И утре облачно време со повремени врнежи од дожд и снег

Управата за хидрометеоролошки работи соопшти дека и утре ќе се задржи облачно време со повремени врнежи од дожд и снег, а наместа во западните и јужните делови пообилни со над 30 l/m.

На планините и на повисоките места, претежно во западните делови врнежите ќе бидат од снег и дополнително ќе се зголеми снежната покривка. Ќе дува умерен до засилен северен ветер. Потоа до средината на следната седмица времето ќе биде стабилно со појава на магла по одделни котлини.

Истражување: Врсничкото насилство зема голем замав

Врсничкото насилство или булингот има загрижувачки димензии, зашто повеќе од 30 проценти од учениците не се чувствуваат безбедно во училиштата.

Ова го покажуваат последните истражувања на состојбата со врсничкото насилство меѓу младите на невладината организација „Коалиција СЕГА“ од Прилеп која со партнери, невладини здруженија во земјава почна 10-годишен проект за врсничкото насилство и што да се преземе за овој проблем кој ескалира. Проектот опфаќа 50 училишта во земјава, по 25 основни и средни.

Според Зоран Илиески од невладина „Коалиција СЕГА“, го има и психичкото и физичкото насилство.

-Повеќе од 30 проценти од учениците не се чувствуваат безбедно во училиштата. Многу сериозно е тоа што 61 процент од учениците се жртва на психичко насилство. Податоците покажуваат дека речиси секое психичко насилство потоа преминало во физичко. Според нашето истражување, околу 10 насто од учениците, барем еднаш во изминатиот месец, примениле сила во училиштето, а 13 проценти од учениците изминатиот месец веќе биле жртва на насилство. Тоа ја покажува фактичката состојба дека учениците се подложни на насилство во училиштето, од една страна врсничко, што е најголем процент, но постои и насилство на наставниците – професорите врз учениците, вели Илиески.

Во истражувањето, едно од решенијата на кое учениците укажуваат е дека веруваат само во ученичката организација која што може да дејствува во превенција на насилството.

-Тоа беше насока за нас за да ги креираме активностите во училиштата, да работиме со ученичките организации и преку нив ќе дејствуваме за превенција на насилството во училиштето. Во моментов ги поддржуваме ученичките организации да развијат начин во собирање информации од нивните соученици за како да ги превенираат состојбите и ги поддржуваме во активностите што ќе ги преземат, објаснува Илиески.

Кога станува збор за институциите, неопходно е да се вклучат сите оние кои се дел од решението за насилството: првично Министерството за образование, училиштето и сите служби, па психолозите, здравствените институции.

-Пресудно е координираното дејствување. Ние како здруженија на граѓани може да помогнеме, да ги понудиме нашите сознанија, методи, но стручните служби се клучни во превенирањето на врсничкото насилство, смета Зоран Илиески од невладината организација „Коалиција СЕГА“.

За системски пристап во решавањето на состојбите со булингот, или врсничкото насислтво се согласува и психологот Ана Алексоска кај која доаѓаат млади на советување токму за овој проблем. Потребата од советување се зголемува и за 20 до 30 проценти е зголемен бројот на психолошките советувања. Алексоска го оформува профилот на насилникот и корените ги бара во семејството.

-Многу се причините за врсничкото насилство, но најчесто тргнуваме од семејството како основна клетка на општеството. Тие што прават булинг, најчесто се емоционално запоставени од родителите, доживеале некакво насилство или гледале насилство. Потоа и тие вршат насилство за да се стекнат со поголем социјален статус, моќ, да се истакнат во групите, бидејќи немаат доволно социјални вештини како тоа да го направат на здрав начин, вели Алексоска.

Според Алексоска „пикот“ на булингот е на возраст од 11 до 13 години. На советување доаѓаат поради повеќе видови булинг: преку социјалните мрежи, поради психичко насилството, поради константно, секојдневно малтретирање.

-Работиме да добијат поголеми социјални вештини, да им ја зајакнеме самодовербата, да бидат посамоуверени во своите способности. И да знаат дека тоа не е нивна вина, изјави Ана Алексоска психолог од Прилеп.

Шолц: Претстојните избори ќе претставуваат фундаментална одлука за иднината на Германија

Социјалдемократската партија на Германија (СПД) на канцеларот Олаф Шолц денеска ја започна својата изборна кампања, речиси три месеци пред предвремените парламентарни избори.

Социјалдемократската партија на Германија (СПД) на канцеларот Олаф Шолц денеска ја започна својата изборна кампања, речиси три месеци пред предвремените парламентарни избори, а канцеларот во својот прв голем предизборен говор пред околу 500 членови на партијата во Берлин рече дека претстојните избори ќе претставуваат фундаментална одлука за иднината на Германија, наведувајќи дека безбедноста, напредокот и работните места се загрозени.

-Сега е време решително да продолжиме со обновата на Германија, изјави Шолц, кој е кандидат на СПД за канцелар, објави германскиот портал Тагешау.

Тој рече дека СПД е „гласот на вредните и пристојните“.

Шолц предложи четири точки за извлекување на Германија од економската криза, а тоа се обезбедување работни места во индустријата, особено автомобилската индустрија, евтина енергија за економијата, зголемени инвестиции во инфраструктурата и зголемување на бројот на квалификувани работници.

Тој посочи дека Германија се соочува со различни закани, како војна во Европа, економски превирања, растечки екстремизам.

-Во такви сериозни времиња, на нашата земја и треба сериозна, одговорна политика, рече Шолц.

Според последните анкети, СПД има поддршка од 14 отсто од гласачите.

СПД се залага за безбедни пензии, поволни кирии, поволно здравство, како и зголемување на минималната плата, потсетува порталот.

Предвремените парламентарни избори во Германија се закажани за 23 февруари, откако владејачката коалиција се распадна овој месец, затоа што не успеа да се договори за политиката за излез од економската криза.

Дончиќ наскоро се враќа на теренот

 Лука Дончиќ е блиску до враќање на терените. Словенечкиот кошаркар ги продолжи тренинзите и ќе замине на гостување со Далас маверикс. Тој поради повреда пропушти пет натпревари.

Дончиќ ќе оди со својот тим на гостувањето во Солт Лејк Сити против Јута.

Закрепнувањето на повредата на раката на најдобриот играч на Далас е целосно. Според тренерот Џејсон Кид, Лука „изгледал добро“ за време на петочниот тренинг.

Дончиќ најверојатно ќе ја пропушти средбата со Џезерите, но има шанси да биде во тимот в недела на средбата со Портланд.

притисни ентер