ЕУ, САД и Велика Британија го потпишуваат првиот договор за вештачка интелигенција

 Европската Унија, САД и Велика Британија се очекува да го потпишат првиот меѓународен договор за правно регулирање на технологиите базирани на вештачка интелигенција, јави весникот „Фајненшл Тајмс“.

Брисел, Вашингтон и Лондон се очекува денеска да ја потпишат конвенцијата на Советот на Европа за вештачка интелигенција, која ги нагласува човековите права и демократските вредности во нејзиниот пристап кон регулирањето на системите на јавниот и приватниот сектор.

Конвенцијата, која има правно обврзувачки карактер, се подготвувала повеќе од две години. Во нејзиното создавање учествуваа повеќе од 50 држави, меѓу кои Канада, Израел, Јапонија и Австралија, дополнува „Фајненшл Тајмс“.

Рамковната конвенција на Советот на Европа за вештачката интелигенција, човековите права, демократијата и владеењето на правото беше усвоена од Комитетот на министри на Советот на Европа на 17 мај 2024 година.

Државите кои сакаат да го потпишат меѓународниот договор имаат можност да го сторат тоа од денеска, 5 септември, во Вилнус, главниот град на Литванија./МИА

Гардијан: Украина доби зелено светло од В.Британија за користење на ракетите „Сторм Шадоу“

Украина доби зелено светло од Велика Британија за користење на ракетите „Сторм Шадоу“ на цели во Русија.

Велика Британија одлучи да му дозволи на Киев да ги користи ракетите „Сторм Шадоу“ за цели во Русија, пишува Гардијан, повикувајќи се на владини извори.

„Извори во британската влада објавија дека веќе е донесена одлука да и се дозволи на Украина да ја користи ракетата 'Сторм Шадоу' против цели во Русија, но тоа нема официјално да биде објавено во наредните денови“, пишува весникот.

Рускиот претседател Владимир Путин претходно изјави дека претставниците на земјите од НАТО треба да бидат свесни „со што си играат“ кога зборуваат за плановите да му се дозволи на Киев да гаѓа цели длабоко во руската територија со ракетни системи што Западот им ги доставува на вооружените сили на Украина.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров дискусијата за можната употреба на ракетите „Сторм Шадоу“ од страна на Киев за удар длабоко во руска територија ја нарече „играње со оган“.

Владимир Зеленски во јули изјави дека добил дозвола од британските лабуристи да ги користи овие ракети против цели во Русија. Подоцна, Министерството за одбрана на Кралството ја демантираше оваа информација.

Весникот Телеграф, повикувајќи се на извори во британската влада, објави дека американскиот претседател Џо Бајден би можел да ја укине забраната за употреба на англиската „Сторм Шадоу“ за удари против Русија.

Овластувањето на Вашингтон за користење на овие ракети е неопходно бидејќи тие се користат во тандем со американските системи.

Премиерот Мицкоски ќе присуствува на пуштање во употреба на СРЦ „Бранители'' во Општина Бутел

Премиерот Христијан Мицкоски ќе присуствува на пуштање во употреба на Спортско рекреативниот центар „Бранители“ во населеното место Љуботенски пат во Општина Бутел.

Како што соопшти владината прес-служба, овој спортско рекреативен центар опфаќа фудбалски терен со вештачка трева, баскет терен со специјална подлога, како и детско игралиште, мини парк и шеталиште за жителите.

Вредноста на овој проект изнесува 7.000.000 денари, средства обезбедени од буџетот на Општина Бутел.

Предвидено е премиерот Мицкоски да даде изјава за медиуми, по пуштањето во употреба на Спортско рекреативниот центар.

Второ продолжение на 14-тата собраниска седница

 Собранието денеска ќе го одржи второто продолжение на 14-тата седница на чиј дневен ред се повеќе предлог закони по скратена постапка .

Собранието денеска ќе го одржи второто продолжение на 14-тата седница на чиј дневен ред се повеќе предлог закони по скратена постапка меѓу кои и Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и за изменување и дополнување на Законот за медиуми.

Во рамките на седницата пратениците треба да ги разгледаат и Предлог законот за задолжување на Република Македонија од 500 милиони евра кај Унгарската експорт-импорт банка, Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за пензиско и инвалидско осигурување и Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за локалната самоуправа, трите по скратена постапка.

Трите законски решенија беа предложени како дополнителни точки на дневниот ред на седницата поради што утврдувањето на дневниот ред вчера траеше до доцна попладне.

На дополнителниот дневен ред на седницата има вкупно 33 точки од кои за две се повлечени материјалите, а вчера беше разгледан Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и забавните игри, во прво читање, поднесен од пратениците од Европскиот фронт, за кој Собранието утврди дека не е прифатлив и оти не треба да се даде на натамошно читање.

притисни ентер