Бојковска: Планираните буџетски средства, насочени кон младите, се неколкукратно зголемени

Максимата младите се нашата иднина не треба да остане само празна максима.

Младите се нашата сегашност, па затоа сега, итно и неодложно фокус се става на секој сегмент кој го подобрува младинскиот стандард на живот.

Планираните буџетски средства во 2025 година, насочени кон младите и подобрување на нивниот животен стандард се неколкукратно, рекордно зголемени.

Ставката студентскиот стандард, бележи зголемување од 52% во споредба со предлог Буџетот за 2024 година или обезбедени речиси 2 милијарда денари. Обезбедени се повеќе средства и за субвенциониран студентски оброк.

И ученичкиот стандард бележи раст од цели 94,6% во споредба со 2024 година.

Значително зголемување имаме во ставката за енергетска и ефикасна рехабилитација на студентските домови. Во моментов, се реконструираат студентските домови Кузман Јосифовски Питу и Стив Наумов, а до крајот на мандатот на оваа Влада ќе се реконструираат сите државни студентски домови. Немањето на топла вода, прокапани кровови и нехигиенски услови за живот не смеат да се повторат.

Во делот на Дигитализацијата, во потпрограма Инвестициите во ИКТ имаме зголемување од 95,2% што ќе овозможи да вложиме во младите во современите технологии и дигитални вештини. Издвоени се средства и за ваучери од 250 евра за набавка на електронски уреди за сите студенти на сите универзитети. Нашата младина мора да биде дигитално писмена, да поседува дигитални вештини и да биде во чекор со врсниците од земјите членки на ЕУ.

За активни мерки за вработување на млади се предвидени 2,3 милијарди денари за различни програми и мерки за вработување. Агенцијата за вработување за 2025 година има издвоено значителни средства за поддршка на младинската вработеност.

Дополнително, издвоени се средства за поттикнување и поддршка на претприемништвото кај младите – со овој Буџет, Владата ќе обезбеди финансиска помош од 10 до 30 илјади евра за отворање на бизнис од страна на младите.

Во реализацијата на проекти насочени кон поддршка на младите во Македонија за 2025 година се вклучени повеќе буџетски корисници, односно институции кои имаат надлежности во различни области поврзани со млади, образование, вработување, социјална заштита, дигитализација, спорт, рурален развој и други.

Сите овие ставки и инвестиции претставуваат реални и опипливи промени кои ќе имаат долгорочен позитивен ефект врз државата. Предлог-буџетот за 2025 година е развоен, стабилен и прилагоден на приоритетите на нашето општество.

Ова е буџет кој ќе овозможи нови можности, повеќе инвестиции и поголем квалитет на живот за сите граѓани на нашата земја, рече Драгана Бојковска пратеник на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“.

Велјановски: Она што беше во 7 години разрушено, со овој буџет треба да се донесе „мирно море“

Во текот на денешната Комисија за финансирање и буџет од собраниската говорница свое обраќање имаше и пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Велјановски .

Во текот на денешната Комисија за финансирање и буџет од собраниската говорница свое обраќање имаше и пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Велјановски кој укажа на обидот од страна на опозициските пратеници за целосен дефокус од она за што реално треба да се говори, а тоа се амандманите поднесени по Предлог-буџетот за 2025 година.

Во тој контекст, Велјановски најпрво се осврна на самиот Буџетот за 2025 година кој треба да се реализира во идниот период.

„Овој буџет содржи мерки за финансиска консолидација и дисциплинирано даночно трошење и мерки за поттикнување на економскиот раст. Значи, сето она што беше во седум години претходно разрушено, опљачкано, сега треба да се стабилизира, сега овој буџет треба да донесе едно „мирно море“, во кое што ќе може да се говори за унапредување, реформи и за нови инвестиции“, вели Велјановски.

Велјановски, обраќајќи се до пратеникот и поранешен претседател на Уставниот суд, Сали Мурати потсети на фактот дека изминатите седум години општеството не се движеше во правилна насока и дека за тоа е директно одговорна претходната власт, чиј коалиционен партнер бил самиот тој како претставник на турската заедница.

„Не може да се апстрахирате и вие, па и вашите колеги кои долго време беа на власт, дел од нив и 20 години, дека немаат никакво влијание во процесите за правата на сите заедници и сите тие се и виновници за сите фази на дискриминација кои се случувале во текот на овие години. Треба и вие добро да се запрашате со кого стоите во коалиција и со кого стоите рамо до рамо. Зошто вашите колеги- партнери не ги унапредија правата на Турците во овие седум години зошто сега се доведувате во ситуација да бидете најистурен играч на ДУИ, за да ги браните правата?“, концизен е Велјановкси, се наведува во партиското сопштение.

