Шкријељ: Градинка за 120 деца во Ресен, децата ни се врвен приоритет

Ресен добива градинка за 120 деца. Вкупната вредност на зафатот е 22,4 милиони денари, во кои Министерството за труд и социјална политика учествува со 20,8 милиони денари. 

Средствата се обезбедени со поддршка на Светска банка. Дополнителната заменик-министерка за труд и социјална политика Санела Шкријељ и градоначалникот на Ресен Живко Гошаревски направија увид во адаптацијата на градинката.

„Се грижиме за најмладите. Децата се нашата иднина. И во оваа градинка тие ќе учат и ќе го осознаваат светот, ќе се социјализираат и ќе се развиваат во љубопитни и истрајни личности. Градинките не се места каде децата само се згрижуваат, јадат и спијат и затоа е навистина важно секое дете да има еднакви можности за старт во живот. Обврска на институциите од централната и од локалната власт е тоа да им го овозможиме“, рече дополнителната заменик-министерка Шкријељ.

Владата и Министерството за труд и социјална политика континуирано работат на зголемување на опфатот на деца во предучилишните форми на воспитување и образование, затоа што раното учење игра клучна улога во развојот на децата и истовремено овозможува активирање на родителите на пазарот на труд. Со поддршка на Светска банка, до јуни 2024 ќе се обезбедат 7.500 нови места во градинките. Само во две и пол години се вложени повеќе од 180 милиони денари во подобрување на инфраструктурата во детската заштита. И преку програмата на Светска банка, обезбедени се 15 милиони евра, за дополнителни инвестиции во градинките. Минатата година платите на стручниот кадар во градинките пораснаа за 26 проценти.

Градоначалникот на Ресен Гошаревски изрази задоволство што и оваа градинка е во програмата на Министерството. Со тоа што се отвораат нови места за опфат на деца, многу им се помага на семејствата каде родителите работат.

Шкријељ и Гошаревски го посетија и Дневниот центар за лица со интелектуална и телесна попреченост. Во моментов го користат осум лица, за кои е обезбеден превоз, престој и храна, како и помош за корисниците и семејствата.

„Социјалните сервиси, како што е овој дневен центар, треба да ги следат индивидуалните потреби на секое дете и неговото семејство, и да бидат мост со другите системи на поддршка. Само така, можеме да обезбедиме целосно вклучување на лицата со попреченост во општеството и да создадеме едно општество за сите“, нагласи Шкријељ.

За корисниците на Центарот се реализира воспитно-образовна работа преку прилагодени програмски содржини, соопштија од кабинетот на дополнителната заменик министерка Санела Шкријељ.

Европскиот парламент одобри визна либерализација за Србите од Косово

За безвижен режим за патување во ЕУ гласаа 406 од 597 европратеници.

Европскиот парламент денеска изгласа либерализација на визите за имателите на српски пасоши од Косово, кои ги издава Координативната администрација на Србија, на предлог на европратеникот и известувач за укинување на тие визи, Матјаж Немец.

За безвижен режим за патување во ЕУ гласаа 406 од 597 европратеници - до 90 дена за имателите на пасоши издадени од Координативната управа на Србија, 97 беа против, а 94 беа воздржани.

Германецот, обраќајќи им се на членовите на ЕП пред гласањето, рече дека тоа е важно гласање и одлука која ќе го подобри животот на 18.000 српски државјани на Косово, кои се носители на специјални пасоши. /МИА

Вучиќ: Со кампањата во Македонија, Курти ја поткопува регионалната стабилност

Предизборната кампања во Македонија најде место и на седницата на Советот за безбедност на Обединетите нации, каде синоќа се расправаше за извештајот за работата на УМНИК на Косово.

Српскиот претседател Вучиќ во своето обраќање рече дека косовскиот премиер Курти се мешал во внатрешните работи на Македонија и дека бил вклучен во предизборната кампања во земјава. Косовската претсеателка Вјоса Османи, пак, обвини дека Белград со терористички тактики го поткопувал уставниот поредок во Косово.

Швајцарија замрзна руски имот во вредност од 5,8 милијарди франци

 Швајцарија замрзна руски имот во вредност од 5,8 милијарди швајцарски франци или 5,95 милијарди евра, соопшти денеска Државниот секретаријат за економски прашања на земјата (СЕКО).

Оваа бројка се однесува на вкупната вредност на руските средства замрзнати од Швајцарија од почетокот на војната во Украина до крајот на 2023 година.

Вредноста на замрзнатите руски средства во Швајцарија е помала отколку на крајот на 2022 година, кога изнесуваше 7,5 милијарди швајцарски франци.

„Вредноста на финансиските средства замрзнати во врска со санкциите против Русија изнесуваше 5,8 милијарди швајцарски франци на 31 декември 2023 година. Ова е за 1,7 милијарди швајцарски франци помалку од бројката пријавена за декември 2022 година. Покрај тоа, сега се блокирани 17 имоти во 7 кантони“ се вели во соопштението на СЕКО. /МИА

притисни ентер