Донка Китанова добитник на Гран при наградата за литература на 57 Детски Рацинови средби

Китанова рече дека вторпат учестува на овој значаен  меѓународен литературен конкурс, а лани освоила трета награда. Песната ја напишала за една недела.

Седмооделенката Донка Китанова од ООУ „Вера Циривири –Трена“ од Скопје е добитник на највисоката Гран при награда на меѓународниот поетски конкурс на 57 Рацинови средби кој се одржа во изминатите три дена во Велес- градот на Рацин. Нејзина менторка е професорката Ана Кралевска. Освен од основните и средни училишта од земјава на литератирниот и ликовен конкурс „Мене и душата ми е црвена“ годинава учествуваа и литературни и ликовни творци од Хрватска и Србија,а кои беа меѓу наградените и пофалените.

Во изјава за МИА, добитничката на Гран при наградата Донка Китанова рече дека вторпат учестува на овој значаен меѓународен литературен конкурс, а лани освоила трета награда. Песната ја напишала за една недела.

-Оваа награда за мене значи голем успех и многу сум среќна што ја освоив, а воедно оваа висока награда со името на Рацин ќе биде мој поттик и понатаму да продолжам да творам,а можеби во иднина ќе издадам и моја стихозбирка, најави наградената седмооделенка Китанова.

Инаку првата награда во меѓународниот литературен конкурс ја освои деветооделенката Даниела Теова од ООУ „Васил Главинов“ од Велес со ментор Каролина Попова. Таа се закити и со втора награда на ликовниот конкурс под менторство на својата професорка Снежана Стефановска и е единствена учесничка на „Детските Рацинови средби“ и една од ретките на манифестацијата која во иста година освои две високи награди.

За МИА изјави дека е пресреќна за наградите и дека тие ќе и бидат поттик и понатаму успешно да твори и во литературата и во ликовното творештво.

Првата награда по литературниот конкурс за средношколци ја освои Клара Ѓуровска од СУГС Гимназија „Јосип Броз Тито“ од Скопје под менторство на професорката Елена Неделковска.

Една од наградените со трета награда за песната „Црвениот поет“ е и Сашка Билбиловска од трета година во Општинското Средно медицинско училиште „Гостивар“ од Гостивар. Таа за МИА изјави дека е пресреќна што освојува вака висока награда на овој престижен меѓународен и најпознат во земјава литературен конкурс со долга традиција, а уште повеќе што е посветен на големиот поет и револуционер Коста Солев Рацин.

На ликовниот конкурс во категорија средношколци првата награда и златен пехар ја освои Драгана Минова од СОУ „Кочо Рацин“ од Свети Николе со ментор Биљана Трајанова, а кај основците со првата награда и златен пехар се закити Ива Илиев од ООУ„Васил Главинов“ од Велес со ментор Снежана Стефановска.

Беше доделена и награда за ИКТ проекти од предметна настава за прво место за ментор на Тодорка Карамичева од ООУ „Кирил и Методиј“ од село Стојаково, Општина Богданци. Беа доделени и награди за најдобра режија, видео обработка, сценографија, костимографија.

Прва награда за групна ликовно-поетска творба за одделенска настава добија Зорица Адамчевска и Јулијана Нацева од ООУ„Блаже Конески“ од Велес.

Во рамките на 57 Рацинови средби се одржа и рецитаторски и ораторски натпревари, а за кои исто така беа доделени награди. Во рамки на програмата на овие средби се одржа и стрип работилница за Рацин, од кои изработени ученички стрип дела, потоа беше отворена и изложба во холот на локалната библиотека, каде беа претставени и сите пристигнати ликовни дела од ликовниот конкурс.

Познатиот писател за деца и млади Горјан Петрески кој секоја година доаѓа на Детските Рацинови средби и промовиран свои книги и се дружи со младите творци за МИА, изјави дека оваа е најзначајната литературна и ликовна манифестација за деца во земјава,која опфаќа се’ повеќе и повеќе нови области интересни за децата и младите во 21 век.

-Традиционалните Детски Рацинови средби во Велес веќе 57 години се најмасовна литературна и ликовна манифестација во земјава а која веќе прерасна и во меѓународна,а таа значи и зближување на литературните и ликовни творци од земјава со оние од други земји. Детските Рацинови средби се потреба и место каде што можат да се претстават младите литературни и ликовни творци, а во последниве години и во нови други дисциплини: ораторството и рецитаторството, како и во ИКТ мултимедијални проекти во предметна настава и се повеќе и повеќе нови области кои се’ интересни за децата и младите во овој 21 век. Организаторите успеваат успешно да создадат манифестација со која се гордее Велес и Македонија и се една од најзначајните во земјава. Воедно учесниците се продолжувачи на делото на големиот Рацин и негови наследници на новото време, потенцира Петрески.

Сите учесниците и гости на 57 Детски Рацинови средби годинава по традиција ја посетија Спомен куќата на Рацин во стариот дел на Велес и Спомен костурницата од НОВ каде почива и Коста Солев Рацин и положија букет свежо цвеќе како и на неговиот споменик пред велешката гимназија која го носи неговото име.

Организатори на 57 Детски Рацинови средби се МДПС „Премиера“ Општина Велес и Локалната библиотека „Гоце Делчев. /МИА

Момче се разбудило на сопственото кремирање, итно го вратиле во болница- казнети тројца лекари

Индиецот Рохиташ Кумар (25), кој бил прогласен за мртов, се разбудил на сопствената кремација, непосредно пред да биде кремиран, бидејќи лекарот не извршил обдукција.

