Ѓоковиќ: За доброто на тенисот се надевам дека Надал ќе се врати на терените

Светскиот рекет број еден Новак Ѓоковиќ изјави дека го смета Рафаел Надал за свој главен ривал и му посака брзо враќање на турнирите.

- Се надевам, за доброто на тенискиот свет, дека ќе може да игра што е можно повеќе во текот на целата сезона. Не знам како се чувствува, но судејќи по неговите зборови, тој е подготвен да се врати и, можеби, ќе го направи тоа во Австралија, изјави Ѓоковиќ за шпански „AS“.

На 19 ноември, 36-годишниот српски тенисер по седми пат во кариерата го освои завршниот АТП турнир, победувајќи го во финалето 22-годишниот Италијанец Јаник Синер со 6:3 и 6:3.

Ѓоковиќ рекордна осма година завршува како светски рекет број еден.

Дендиас: Застојот на процесот на проширување на ЕУ го намали кредибилитетот на европскиот сон

Грција себеси се смета за мост меѓу североисточна Африка и Европа, а Балканот е токму продолжението на овој мост кон север.

Оваа наша улога не треба да се заборави, порача министерот за одбрана на Грција Никос Дендиас, говорејќи на конференција посветена на Западен Балкан и истакна дека ЕУ интеграцијата на регионот „би можела да биде клучен момент во справувањето со безбедносните предизвици на Западен Балкан“, јави дописничката на МИА од Атина.

Дендиас посочи дека „лесно е да се потценат потенцијалните предизвици на Балканот поради двете војни на север и на југ, но низ вековите, Балканот се покажа како сила за целиот свет“ и нагласи дека за да постои стабилен систем во Европа, „не можеме да дозволиме да има „црни дупки“ во овој систем“.

-Заложбата на Европската унија за интеграција на овие земји е најнеопходното за долгорочен мир, стабилност и просперитет. Сепак, застојот, очигледниот застој на процесот на проширување го намали кредибилитетот на европскиот сон и се плашам дека дозволи надворешните актери да добијат влијание во општествата, особено во Западен Балкан, посочи министерот за одбрана на Грција.

Ја повтори грчката поддршка за ЕУ перспективата на земјите од регионот, споменувајќи ја солунската агенда од 2003 година, истакнувајќи дека „треба повеќе да се фокусираме на Западен Балкан“, но и дека постојат одредени предуслови.

-Треба отворено и искрено да зборуваме со владите и општествата на земјите од Западен Балкан. Можеме да им кажеме и мораме да им кажеме дека овој пат до заедничкиот европски сон минува низ порти. А овие порти се меѓународното право, договорите што се потпишани и добрососедските односи, како и почитувањето на владеењето на правото. Тие ќе мора да поминат низ овие порти. И треба да го сторат, не поради Грција или Европската Унија или Обединетите нации. Треба да го сторат бидејќи е во корист на нивните општества, во корист на народите. Токму тоа е она што го замислуваме како подобра иднина за секој граѓанин на Западен Балкан, истакна Дендиас.

Отстранети повеќе диви депонии во скопските општини Кисела Вода и Центар

 Во текот на вчерашниот ден, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје реализирале низа активности за отстранување диви депонии во скопските општини Кисела Вода и Центар.

Во општината Кисела Вода е интервенирано на улиците „Невена Георгиева-Дуња“ и „Димо Хаџи Димов“, каде што се подигнати вкупно 20 кубни метри непрописно одложен мешан комунален, градежен и кабаст отпад.

ЈП Комунална хигиена-Скопје информира дека се расчистени и неколку помали диви депонии во околината на Градскиот стадион, каде што се подигнати и транспортирани приближно 15 кубни метри отпад од јавни површини.

Воедно, во текот на изминатава седмица, Еко-патролата на ЈП Комунална хигиена-Скопје изготвиле седум едукативно-информативни записници за граѓани и правни субјекти затекнати при непрописно одлагање отпад на јавни и сообраќајни површини во скопските општини Центар, Карпош и Чаир. Во рамките на интервенциите на Еко-патролата, од страна на сторителите биле отстранети вкупно 32 кубни метри непрописно одложен градежен отпад.

Чупо – Мотинг се сели во САД

Камерунскиот напаѓач Ерик Максим Чупо-Мотинг (35) кариерата ќе ја продолжи во САД, јавија синоќа британските медиуми.

Чупо-Мотинг, кој во моментов е без клупски ангажман, треба да ја продолжи кариерата во Њујорк Ред Булс во американската МЛС лига.

Според телевизијата Скај, камерунскиот фудбалер веќе бил на лекарски преглед и се договорил за сите услови од двегодишниот договор кој започнува на првиот ден од 2025 година.

Последен клуб на Чупо-Мотинг беше минхенски Баерн, но германскиот фудбалски гигант ова лето одби да го продолжи договорот со камерунскиот репрезентативец.

Во текот на кариерата Чупо – Мотинг го носеше и дресот на ПСЖ, Хамбургер, Нирнберг, Мајнц, Шалке и Стоук.

притисни ентер