Бајден обезбеди итна воена помош за Украина вредна осум милијарди долари

 Претседателот на САД Џо Бајден за време на посетата на украинскиот претседател Володимир Зеленски на Белата куќа соопшти дека ќе обезбеди воена помош за Украина во вредност од повеќе од осум милијарди долари.

Претседателот на САД Џо Бајден за време на посетата на украинскиот претседател Володимир Зеленски на Белата куќа соопшти дека ќе обезбеди воена помош за Украина во вредност од повеќе од осум милијарди долари, а со цел Киев да добие потребна помош за победа во војната против Русија.

Зеленски му се заблагодари на Бајден, како и на Конгресот, за новиот пакет воена помош. На социјалната мрежа Х тој изјави дека Украина ќе ги искористи овие средства „најефикасно и транспарентно“, напоменувајќи дека добива дополнителната батерија за противвоздушна одбрана Патриот, беспилотни летала и ракети со долг дострел.

Пакетот вклучува и прва испорака на прецизно наведувана бомба Joint Standoff Weapon со дострел до 130 километри.

Набљудувачите очекуваа Бајден да каже нешто во однос на тоа дека дозволува Украина да користи американски ракети за напади врз цели во длабочината на територијата на Русија, но тоа не се случило, според изјава на претставник од Белата куќа.

Поддршката за Украина, што е под руска инвазија од февруари 2022 година, е еден од главните приоритети за САД, истакна Бајден во својата изјава.

„САД повеќе од три години ги обединуваат напорите на целиот свет за подршка на народот на Украина во неговата одбрана на слободата од руската агресија“, се вели во изјавата на Бајден, објавена од Белата куќа. „Еден од главните приоритети на мојата администрација е да се обезбеди потребната подршка победа на Украина.“

Главниот дел од новата помош, 5,5 милијарди долари, треба да се додели до крајот на оваа фискална година, односно до понеделник индата недела. Дополнителни 2,4 милијарди долари се доделуваат преку Иницијативата за помош на Украина во безбедноста, што и овозможува на администрацијата да купува оружје за Украина од компании, наместо да го користи од американските резерви.

Како што објасни Бајден, ова ќе овозможи Украина да добие дополнителни средства за противвоздушна одбрана, беспилотни летала и муниција воздух-земја, како и да ја зајакне нејзината одбранбена индустрија.

Претседателот нареди Пентагон да ја прошири обуката на украинските пилоти за Ф-16, особено идната година за обука на уште 18 украински пилоти.

Во борбата против заобиколувањето на санкциите против Русија и перењето пари, САД ќе ги координираат своите активности со меѓународните партнери со цел да се поткопа она што Бајден го нарече „глобална криптовалутна мрежа“.

Ансамблот „Танец“ ја реализираше концертна турнеја во Подгорица, Љубљана и Загреб

Ансамблот „Танец“ ја реализираше својата концертна турнеја во главните градови на Црна Гора, Словенија и Хрватска и уште еднаш потврди зошто 75 години е амблем на македонската култура, синоним за извонредност во регионот.

Ансамблот „Танец“ ја реализираше својата концертна турнеја во главните градови на Црна Гора, Словенија и Хрватска и уште еднаш потврди зошто 75 години е амблем на македонската култура, синоним за извонредност во регионот, како и автохтон македонски код втиснат во светската културна меморија.

Македонскиот државен ансамбл за народни игри и песни Танец, со успех, проследен со громогласни аплаузи по секој концерт, ја заврши својата концертна турнеја низ три главни градови на Балканот, одушевувајќи ја публиката во Подгорица (Црна Гора), Љубљана (Словенија) и Загреб (Хрватска). Ансамблот Танец, познат по својата богата традиција на меѓународни претставувања на македонскиот музичко-сценски фолклор, повторно остави неизбришлива трага низ Балканот, обединувајќи ги луѓето и славејќи го македонското наследство, како драгоцен дел од културно наследство на регионот и светот.