Кумар, кој имал оштетен слух и говор, бил донесен во болница откако доживеал епилептичен напад.

Лекарот констатирал смрт, но наместо да се изврши обдукција, телото било однесено право во мртовечница, а потоа ставено за кремирање, според хиндуистичките обичаи.

Началникот на болницата рече дека лекарот го изготвил обдукцискиот извештај без реално да ја изврши обдукцијата.

Телото било испратено на кремирање, но непосредно пред да биде запалено, Кумар почнал да дише, пишува Euronews.

Веднаш бил вратен во болница, но подоцна починал. Тројца лекари се отпуштени, а полицијата започнала истрага.

Италија воведува многу построги казни за сообраќајни прекршоци- 1.000 евра за користење мобилен

Италија ги заостри казните за сообраќајни прекршоци за да ги направи патиштата побезбедни.

Италијанскиот Сенат донесе реформа на регулативата за патниот сообраќај, која покрај повисоките казни предвидува и други новини. Се очекува промената да стапи на сила во декември.

Драстично ќе се зголемат казните за сообраќајни прекршоци како брзо возење и користење мобилни телефони и возење под дејство на алкохол и дрога, пренесува Дневник.хр.

Казната за оние кои возат и користат телефон ќе се движи од минимум 250 до максимални 1000 евра. Во случај на повторување, казната се зголемува на 1.400 евра, одземање на возачката може да достигне три месеци, а се одземаат и од 8 до 10 бода. Времето во кое на возачот му е забрането да вози се дуплира доколку употребата на мобилен телефон предизвика сообраќајна незгода.

Италија има нулта толеранција на алкохол додека возите. За рецидивистите е објавена веста: доколку алкохолот во крвта е меѓу 0,5 и 0,8 грама на литар, казната е од 573 до 2170 евра, со одземање на возачката дозвола од 3 до 6 месеци. Доколку нивото на алкохол во крвта е меѓу 0,8 и 1,5 грама на литар, казната е затвор до 6 месеци и парично од 800 до 3200 евра како и одземање на возачката од 6 месеци до една година.

Доколку нивото на алкохол во крвта е поголемо од 1,5 грама на литар, за прекршокот е предвидена затворска казна од 6 месеци до една година и парична од 1.500 до 6.000 евра и со одземање на возачката дозвола од една до две години.

Меѓу казните е и обврската да се вгради брава за алкохол во автомобилот, уред кој го спречува палењето на моторот доколку се утврди нивото на алкохол во крвта. Оние кои ќе бидат позитивни на дрога и ќе бидат фатени како возат, ќе бидат казнети со одземање на возачката дозвола и забрана за возење на три години.

Според новите правила, предвидена е казна од 173 до 694 евра за секој кој максималната брзина ќе ја надмине за повеќе од 10 км/ч, не повеќе од 40 км/ч. Доколку прекршокот е сторен во градско подрачје, а најмалку двапати во текот на годината, глобата се зголемува на 220 и 880 евра со одземање на дозволата од петнаесет до триесет дена.

Погребална фирма во САД осквернавела 190 тела, на семејствата им давале цемент наместо пепел

Сопствениците на погребната куќа „Враќање во природата“ во Колорадо, Џон и Кери Халфорд пред судот се изјаснија за виновни по обвиненијата дека оставиле 190 тела на нивниот имот да се распаѓаат на собна температура.

Сопствениците на погребната куќа „Враќање во природата“ во Колорадо, Џон и Кери Халфорд пред судот се изјаснија за виновни по обвиненијата дека оставиле 190 тела на нивниот имот да се распаѓаат на собна температура, а на семејствата на починатите им бил даден сув цемент во урните наместо пепел.

Според договорот за признавање на вината меѓу обвинетите и обвинителите, се очекува Џон Халфорд да биде осуден на 20 години затвор, а Кери Халфорд од 15 до 20 години затвор, пренесува АП.

Во спогодбата, семејството Халфорд се согласило да им плати реституција на семејствата, чиј износ ќе биде одреден подоцна, а обвиненијата за кражба, фалсификување и перење пари ќе бидат отфрлени според договорот.

Од 2019 година, тие чуваат трупови во трошна зграда во близина на Колорадо Спрингс и им даваат на семејствата на починатите сува бетонска маса наместо кремирани останки, објави АП.

Со текот на годините, семејството Халфорд потрошило пари од клиентите и речиси 900.000 долари за време на пандемијата на коронавирус на луксузни предмети, како што се скапи автомобили, патувања во Лас Вегас и Флорида. Според судските документи, тие инвестирале повеќе од 30.000 долари во криптовалути и други луксузни предмети.

Минатиот месец, сопружниците се изјаснија за виновни за обвиненијата за измама и се соочуваат со повеќе од 200 обвиненија, вклучувајќи злоупотреба на трупови, кражба, фалсификување и перење пари.

Телата, за кои обвинителите тврдат дека биле несоодветно складирани, биле откриени минатата година кога соседите пријавиле непријатен мирис од зграда во градот во близина на Колорадо Спрингс.

Откритието предизвикало законски промени, бидејќи прописите на Колорадо за погребните услуги претходно биле меѓу најслабите во земјата, соопшти агенцијата.

Оваа година пратениците ги заостриле регулативите, воведувајќи задолжителни инспекции и барања за обука за вработените во погребалните претпријатија.

притисни ентер