијативи, како и со креирање на нови проекти да придонесеме кон развиен и успешен Пелагониски регион, истакна Најдовски.

Во Советот на пелагонискиот плански регион членуваат градоначалниците на општините Битола, Прилеп, Ресен, Демир Хисар, Крушево, Новаци, Могила, Кривогаштани и Долнени.

притисни ентер