Хамилтон најави продолжување на соработката со Мерцедес

Седумкратниот светски првак во Формула 1, Луис Хамилтон, чиј договор со Мерцедес истекува на крајот на сезоната, најави дека ќе ја обнови соработката со германскиот тим, отфрлувајќи ги со тоа гласините дека е во преговори со Ферари.

„Мојот тим води разговори со Тото (Волф, шефот на Мерцедес) … речиси сме при крај да имаме подготвен договор. Ова е прв пат да не преговарам самиот, имам прекрасен тим зад себе“, рече Хамилтон пред претстојната трка за Големата награда на Монако.

Неговиот одговор доаѓа откако британските медиуми изминатите денови пишуваа дека се водат преговори меѓу 38-годишниот возач и италијанскиот тим Ферари, кој, наводно, бил подготвен да му понуди на Британецот договор вреден околу 48 милиони евра.

„Не сме испратиле понуда до Хамилтон. Воопшто не сме воделе разговори на таа тема“, демантираше и директорот на Ферари, Фредерик Васер, додавајќи дека секоја екипа би го посакала Хамилтон во своите редови.

Првата светска титула Хамилтон ја освои со Мекларен во 2008 година, по што од 2014 до 2020 година уште шест пати стана светски првак со германскиот Формула 1 тим Мерцедес. /МИА

Трошоците на животот во мај зголемени за 11,3 отсто на годишно ниво и за 0,4 отсто на месечно

Трошоците на животот во мај годинава се зголемени за 11,3 отсто во споредба со истиот месец лани, а цените на мало бележат зголемување од 7,5 отсто.

На месечно ниво трошоците на животот во мај годинава се повисоки за 0,4 отсто во однос на април 2023 година, додека цените на мало се намалени за 0,9 отсто.

Според податоците на Државниот завод за статистика, пораст на трошоците на животот во мај 2023 година, во споредба со претходниот месец, е забележан кај свежиот и разладениот зеленчук, освен компирите и другите коренести плодови за 13,3 отсто, свежото и разладеното овошје за 8,5, прехранбените производи, неспоменати на друго место за 2, рибата и морските плодови за 1,6, жестоките пијалаци за 0,8, сирењето и урдата за 0,5, месото за 0,4, кафето, чајот, какаото, минералната вода, газираните пијалаци, соковите од овошје и зеленчук, виното за 0,3, шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи, пивото за 0,2 отсто.

Пораст на трошоците на животот е забележан и кај другите услуги неспоменати на друго место за 10,6 отсто, накитот, часовниците и рачните часовници за 4,9, медицинските услуги за 3,4, парамедицинските услуги за 2,9, обувките за 2,8, услугите за сместување за 1,8, фармацевтските производи, туристичките аранжмани за 1,6, производите за домаќинството - нетрајни за 1,4, домашните миленици и сродните производи за 0,9, моторните возила за 0,8, малите електрични апарати за домаќинствата, фотографската и кинематографската опрема и оптичките инструменти, рестораните, кафулињата и слично за 0,7, облеката, мебелот и покуќнината, терапевтските помагала и опремата, поправката на аудиовизуелната, фотографската и информатичката опрема за 0,6, фризерските салони и центрите за разубавување за 0,5, стаклените садови, кујнскиот прибор и другата опрема, канцеларискиот материјал и материјалите за цртање за 0,3, материјалите за одржување и поправки на живеалиштето, големите електрични апарати за домаќинствата, малите алатки и останатите додатоци за 0,2 отсто.

Намалување на трошоците на животот во мај 2023 година, во споредба со претходниот месец, е забележано кај маслото и маснотиите за 2,4 отсто, млекото за 1,6 и лебот и житата за 0,7 отсто.

