Бербок повика на избор на прва жена генерален секретар на ОН

Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок повика да се избере првата жена што ќе ги предводи Обединетите нации, барајќи од меѓународната организација да избере жена генерален секретар по речиси 80 години машко лидерство.

Жените сочинуваат 50 отсто од секоја земја, рече Бербок на Генералното собрание на ОН во Њујорк, „но во 80 години оваа организација никогаш немала жена генерален секретар“.

- Значи, ако оваа организација повикува на еднаквост и правда во светот, одамна требаше да го покажеме тоа овде во Њујорк, додаде таа.

- Следниот генерален секретар на оваа организација треба да биде жена, рече Бербок.

Досега имало девет шефови на светската организација, сите мажи, вклучувајќи го и актуелниот генерален секретар Антонио Гутереш.

Гутереш, чиј втор мандат завршува во 2026 година, изрази поддршка за жена наследник.

Во круговите на ОН, за најверојатен следен лидер се смета на лице од Глобалниот југ, а премиерката на Барбадос, Миа Мотли е потенцијален кандидат.

По врнежите, агрометеоролозите препорачуваат дополнителна претсеидбена обработка на почвата

 По врнежливиот период што ја зафати земјава, кај одредени есенски култури кои се во период на претсеидбена подготовка површината на почвата треба длабоко да се обработи.

По врнежливиот период што ја зафати земјава, кај одредени есенски култури кои се во период на претсеидбена подготовка површината на почвата треба длабоко да се обработи, а по обработката треба да следи и дополнителна претсеидбена и површинска обработка, укажуваат агрометеоролозите од УХМР.

Како што објаснуваат, целта на дополнителната обработка е да создаде растресит и иситнет површински слој на почвата во кој ќе се посее семето.

-Паралелно со обработката на почвата треба да се изведе и основното ѓубрење, како важна агротехничка мерка, бидејќи поголемиот дел од нашите почви се скудни со азот и фосфор на што треба да се посвети посебно внимание при ѓубрењето. Останатите земјоделски култури или во поголем дел, се наоѓат во фаза на берба, се собираат или веќе им се собрани плодовите. Се препорачува земјоделските производители да продолжат со активностите и грижата за нивните посеви, напоменуваат агрометеоролозите.

Тие укажуваат дека според прогнозата, до утре ќе преовладува сончево и топло време. Во недела ќе има значителна промена со повремени врнежи од дожд, локална појава на грмежи и засилен северен ветер. Засилен ветер ќе има и во понеделник што ќе предизвика значителен пад на температурата.

Без вода дел од Маџари

Без вода денеска од 11:10 часот се дел од корисниците од улицата „Благоја Стефковски“ во населба Маџари.

Како што соопшти ЈП „Водовод и канализација“ - Скопје, прекинот е поради замена на затворач во шахта на ул.„Благоја Стефковски“бб (кај Спорт Лајф) во населба Маџари.

Водоснабдувањето ќе биде прекинато до санирање на дефектот.

Мицотакис: Меѓународните договори мора да се почитуваат и имплементираат целосно

Постојат нарушувачи, кои не би сакале ништо повеќе од тоа да предизвикаат нови поделби во овој чувствителен агол на Европа. 

Време е познатата фраза на Винстон Черчил дека „Балканот произведува повеќе историја отколку што може да консумира“ еднаш засекогаш да ја оставиме во историските книги, порача грчкиот премиер Кирјакос Мициотакис во неговиот говор на Генералното собрание на Обединетите нации, осврнувајќи се на иднината на Западен Балкан, јави дописничката на МИА од Атина.

Мицотакис ја повтори грчката поддршка за европската перспектива, но и посочи дека Договорот од Преспа, Дејтонскиот договор и Договорот Белград – Приштина мора да се почитуваат и имплементираат.

Рече дека Грција, како најстара земја-членка на ЕУ во регионот, отсекогаш имала визија за Западен Балкан да биде дел од европското семејство, „визија која ќе ги намали тензиите и конфликтите и ќе ги вгради владеењето на правото и основните слободи, поттикнувајќи развој и просперитет за народите“.

Посочи дека „имаше напредок, но не беше доволен“, а 21 година по Солунската агенда „остануваат значајните предизвици“.

-Дозволете ми да бидам многу искрен: земјите од Западен Балкан треба да донесат дефинитивна одлука да го остават зад себе трауматичното наследство од минатото. И политичкото раководство на Западен Балкан треба, со дела, да избере да ја прифати својата европска иднина. Преку подобрување на демократското владеење, консолидирање на владеењето на правото и слободата на изразување, спроведување на тешки внатрешни реформи и многу важно посветеност на добрососедските односи. Заживувањето на националистичките наративи и агенди не треба денес да има место во регионот што е на прагот за членство во ЕУ. Да почнеме со основите работи: меѓународните договори мора да се почитуваат и имплементираат целосно и со добра волја, без разлика дали зборуваме за Дејтон, или за Преспа или за договорите Белград-Приштина, порача Мицотакис.

притисни ентер