Дваесет и осумгодишна кавадарчанка си слави седми роденден

Kавадарчанката Славица Димова Вареловска е меѓу ретките во државава што со нетрпение го чекаат 29 февруари, бидејќи полни 28 години, а го слави седмиот роденден. 

Годинава е престапна, па сите што дошле на свет последниот ден од месецот имаат посебна причина за славење.

– Годинава имам можност да си го славам роденденот токму на денот кога сум родена. Kога годините не се престапни, роденденот го одбележувам на 28 февруари. Но, никој од моите блиски не ми го признава тој датум за роденден, па ми честитаат дури на 1 март, открива дипломираната економистка.

Кога била мала, всушност не била свесна за овој интересен податок околу нејзиното раѓање.

– Дури кога го славев вистинскиот четврти роденден, кога наполнив 16 години, тогаш малку се замислив, ми дојде интересно, си велам на секои четири години роденден. Дотогаш не ми беше датумот на раѓање некоја голема возбуда или нешто посебно интересно. Тогаш си реков, е па добро е по нешто да се разликуваш од другите. Тоа го прифатив на 16. роденден, како тинејџер, вели Димова Вареловска.

Тогаш ги сфатила своите родители кога ѝ објаснувале за раѓањето на бележит ден. А ѝ кажувале дека биле многу среќни кога се родила. Низ годините, сите што ја запознавале, се чуделе на нејзиниот датум на раѓање, па јавно прашувале да не е можеби некаква грешка при запишувањето на денот кога е родена. Kога сфаќале дека не е шега, велеле оти се среќни што првпат среќаваат некој посебен, роден на тој ден.

– На кој и да му кажам кога сум родена вели – супер, на секои четири години славиш роденден. Некои се смеат и веднаш ме прашуваат како го славиш роденденот. Но, се случува и да се зафркаваат со мене, да ми велат дека сум малолетна и да ме прашуваат што барам со нив јас толку мала. Немој да пробуваш алкохол, коментираат за мојата малолетност. Па ми велат ќе ми подареле играчка оти сè уште сум била мала. Kога наполнив 16 години, другарките ме изненадија со торта со бројот 4, во согласност со мојот четврти роденден. Пред четири години, од нив добив прекрасен подарок, мојот лик изработен од дрво и натпис среќен шести роденден, раскажа младата кавадарчанка.

Ја прашавме дали знае за иницијативата во светот да се смени календарот со цел да нема вакви проблеми со времето.

– Искрено не би сакала да се случи тоа. Би сакала да остане како што е. Интересно е вака, мислам дека со причина сум родена на тој датум. Верувам дека сум посебна на некој начин, дека мојот датум на раѓање е дар од Бога, благодат, сигнал. Ми се чини дека има некоја магија, таинственост, симболика, но сè уште ја немам откриено тајната. Се надевам дека има нешто во фактот што сум родена токму тогаш, а не во друг ден. Јас сум една од редот на ретките, избраните, посебните и свесна сум за тоа. Многумина ми рекле дека сакаат да се на мое место, вели Димова Вареловска.

Таа и за овој роденден, како и досега, нема посебни желби, сака само да си помине убаво и да го памети седмиот роденден, кој го прославува како среќна ќерка, сестра и сопруга. Има и предлози за оригинална прослава во игротека, со јунаци од цртаните филмови.

– Не сум полнолетна уште. Полнам седум години, а веќе работам, се смее Димова Вареловска.

Барала и други лица родени на 29 февруари, но потрагата оди тешко. Сака да запознае луѓе што се родени на 29 февруари во високосна година, како што велат тиквешани.

– Би било убаво да се дружиме и да организираме различни настани како што се прави во светот. Во некои од земјите, како што можеме да видиме преку интернет, се реализираат посебни збиднувања за луѓе родени на последниот ден на февруари во престапна година, како крстосување или слично, додава Димова Вареловска за МИА. /МИА

Де Роси за дуелот со Алонсо во ЛЕ: Го почитувам уште од кога беше играч

Тренерот на Рома, Даниеле де Роси, ја прокоментира големата победа на тимот со 2:1 против екипата на Милан, со која и официјално „римските волци“ се пласираа во полуфиналето на Лига Европа.

Менаџерот, кој неодамна го презеде првиот тим, продолжува да прави чуда, а синоќа ги пофали своите играчи за нивниот напредок.

-За да го победиме овој Милан ни требаа вештини. Кога останавме со 10 фудбалери, моравме да играме со интензитет, но со интелигенција и тактичко знаење. Само трчање не е доволно. Многу сум горд што тренирам таков тим. Не беше лесно бидејќи Милан е многу силен тим кој игра добар фудбал. Завчера видовме дека дури ни Реал Мадрид не беше активен и се бранеше, ние истото го направивме, кога беше вистинскиот момент за тоа, изјави Де Роси.

Римјаните во полуфиналната фаза ќе играат против екипата на Баер Леверкузен во реприза на пресметката од истата фаза на турнирот од минатата кампања, кога „волците“ стигнаа до успехот.

-Можеби сакаат да се одмаздат за минатата година кога ги победивме. Ќе видиме што ќе се случи, но очигледно не не сметаат за фаворити. Можеби некој го чекаше Милан во полуфиналето од Лига Европа. Имам голема почит кон Чаби Алонсо уште од кога беше играч, додаде Де Роси.

Првиот натпревар е на 2 мај (четврток), а реваншот е точно една недела подоцна на 9 мај (четврток). /МИА

Средба на претставници на БиХ со Гутереш

Претседавачот на Претседателството на БиХ Денис Беќировиќ и членот на Претседателството на БиХ Жељко Комшиќ разговараа со генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш во седиштето на ОН во Њујорк, јавува босански Аваз.