Ансамблот настапи во престижни сали, во салата на Културно-информативниот центар „Будо Томовиќ“ во Подгорица (20.9.2024), „Цанкарјевиот дом“ во Љубљана (22.9.2024) и во „Ватрослав Лисински“ во Загреб (24.9.2024), при што секоја изведба беше поздравена со громогласни ракоплескања и стоечки овации. Публиката беше почестена со разновиден репертоар кој ги прикажуваше уникатните сложените ритмови, моќните изворни гласови кои на автентичен начин ги донесоа македонските напеви од постарата и поновата традиција на македонскиот народ, а со своите неповторливи орски игри, на сеопфатен и извонреден начин, играорците ги презентирааа богатствата на македонскиот народ, кои Ансамблот ги негува на свој единствен начин, препознатлив насекаде низ светот. На најубав и најрепрезентативен начин уште еднаш се покажа дека промоцијата на вистинските вредности низ фолклорните добра е најдобрата дипломатија за меѓусебно разбирање на народите, државите, културите и дека најголемите пораки се пренесуваат наједноставно, преку универзалниот јазик на музиката и уметноста.

На концертите во Подгорица, Љубљана и Загреб беше изведена богата музичко-сценска програма од различни периоди на ансамблот, во која беа неизоставно застапени изворни ора - „Тешкото“, „Женско чамче“ и „Копачка“ – уникатното оро од село Драмче, кое се наоѓа на репрезентативната листа на УНЕСКО за заштита на светското нематеријално културно наследство на човештвото. Исто така, беа изведени и четири кореографии - „Жетварка“, „Мариовска тресеница“, „Малешевка“ и „Радовишки собор“, како и неколку сплетови од вокали и вокално-инструментални бисери, во исполнение на оркестарот и хорот на Танец, со првенката Сузана Спасовска. Нашиот ансамбл, речиси на секој концерт имаше уникатна можност, заедно, во еден глас да ги пее со публиката антологиски песни „Да сум бистра вода“, „Седна баба да вечера“, „Кирјана вино продава“, „Море сокол пие“, „Македонско девојче“ и многу други. После секој концерт, без исклучок, ечеа долги, френетични и секако заслужени аплаузи за нашите уметници, коишто на врвно ниво и на маестрален начин презентираа тешка програма, за којашто, веруваме ќе се говори уште долго. А меѓу бројната публика, на концертите на нашиот ансамбл присуствуваа македонските амбасадори во Црна Гора, Словенија и Хрватска, претставници од дипломатскиот кор, раководствата на тамошните фолклорни ансамбли и институции од областа на културата, како и многу други видни гости од регионот. Секако, најбројна и најзадоволна беше верната публика на Танец, која го следи овој наш најстар и единствен од тој вид ансамбл, сите овие 75 години од неговото постоење.

За жал, иако во агендата на оваа балканска турнеја на Танец беше предвиден и целовечерен концерт во Бања Лука – Босна и Херцеговина, заради непредвидени технички причини, концертот не можеше да се одржи и беше откажан.

„Танец“

По врнежите, агрометеоролозите препорачуваат дополнителна претсеидбена обработка на почвата

 По врнежливиот период што ја зафати земјава, кај одредени есенски култури кои се во период на претсеидбена подготовка површината на почвата треба длабоко да се обработи.

По врнежливиот период што ја зафати земјава, кај одредени есенски култури кои се во период на претсеидбена подготовка површината на почвата треба длабоко да се обработи, а по обработката треба да следи и дополнителна претсеидбена и површинска обработка, укажуваат агрометеоролозите од УХМР.

Како што објаснуваат, целта на дополнителната обработка е да создаде растресит и иситнет површински слој на почвата во кој ќе се посее семето.

-Паралелно со обработката на почвата треба да се изведе и основното ѓубрење, како важна агротехничка мерка, бидејќи поголемиот дел од нашите почви се скудни со азот и фосфор на што треба да се посвети посебно внимание при ѓубрењето. Останатите земјоделски култури или во поголем дел, се наоѓат во фаза на берба, се собираат или веќе им се собрани плодовите. Се препорачува земјоделските производители да продолжат со активностите и грижата за нивните посеви, напоменуваат агрометеоролозите.

Тие укажуваат дека според прогнозата, до утре ќе преовладува сончево и топло време. Во недела ќе има значителна промена со повремени врнежи од дожд, локална појава на грмежи и засилен северен ветер. Засилен ветер ќе има и во понеделник што ќе предизвика значителен пад на температурата.

Без вода дел од Маџари

Без вода денеска од 11:10 часот се дел од корисниците од улицата „Благоја Стефковски“ во населба Маџари.

Како што соопшти ЈП „Водовод и канализација“ - Скопје, прекинот е поради замена на затворач во шахта на ул.„Благоја Стефковски“бб (кај Спорт Лајф) во населба Маџари.

Водоснабдувањето ќе биде прекинато до санирање на дефектот.

притисни ентер