Кузманоска: Придобивките од новиот буџет, како зголемените плати и пензии, ќе ги уживаат сите

Во овој момент имаме Влада која се грижи подеднакво за сите граѓани, без оглед на која заедница припаѓаат. 

Оваа влада нема да прави дискриминација по ниту еден однос, а овој ваш амандман е баш таков дискриминаторски. Немаме ништо против да се вработуваат луѓе од турската заедница, но притоа, мора да се почитува уставот кој не дозволува дискриминација, рече пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Биљана Кузманоска на денешната Комисија за финансии и буџет, на амандманската расправа за Предлог-буџетот за 2025 година.

Таа, исто така, наведе дека треба да се почитуваат законските регулативи и правата за вработување на сите луѓе во Македонија подеднакво, сметајќи дека не е во ред амандмански да се бараат нови вработувања на кадри припадници само за една заедница, како што е во случајот за турската заедница.

Кузманоска додаде дека дека сите граѓани во Македонија ќе ги уживаат бенефитите со новиот буџет, како што се зголемените плати, пензии и социјална заштита, без разлика на нивната етничка припадност.

„И Турците се дел од македонското општество и тие ќе ги уживаат бенефитите од борбата против криминалот и парите кои ќе се слеваат од буџетот. Од овој буџет сакам да ги издвојам ставките од Министерството за труд и социјална политика и посебно значајни се планираните зголемувања во социјалната заштита и пензиите, ние имаме пензионери од сите национални припадности и се очекува пораст од 16,6%“, вели Кузманоска, се наведува во партиското соопштение.

СДСМ утре ќе одржи два Конгреса – отчетен и за избор на ново раководство

СДСМ утре во Скопје ќе одржи два Конгреса –  отчетен за причините за катастрофалниот пораз на изборите, кој почна летото, но беше прекинат, како и Конгрес на кој претседателот Венко Филипче ќе предложи избор на ново партиско раководство.. 

Ќе успее ли Венко Филипче утре да ги обедини социјалдемократите и да избере ново раководство со кое партијата ќе застане на здрави политички нозе по историски најтешкиот пораз на парламентарните избори пред 5 месеци?

СДСМ утре во хотелот „Александар Палас“ ќе одржи два конгреса, како што претходно одлучи Централниот одбор на партијата. На едниот ќе изберат ново раководство и ќе ги дефинираат идните политики. Пред овој Конгрес ќе продолжат со отчетниот на кој требаше да се разгледуваат лошите изборни резултати, но беше одложен. Кои се имињата на кандидатите кои ќе го опкружат Филипче во партискиот врв, од СДСМ засега не откриваат.

-На конгресот ќе се изберат членови на највисокото партиско раководство, како и одлуки за новите политики во иднина. За сите детали и сите имиња, јавноста ќе биде известена утре, изјави портпаролката Кузеска.

Конгресот е само почеток на реформите во СДСМ, смета политичкиот аналитичар Петар Арсовски. Според него, прерано е да се прејудицира дали социјалдемократите веднаш ќе успеат да најдат нова приказна, но на Бихаќка, како што оценува, потребни ќе бидат многу работа, сериозни кадровски промени и ребрендирање. Или ќе успеат да се реформираат или нема да имаат изборен успех – оценува Арсовски.

-Конгресот е само почеток на реформите во СДСМ. Дали ќе успеат тие да најдат некаква нова стратегија и да се ребрендираат, тоа времето ќе покаже, но не може то да се очекува од еден Конгрес. Лошиот изборен резултат наговестува дека таму се потребни посериозни кадровски промени, промени на идеологија и промени на пристап кон политика и конгресот може да биде почеток на таквите промени, не може да биде крај. Така што мислам дека е прерано да се прејудицира дали тие на конгресот ќе успеат да најдат нова приказна или не, предизвиците ќе останат за нив, бидејќи се уште е рано во мандатот на новата влада која доби значително мнозинство, допрва предизвите ќе ги гледаме заклучно со локалните избори 2025, изјави Арсовски за Канал 5.

По двата Конгреси се очекува да биде извесно и дали ќе биде продолжен мандатот на Филипче до локалните избори догодина, а кој според актуелниот партиски статут треба да заврши во март 2025.

Утре, според најавите, ќе се формира нов состав на Централниот одбор, кој пак, според статутот, е надлежен да ги избере партиските потпретседатели и генералниот секретар, а новина, како што претходно соопштија од СДСМ, ќе биде изборот на двајца организациски секретари за засилување на оперативната работа на партијата. Останува да се види дали Филипче повторно ќе предложи жена за негов заменик-претседател. Досега на оваа позиција беше пратеничката Сања Лукаревска, а пред неа Радмила Шекеринска.

притисни ентер