Во Велес изминатата недела 468 заболени од грип од кои најголем број се деца

Вo Центарoт за јавно здравје во Велес изминатата недела се регистрирани 468 заболени од грип од кои најголем број се деца.

Споредено со претходната недела кога беа регистрирани 808 заболени, а што беше и најмногу за една недела годинава, изминатата недела бројот на заболени е во речиси двојно опаѓање, но сепак бројот на заболени е голем, посочуваат епидемиолозите од оваа јавна здравствена установа

Доктор Бојан Тодоровски од Центар за јавно здравје во Велес истакна дека од 468 заболени 75 се деца на возраст до четири години, а 166 се школски деца основци на возраст од 5 до 14 години. Во старосната група од 15 до 64 години, каде има и деца средношколци заболени се 198, а на возраст над 65 години заболени се само 29 лица.

Во текот на февруари во Центарот за јавно здравје во Велес се регистрирани 1.359 лица заболени од грип, а во јануари имало само 88 заболени од грип. /МИА

“Вјасна“: Стотина поли­­­­тички затвореници во Белорусија се во многу лоша здравствена состојба

Белорусија започна брутална репресија врз опозицијата по масовните протести низ целата земја во втората половина на 2020 година.

Стотина политички затвореници во Белорусија, приведени во текот на жестоката конфронтација меѓу властите и опозицијата во изминатите години, имаат многу сериозни здравствени проблеми и можеби се на работ на смртта, соопшти „Вјасна“, белоруската организација за човекови права.

„Вјасна“, чиј основач е нобеловецот Алес Бијалијацки, кој, исто така, се наоѓа зад решетки, идентификуваше 93 затвореници чија здравствена состојба е особено загрижувачка, поради проблеми со рак, срце, болести и други состојби - запоставени или лошо третирани во затворски услови.

-Во заробеништво секоја болест напредува побрзо, во комбинација со недостаток на квалитетна здравствена заштита, изјави претставникот на „Вјасна“, Павел Сапелка и додаде: „На ова влијаат затворските услови: недостаток на свеж воздух, неухранетост, постојан психолошки притисок и стрес“.

Белорусија започна брутална репресија врз опозицијата по масовните протести низ целата земја во втората половина на 2020 година, кога беше оспорена шестата последователна изборна победа на авторитарниот претседател Александар Лукашенко.

Активистите за човекови права веруваат дека околу 35.000 луѓе биле приведени за време на задушувањето на тие демонстрации, од кои многумина биле претепани од полицијата.

Сите значајни опозиционери се или во затвор или во егзил.

„Вјасна“ проценува дека зад решетки во Белорусија има повеќе од 1.400 политички затвореници. /МИА

Најдобрите американски колеџи се борат со протести против војната во Газа

Протестите против војната во Газа се проширија од Колумбија и Јеил на други американски универзитети додека властите се обидуваат да го разбијат растечкото протестно движење, пренесува Би-Би-Си.

Полицијата синоќа го прекина протестот на Универзитетот во Њујорк и изврши голем број апсења.

Десетици студенти беа уапсени на Јеил претходно истиот ден, додека Колумбија ги откажа часовите со физичко присуство.

Слични „кампувања“ се појавија во Беркли, МИТ и други колеџи низ земјата.

Демонстрации и жестоки дебати за војната меѓу Израел и Газа и слободата на говор ги потресоа американските кампуси по терористичкиот напад на Хамас врз Израел на 7 октомври на кој Израел одговори со инвазија врз Појасот Газа. /МИА

Во САД, студентите од двете страни велат дека има пораст и на антисемитски и на исламофобични инциденти.

На прашањето за протестите во кампусите, американскиот претседател Џо Бајден вчера рече дека ги осудува „антисемитските протести“, како и „оние кои не сфаќаат што се случува со Палестинците“.

Протестното движење на кампусите го привлече вниманието на глобално ниво минатата недела откако полицијата во Њујорк беше повикана во кампусот на Универзитетот Колумбија и уапси десетици демонстранти.

Колумбија вчера објави соопштение во кое објави дека сите часови ќе се одржуваат онлајн, при што претседателот на Колумбија Минуш Шафик ги наведе како причина инцидентите со „застрашувачко и вознемирувачко однесување“.

Доктор Шафик рече дека тензиите во кампусот биле „искористени и засилени од поединци кои не се поврзани со Колумбија кои дошле во кампусот за да ги следат своите агенди“.

На Универзитетот во Њујорк, демонстрантите поставија шатори спроти школата за бизнис Стерн.

Како што беше случајот со некои други универзитети, демонстрантите на NYU го повикаа училиштето да ги открие и да ги отфрли своите „финансии и донации од производители на оружје и компании со интерес за израелската окупација“.

Полицијата синоќа почна да апси демонстранти Универзитетот во Њујорк.

Неколку часа претходно, речиси 50 демонстранти беа уапсени на Универзитетот Јеил во Њу Хевен, Конектикат, каде што на демонстрациите учествуваа неколку стотици луѓе во текот на викендот.

Универзитетот соопшти дека приведените игнорирале „повеќе барања“ да заминат.

Десет загинати во судар во воздух и уривање на два малезиски воени хеликоптери

Воената морнарица на Малезија соопшти дека два воени хеликоптери се судриле и се урнале за време на денешните вежби, при што загинале 10 лица во него.

Хеликоптерите биле на обука во поморска база во државата Перак за прославата на 90-годишнината од морнарицата, што ќе се одржи во мај, пишуваат француските медиуми.

„На лице место беше потврдено дека сите се мртви“, соопшти морнарицата, додавајќи дека посмртните останки се испратени во болница за идентификација.

Според снимките објавени на социјалните мрежи, едниот хеликоптер го фатил роторот на другиот, а потоа и двата се урнале.

Инцидентот се случил во 9:30 часот по локално време во градот Лумут, каде се наоѓа поморската база, јави Би-Би-Си.

Надлежните наведуваат дека ќе формираат комисија која ќе ги истражи причините за несреќата./МИА

притисни ентер