„Корковадо": Грејдерите за потребите на Армијата на РМ не се исти со оној продаден во Србија

 „Тие само изгледаат исто, како што сите грејдери на светот изгледаат исто. “

Српска компанија „Корковадо", преку која беа набавени машини-грејдери за потребите на Армијата, денеска ги демантираше тврдењата за злоупотреби и неправилности при реализацијата на набавката, оценувајќи дека станува збор за „лаги и злонамерни манипулации со фактите".

– Разбирам што е политичка борба, но мојата компанија е обвинета во медиумите од страна на целосни незнајковци и луѓе кои не се разбираат во техника и машини, вели во демантот директорот на „Корковадо", Дејан Станојковиќ.

Тој посочува дека грејдерите за потребите на Армијата биле продадени по цена од 197.000 евра за праче без ДДВ, како и дека овие машини и онаа што фирмата ја продала во Србија по пониска цена, воопшто не се исти.

– Тие само изгледаат исто, како што сите грејдери на светот изгледаат исто. Постојат огромни разлики. Вашите грејдери имаат погон и на предните оски што не е случај со грејдерот во Србија. Само тој додаток чини 40.000 евра, се наведува во демантот.

Во соопштението се посочува дека моторите во грејдерите набавени за нашата Армија, производство на еден од најдобрите производители во светото „Каминс", се поголеми и помоќни од оние во машината продадена во Србија, како и дека поради дополнителниот хидрауличен погон со хидромотори на предните тркала, потребен е помоќен мотор, бидејќи тој покренува и дополнителна моќна и голема хидро пумпа, што автоматски го прави поскап.

– Вашите грејдери имаа мотори со моќност од 164 киловати, а грејдерот испорачан во Трговиште (Србија) има 125 киловати. Вашите грејдери имаат ЗФ-троник менувачи од германски производител (најдобри менувачи во светот), што не е случај со грејдерот во Србија. Вашите грејдери имаат „пливачки од" на средниот и на предниот нож, што претставува врвна технологија и ретко кој производител ја има таа опција, се додава во демантот.

Станојковиќ во соопштението посочува дека грејдерите за нашата Армија се и габаритно поголеми, што „злобните луѓе нема да го забележат затоа што не сакаат".

– Секој кој и малку се разбира во техника ќе ги разбере овие наводи и ќе сфати дека машините воопшто не се исти. Напротив постои огромна разлика, но за незнајковците и злобните луѓе тоа не значи ништо. Купувачот поради ограничени средства купил многу поедноставна машина. Морам да напоменам дека кај вас имаше јавна набавка на која можеа да се јават сите продавачи на грејдери. Исто така, имаше и е-аукција на која учествуваа три фирми. Зошто не ги намалиле цените, ако моите грејдери се скапи. Напоменувам дека другите имаа многу повисоки цени и дека цената по која ги купивте грејдерите е исклучително добра, бидејќи доколку мојата компанија не беше на тој тендер, истите машини ќе ги платевте многу поскапо, истакнува Станојковиќ во демантот.

ВМРО-ДПМНЕ вчера обвини дека Министерството за одбрана преку јавна набавка набавило две тешки машини грејдери за потребите на Армијата од „Корковадо" по цена од 232.426 евра по машина, додека, според партијата, истата компанија на српска институција и продала таква машина во вредност од 108.000 евра.

На тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ уште вчера реагираше Министерството за одбрана тврдејќи дека во целата постапка за јавната набавка на грејдерите биле почитувани сите законски одредби. /МИА

Хуманитарен концерт во сеќавање на Климентина Рафајловска

Во Салон 19:19 во Скопје вечерва ќе се одржи концерт во сеќавање на Климентина Рафајловска (1977-1994), која била ученик на пијано и харфа во училиштето „Илија Николовски-Луј”.

На програмата ќе бидат изведени дела од композиторите Сен Санс, Равел, Буланже, Штолцел, Пијацола, Хенсон, Капле, Форе и Шостакович.

На концертот ќе учествуваат музичари од нејзината генерација, Ема Абаџиева – обоа, англиски рог, Весна Ангелова Христов – пијано, Орце Ицковски – фагот, Гордана Јаневска – виолина, Тереза Крцоска – виолина, Јанинка Невчева – пијано, Јулија Нелковска – виолина, Надежда Рубен – сопран, Боро Станковски – виола, Елена Стојческа – флејта, Дарко Трајковски – виолина, Мерсиха Шукри – харфа.

Соученичката на Рафајловска, Мерсиха Шукри, која е единствената харфистка во земјава во изјава за МИА вели дека целта, меѓудругото, е и да се подигне свеста и поддршката за болните од рак.

- Климентина Рафајловска ни беше соученичка во музичкото училиште. За жал, за кратко време нѐ напушти, се разболе од леукемија. Оваа година се навршуваат 30 години од нејзината смрт. Во таа чест, генерацијата се собравме да одржиме концерт во нејзина чест. Воедно, да ја подигнеме свеста и поддршката за сите заболени од лошата болест, вели Шукри, додавајќи дека животот е непредвидлив и затоа е потребно многу повеќе љубов и разбирање.

Човекот е покршлив од стаклото и многу малку е свесен дека секому може да му се случи, вели Мерсиха Шукри.

Во чест на Рафајловска, од 1995 до 2008 година беше доделувана наградата „Климентина Рафајловска” за првенец на генерација, од страна на истоимената Фондација. Меѓу добитниците на оваа награда се и Симон Трпчески, Ирина Наумовска, Никола Атанасов, Александар Краповски и други.

Средствата собрани со продажба на билетите и од донаторската кутија, ќе бидат донирани на Здружението посветено на пациенти болни со рак и нивни негуватели ХЕМА-ОНКО, а наменети за потребите на пациентите на Универзитетска клиника за хематологија.

Единаесет лица се повредени во сообраќајка на бугарски автобус во Турција

Единаесет лица се повредени кога автобус со бугарски регистарски таблици што сообраќал од Истанбул за Бугарија се превртел во областа Киркларели во Турција, јави агенција та Анадолија.

Сообраќајната несреќа се случила на 50 километри од бугарската граница. Автобусот е на компанијата „Метро туризам“.

На местото на несреќата се упатени екипи на полиција и медицински лица.

Повредените, вклучувајќи го и возачот на автобусот, се хоспитализирани во околните болници. /МИА

Сообраќајот тековно и без застои

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози. 

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Патниот правец Охрид – Ресен, преку националниот парк Галичица од 01.04.2024 е пуштен за сообраќај за сите видови возила со вкупна тежина до 3.5 тони.

притисни ентер