ССК бара поддршка за приватниот сектор со системско решение

Мицкоски истакна дека на бизнисмените од ССК ќе им го презентираат она што веќе го вклучиле во изборната програма и ќе слушнат што би можело да се вметне од неа од предлозите од оваа комора.

Претседателката на Сојузот на стопански комори Данела Арсовска денеска на средба со лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски порача дека сите работи што ќе се прават за доброто на економијата во иднина треба да бидат поддржани со системско решение.

-Единствената работа којашто му е потребна на приватниот сектор во овој момент е системско решение. Потребно ни е сите работи што ќе се прават, а кои се за доброто на економијата да бидат поддржани со системско решение, со решенија кои ќе бидат квалитетни, функционални, долгорочни и ќе немаат проблеми во имплементацијата, рече Арсовска на средбата на која стопанственици од ССК ги претставуваат очекувањата за бизнисот по изборите.

На сите во државата, нагласи, им е потребен систем, владеење на правото и функционални институции.

Според Арсовска, ветувањата на партиите за инфраструктурните проекти треба да бидат реални и остварливи. Таквите прокети, потенцираше, се значајни за инфраструктурното поврзување и протокот на стоки и услуги во рамки и на државата и со регионот.

– Важно е реализацијата да биде реално остварлива и да се потрудат чинителите во власта откако ќе го донесат Буџетот да ја остварат максимално, односно да биде реална и остварлива. Она што ќе се предвиди да се оствари за да немаме ситуации со ребаланс на Буџетот како што имавме во минатото. Важно е да се прават добри и квалитетни анализи. Инфраструктурното поврзување секогаш е добро, ја движи економијата и градежништвото и уште 20-ина други гранки, рече Арсовска.

Мицкоски истакна дека на бизнисмените од ССК ќе им го презентираат она што веќе го вклучиле во изборната програма и ќе слушнат што би можело да се вметне од неа од предлозите од оваа комора.

– Она што Сојузот на Стопански Комори практично ќе ни го предложи, она што е важно за нив, па да видиме дали дел од тие проекти, политики можеме веднаш да ги вклопиме во програмата. Дел понатаму откако ќе направиме детална анализа на состојбите во буџетот на државата кои што според наша информација, според она навигација со која ние располагаме е во една многу лоша состојба и кондиција. Таквата состојба исто како и за економијата предвидуваме дека ќе биде се полошо од периодот кој што следи, рече Мицкоски. /МИА

За една недела во Грција се уапсени 379 лица за семејно насилство

Минатата седмица грчката полиција уапсила 379 лица по поднесени пријави за семејно насилство, а 23 жртви биле пренесени во центрите за згрижување, јави дописничката на МИА од Атина.

Министерството за заштита на граѓаните на Грција информираше за резултатите од спроведувањето на новиот план на полицијата за справување со криминал, семејно насилство и врсничко насилство.

Согласно неделниот извештај, во периодот од 15 до 21 април, полицијата примила 1.025 повици за семејно насилство, а на 81 жена – жртва на насилство ѝ била инсталирана специјалната апликација за помош „Panic Button“ на грчката полиција .

Биле пријавени 633 случаи на семејно насилство, при што биле уапсени 379 лица, а 23 жртви на насилство биле пренесени на безбедни локации.

Во однос на малолетничката деликвенција и врсничкото насилство биле извршени проверки на 6.004 лица, од нив 344 биле приведени, а 160 уапсени и биле потврдени 270 прекршоци.

Како на младите да им се врати љубовта кон книгата?

Некогашната парола, книгата е прозорец кон светот, за младите повеќе не важи. 

За нив прозорец кон светот е интернетот, книги читаат само понекогаш, ако тоа од нив го побараат наставниците.

Дека е така потврдуваат и дел од издавачите на овогодинешниот саем на книга.

Најмалку читаат средношколците, и основците, а книги купуваат најчесто кога се на попуст. Слободното време, најчесто го поминуваат на интернет. За разлика од нив, за повозрасните, технологијата не е предизвик.

36 издание на Саемот на книга завршува утревечер, во 20 часот.

Од петок постепена стабилизација на времето

Невообичаено топлите времелетни температури нагло се заменија со ладни и дождливи денови.

Во наредните 2 дена ќе владеат врнежи, на некои места ќе бидат поројни, а планинските предели ќе добијат уште една мала снежна покривка, предупредуваат од УХМР. Оние кои планирале прошетка претсојниот викенд не треба да се грижат, тмурните облаци ќе се расчистат, а вистинската пролет, со умерени температури веќе при крајот на неделата ќе пристигне во Македонија.

-Веќе од петок ќе имаме постепено стабилизирање на временската состојба, ќе преовладува во петок претежно стабилно, веќе и потопло време, а од деновите од викендот со максимални температури кои ќе бидат во интервал од 18 па се до 26 степени.-УХМР

Сепак ваквото време во претстојните два дена го вклучи и алармот кај ЦУК. Од таму ги предупредуваат граѓаните да внимаваат на магистранлните и регионални патишта поради одрони од карпи, како и на прилагодување на брзината поради мокри патишта. Воедно, граѓаните да избегнуваат суводолици порадо можност од нагло надоаѓање на вода, а и одводните канали треба да бидат чисти и проточни, наместо да се создаваат брани од ѓубре...

-Истовремено да се внимава на работите што можат буквално, како велиме, да одлетаат од градбите во населбите и особено што се од градбите во изградба, градилиштата, треба да се обезбедат практично сите работи што заради ветер би паднале и би претставувале опасност за луѓето кои што се во околината. Ако се престојува на планина пак препорачливо е да се има доволно гориво во возилата и да се внимава на планинските патишта, конкретно на лизгавостаи на проодноста на патот особено ако не е асфалт. – Илија Бојаровски – ЦУК

Според хидролозите, не постои закана и опасност од излевање кај поголемите реки и сливови, но и тие упатуваат на внимателност кај суводолиците и помалите сливови, како и кај атмосферските канализации кои се во опасност од запушување. Сепак, уверуваат, дека дождливото време во овој период е повеќе од добредојдено.

притисни ентер