Во седиштето на оваа меѓународна организација, Беќировиќ и Комшиќ му се заблагодарија на генералниот секретар на ОН за досегашната поддршка за активностите и мерките во борбата против негирањето на геноцидот, говорот на омраза и глорификацијата на воените злосторства во Босна и Херцеговина.

Тие му укажаа на Гутереш важни факти поврзани со Предлогот за резолуција за Сребреница во Генералното собрание на ОН, наведува весникот.

На средбата беше нагласено дека конечните пресуди на највисоките судови на ОН (Меѓународниот суд на правдата и Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија) ​​потврдија дека е извршен геноцид врз Бошњаците во безбедносната зона на ОН во Сребреница. Беше истакната важноста на Генералното собрание на ОН да усвои резолуција за Меѓународниот ден на сеќавање и комеморација на геноцидот во Сребреница извршен во 1995 година.

Тие нагласија дека ОН со усвојувањето на резолуцијата за прогласување на 11 јули како Меѓународен ден на сеќавање и одбележување на геноцидот во Сребреница извршен во 1995 година, ќе укаже на важноста од промовирање на вистината за извршениот геноцид.

Гутереш истакна дека секоја форма на негирање на геноцидот е апсолутно неприфатлива и ја изрази својата целосна поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина.

Во разговорот со Гутереш, Беќировиќ и Комшиќ истакнаа дека главната цел на резолуцијата е да се изгради мир, безбедност и доверба во Босна и Херцеговина и во регионот. Исто така беше истакнато дека усвојувањето на резолуцијата е важно за зачувување на кредибилитетот на ОН и укажување на важноста од почитување на пресудите на судовите на ОН, извлекување поуки од неуспехот на ОН во спречувањето на геноцидот врз Бошњаците во Сребреница, како и укажување на глобалното значење на превенцијата на геноцидот.

Тие потсетија и на зборовите на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, кој на 25-годишнината од Дејтонскиот мировен договор, меѓу другото, рече дека изградбата на иднина на мир бара соочување со минатото.

Во зградата на Обединетите нации завчера се одржа презентација на нацрт-резолуцијата за геноцидот извршен во Сребреница во 1995 година. Текстот на резолуцијата го презентираа Германија, Руанда и Босна и Херцеговина, а присуствуваа и ко-спонзорите, кои се 17 на број.

Против резолуцијата зборуваа Русија, Србија, Венецуела, Кина, Северна Кореја и Никарагва

Инаку, Генералното собрание на Обединетите нации ќе гласа за предлог резолуцијата за геноцидот за Сребреница на 2 мај. Пред неколку дена и шефот на македонската дипломатија Бујар Османи најави дека Македонија ќе биде ко-спонзор на резолуцијата и ја повика Србија да ја поддржи. И Италија и Франција најавија дека ќе ја коспонзорираат нацрт резолуцијата. Според Османи, резолуцијата досега ја поддржале повеќе од 17 земји, меѓу кои Ирска, Финска, Холандија, Албанија, Турција, Јордан, Малезија.

Засега, јавна поддршка за резолуцијата искажаа и Руанда, Германија, Нов Зеланд, Чиле, Франција, Лихтенштајн, Словенија, Соединетите Американски Држави и Италија.

За да се усвои резолуцијата потребна е двотретинска поддршка, т.е. дека за неа гласаат повеќе од 130 членки на ОН. Причината поради која беше одлучено да се предложи резолуцијата до Генералното собрание, а не до Советот за безбедност на ОН, е тоа што би било речиси невозможно СБ да ја усвои таа резолуција.

Klix.ba потсетува дека Велика Британија како една од петте постојани членки на Советот за безбедност во 2015 година предложи резолуција за геноцидот во Сребреница, но Русија како постојана членка, стави вето.

Од друга страна, нема механизам за вето во Генералното собрание, што значи дека одлуката на две третини од државите претставува конечна одлука. Имено, станува збор за принципот „една земја-членка, еден глас“, т.е. гласот на секоја држава е еднаков. Тоа значи дека Босна и Херцеговина ќе треба да вложи големи дипломатски напори за да обезбеди поддршка од повеќе од 130 земји. /МИА

Гасперини: Победата над Ливерпул е како трофеј за Аталанта

-Несомнено ни е важно да освоиме нешто, но победа е и да го видиме единството на овие момци, изјави Гасперини.

Тренерот на Аталанта, ЏанПјеро Гасперини по пласманот на неговиот тим во полуфиналето на Лига Европа, по победата од 3:0 против Ливерпул на „Енфилд“ пред една недела и тесниот пораз од 0-1 синоќа во реваншот, изјави дека елиминирале „одличен тренер и одличен тим“.

- Несомнено ни е важно да освоиме нешто, но победа е и да го видиме единството на овие момци. На полувремето ги прашав дали сакаат малку да се повлечат и да се бранат подлабоко, дали чувствуваат притисок, но тие рекоа апсолутно не! Ова е трофеј за мене, оваа победа е како трофеј за Аталанта, бидејќи тие размислуваат како мене. Кога клуб како нашиот ќе успее да постигне резултати далеку од историјата на Аталанта и Бергамо, морам да го сметам за исклучителен за мојата кариера, за Бергамо и за сите останати, изјави Гасперини.

Во полуфиналето Италијанците ќе ги одмерат силите со тимот на Марсеј, кој по продолженијата и пенали ја совлада португалска Бенфика. Средбите се на 2 и 9 мај. /МИА

притисни ентер