Боки 13: Ми беше понудено да не бидам осуден ако кажам дека Катица е виновна и дека Ременски земала пари

Судењето за случајот Рекет, денеска продолжи со сослушување на сведоците на Боки 13.

Адвокатот Васил Димишков, брат на судијката Весна Димишкова која како судија на претходна постапка му определи притвор на бизнисменот Орце Камчев во Империја, беше првиот на листата на сведоци на Боки 13 во случајот Рекет. Неговите сомнежи дека, како што рече, Камчеви сакале да го искористат за притворот, почнале кога на средба Орце му покажал слики од судски наредби потпишани од судијката Димишкова. Откако му е определен притвор на Камчев се сретнал со неговата сопруга Ана и Зоран Милевски Кичеец.

Јас сметав дека тие сакаа да ме искористат, да ме ангажираат како бранител, бидејќи во тој случај судијата на претходна постапка, мојата сестра, која постапуваше, по сила на закон ќе биде изземена од предметот. Анализирајќи ги разговорите со Камчева и Милевски, проценив дека не би требало да прифатам да бидам бранител во предметот. Кога се јави Милевски му кажав сума која за нив нема да биде прифатлива. Откако му ја кажав сумата не ме побараа.

Одбраната тврди дека обвинителството нема докази против Јовановски.

Боки 13 пак побара укинување на притворот. Вели дека Русковска лажела дека сакал да избега од земјава кога беше уапсен на пат кон Грција.

,,Мојата здравствена состојба стана шпанска серија, а во оваа држава има потешки криминалци кои шетаат слободно. Ми понудија позитивно мислење да излезам од притвор ако кажам дека Катица Јанева е виновна и дека Фросина Ременски земала пари.

Испровоцирана обвинителката Русковска му одговори - Полицијата не го најде Боки 13 во библиотека, туку на граница при обид за бегство. Затоа сум против какво било размислување да излезе од притвор.

На средба со новинарите по завршување на рочиштето судијката Васка Масевска Николовска рече дека на следното рочиште закажано за в четврток ќе одлучи дали ќе го укине притворот на Јовановски, а во пресуда ќе образложи што имало на снимките кои на барање на обвинителството јавноста не ги виде.

Тевез итно пренесен во болница

Поранешниот аргентински репрезентативец Карлос Тевез синоќа беше примен во болница со силни болки во градите. 

40-годишниот поранешен напаѓач, кој моментално е тренер на локалниот клуб Индепендиенте, беше пренесен во болница во Буенос Аирес откако се почувствувал лошо, но првичните тестови не покажале ништо сериозно за неговата состојба.

-Нашиот тренер Карлос Тевез беше примен во болницата „Ла Тринидад“ во Сан Исидро со болки во градите. Тој ги направи соодветните тестови и тие беа задоволителни. Денеска тој ќе продолжи со нова серија на однапред планирани тестови како дел од поопшт преглед, се вели во официјалното соопштение од клубот, кој ја потврди ситуацијата.

Според локалните изданија, проблемите на Карлос Тевез се поради стрес.

Поранешниот репрезентативец на „гаучосите“ боледувал од висок крвен притисок и редовно се подложувал на тестови и се следи неговата состојба.

Ова доведе до шпекулации во локалниот печат за можноста тој да ја заврши тренерската кариера во обид да го намали притисокот и стресот околу него.

Се уште не е јасно дали Тевез ќе присуствува на денешниот тимски тренинг. /МИА

Мбапе подготвен да игра на нова позиција во Реал Мадрид

Напаѓачот Килијан Мбапе ја прифатил улогата за која е планиран по трансферот во Реал Мадрид, тврди „Ас“. 

Иако официјално не е објавен трансферот на фудбалерот од Пари Сен Жермен, на „Сантијаго Бернабеу“ веќе размислуваат како Французинот најдобро ќе се прилагоди во составот следната сезона.

За време на неговиот престој со парижаните, напаѓачот јасно стави до знаење дека претпочита да игра на левото крило на нападот на тимот, што му овозможува да се потпира на повеќе слободни простори на предните позиции. Во Реал оваа улога вообичаено му се доделува на Винисиус Јуниор, а ова е претпочитана позиција и за Родриго.

Сепак, според „Ac“, Мбапе е подготвен да игра повеќе во центарот на нападот како број 9 следната сезона, а тоа се поврзува и со неговата голема желба да ја освои „Златната топка“, бидејќи оваа позиција се смета за поволна за реализација на повеќе голови.

Францускиот репрезентативец оваа сезона постигна 41 гол на 43 натпревари за ПСЖ во сите натпреварувања. /МИА

Инцидент во грчкиот Парламент – пратеник физички нападна друг пратеник

На нападнатиот веднаш му била пружена прва помош од лекарот во Парламентот.

Независниот пратеник Константинос Флорос, кој беше избран со малата радикално десничарска партија Спартанци, претпладнево физички го нападнал пратеникот од Грчко решение Василис Граменос во Парламентот, пред салата во која се одржува пленарната седница, јави дописничката на МИА од Атина.

На инцидентот му претходела вербална расправија во самата сала, што во ходникот се претворила во физичка пресметка, кога Флорос со тупаници го нападнал Граменос.

На нападнатиот веднаш му била пружена прва помош од лекарот во Парламентот.

Медиумите во Грција коментираат дека станува збор за инцидент без преседан во Парламентот.

Претседателот на Парламентот Константинос Тасулас за насилното однесување на пратеникот побара највисока казна предвидена со правилникот на работа, односно исклучување на Константинос Флорос од Парламентот на 15 дена, а паралелно ќе биде побарано и одземање на пратеничкиот имунитет и кривично да одговара.

Флорос на изборите во јуни минатата година беше избран со малата радикално десничарска партија Спартанци, која подоцна ја напушти и стана независен пратеник.

Спартанци се поврзува со поранешниот пратеник од Златна зора Илиас Касидиарис кој издржува затворска казна./МИА

притисни ентер