Намалување на трошоците на животот е забележано и кај воздухопловниот патнички транспорт за 27,2 отсто, течните горива за домаќинствата за 7,3, горивата и мазивата за сопствените превозни средства за 5,5, гасот за домаќинствата за 4,3, цврстите горива за домаќинствата за 3, медиумите за снимање за 1,8, опремата за спорт, кампирање и рекреација на отворено за 1,5, стоматолошките услуги за 1,3, информатичката опрема за обработка на податоците за 1,2, игрите, играчките и хобијата за 1,1, другите печатени материјали, другото образование за 1, градините, растенијата и цвеќињата за 0,6, книгите, другите апарати и производи за лична хигиена за 0,5, поправките на мебелот, покуќнината и покривките за подот, опремата за прием, снимање и репродукција на звук и слики за 0,3 отсто.

Шпанија ја бележи најтоплата пролет во историјата, се очекува и екстремно топло лето

Оваа година Шпанија ја бележи својата најтопла пролет во историјата и втора најсушна досега, според националната метеоролошка агенција.

Последните податоци укажуваат на продолжување на екстремно високите температури кои беа присутни во текот на 2022 година, која беше најтоплата година досега забележана во Шпанија.

Пролетните горештини беа придружени со недостиг од дожд, што ќе ја влоши долгорочната суша во Шпанија, и покрај врнежите забележани во изминатиот месец.

Шпанските власти вчера објавија дека акумулациите во земјата се со 47,4 отсто од капацитетот, тренд што продолжува.

Метеоролошката служба посочи дека тоа остава негативни ефекти врз екосистемот на таа медитеранска земја.

- Температурите на површинските води забележани во 2022 година се највисоки од 1940 година - објавија метеоролозите, предупредувајќи дека овој феномен го загрозува морскиот живот и неговата способност за репродукција.

Констатирано е дека високите температури имаат последици и по здравјето на луѓето и екосистемите, во смисла на зголемена веројатност за шумски пожари.

Претстојното лето најверојатно ќе биде „исклучително жешко“, според прогнозите на шпанската метеоролошка служба, иако има можност за поројни врнежи. Минатиот месец, шпанската влада објави мерки во вредност од 2,2 милијарди евра за борба против сушата, кои вклучуваат финансирање за рециклирање на водата во градовите и континуирана помош за земјоделците.

Шпанија е водечки европски производител и извозник на свежо овошје и зеленчук, а во април земјата побара итни средства од Европската унија врз основа на лошите прогнози за годинашните приноси.

Столтенберг: Белград и Приштина да ја деескалираат ситуацијата

Белград и Приштина да ја деескалираат ситуацијата и да се вклучат во дијалог со поддршка на ЕУ.

Насилството ги враќа Косово и целиот регион назад, доведувајќи ги во прашање евроатлантските аспирации. И Приштина и Белград мора да преземат конкретни чекори за деескалација на ситуацијата, да се воздржат од понатамошно неодговорно однесување и да се вклучат во дијалог со поддршка на ЕУ, што е единствениот начин за траен мир, изјави денеска генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.

- НАТО ќе продолжи да ја игра својата улога за поддршка на трајната безбедност на Косово и стабилноста на целиот Западен Балкан, истакна Столтенберг во интервјуто за црногорска „Побједа“.

Тој посочи дека Алијансата испраќа уште околу 500 војници од оперативните резерви за Западен Балкан.

- Ние ставивме дополнителен резервен баталјон во повисоко ниво на готовност, за да може и тие да бидат распоредени по потреба. Ова се претпазливи чекори за да се осигура дека КФОР ја има силата и способностите што му се потребни за да го исполни својот мандат, појасни Столтенберг.

Нашата мисија КФОР ќе ги преземе сите неопходни активности за одржување на сигурна и безбедна средина и слобода на движење за сите луѓе во Косово и ќе продолжиме да дејствуваме непристрасно, во согласност со нашиот мандат на Обединетите нации, врз основа на Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН од 1999 година, рече генералниот секретар на НАТО.

притисни ентер