Герасимовски: Се одложува концертот „Нешто што ќе остане“, ќе чекаме подобри временски услови

Поради временските услови Општина Центар ја известува јавноста дека концертот „Нешто што ќе остане" кој беше закажан за 14 септември во Паркот на Франкофонија ќе биде одложен. 

Станува збор за концерт кој се одржува под ведро небо и на кој треба да настапат Влатко Лозаноски, Пајак, Лара, Таско, FIC & D'INVISIBLES и Сашко Коцев како водител на концертот.

Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски вели дека граѓаните ќе бидат известени за новиот датум на одржување кој зависи од стабилизирање на временските прилики.

-Сакам да ги известам сите граѓани кои планираа да бидат наши гости дека концертот кој требаше да се одржи оваа сабота ќе биде одложен. Ќе мора да почекаме стабилизација на времето и подобри временски услови за повторно закажување на концертот. Нашата цел е сите да се забавуваме и уживаме во домашната македонска музика, порачува Герасимовски.

Општина Центар концертот „Нешто што ќе остане“ го одржува втора година по ред со цел да ја афирмира домашната музика и домашните автори но и да ги подигне културните вредности во општината.

Општина Центар

Двајца пијани тинејџери украле автобус во Германија, во полициската потера се забиле во куќа

Две момчиња, наводно на 19 години, украле автобус во алкохолизирана состојба во Ахен и удриле во куќа во Северна Рајна за време на полициската потера.

Несреќата се случила во текот на ноќта, а од куќата каде што завршило возилото за среќа немало повредени.

Како што пренесува „Ахенер цајтунг“, пожарникарите биле повикани околу 2 часот и 30 минути по полноќ, кога автобусот веќе удрил во куќата. Брзата помош чекала на местото на настанот и во украдениот автобус пронашла две лица.

Возачот останал заробен во возилото и со тешки повреди е пренесен во болница, пишува Билд.

Повреден е и неговиот сопатник кој е пренесен во болница. Според првичните полициски информации, во автобусот во моментот на несреќата немало патници.

По проверка на статичката стабилност, експертите им дозволиле на жителите да се вратат во зградата.

Авион итно слета поради чуден мирис во кабината, стјуардеса заврши во болница

Стјуардеса на австралискиот Qantas била итно пренесена во болница откако „необичен мирис“ вчера довел до неочекувано пренасочување на летот.

Боингот 737 бил во воздух повеќе од два часа пред да слета на пистата на аеродромот Кингсфорд Смит во Сиднеј, нешто по 21 часот, според податоците објавени на веб-страницата Flight Aware.

Компанијата „Квантас“, која е национална авиокомпанија на Австралија, одговорила за Фокс Бизнис дека чудниот мирис во авионот предизвикал пренасочување на летот.

„Авионот од Сиднеј до Велингтон се врати во Сиднеј откако беа примени извештаи за необичен мирис во кабината“, рече портпаролот.

„Авионот безбедно слета и ќе биде прегледан од инженери пред да се врати во употреба“.

Портпаролот додаде дека стјуардеса била пренесена во болница на лекарски преглед, но не ги откриле нејзините симптоми или здравствената состојба. Патниците и пилотите не биле загрозени.

Наводно, немало чад во кабината и пренасочувањето не било третирано како итно слетување.

Претставник на компанијата додаде дека Qantas работи на обезбедување сместување и алтернативи за патниците погодени од пренасочувањето.

„На патниците ќе им биде обезбедено сместување и ќе бидат пренасочени на следниот достапен лет“, се вели во соопштението.

„Се извинуваме што им го прекинавме патувањето и им благодариме за разбирањето.“

Qantas активно го истражува инцидентот. Засега нема дополнителни информации.

Жител од поплавената Јабланица: Синот одеше зад мене, кога го однесе бран од три метри (ВИДЕО)

Мухамед Беговиќ од Јабланица го загубил синот во поплавите што рано утринава го зафатија овој град.

Тој за порталот „Аваз“ изјави дека сѐ се случило во рок од 15 минути.

„Во куќата беа син ми, невестата, сопругата, внукот и внуката. Почнавме да излегуваме од дома. Синот одеше зад мене, малку се сврте и дојде голем бран. Веројатно беше три метри. Синот само исчезна. Каде да одам сега? Освен мојот син, другите преживеаја, сите сме згрижени, има каде да спиеме.“

притисни ентер