Бектеши: Законот за енергетска ефикасност отвори можност за поефикасно јавно осветлување во општините

Новиот закон, додаде, ќе овозможи реализација на потребните инвестиции и мерки во областа на енергетска ефикасност, следејќи ги позитивните примери од земјите на ЕУ и регионот.

Со новиот Закон за енергетска ефикасност кој од вчера официјално влезе во сила, се овозможи реализација на долгорочни договори за енергетски услуги од страна на друштва даватели на енергетски услуги – ЕСКО и се прецизираат одредбите и модел-договорите кои овозможуваат реализација на проекти за подобрување на енергетската ефикасност, како за ефикасно осветлување, така и за други вложувања во енергетска опрема и инсталации каде меѓу другото се опфатени и реконструкции на згради.

Ова го порача министерот за економија Крешник Бектеши по днешеното потпишување договори за јавно-приватно партнерство по ЕСКО модел за јавно осветлување меѓу пилот општините Македонска Каменица и Чешиново – Облешево како корисници и ЕСКО компанијата Македонски Телеком АД – Скопје.

-Овој нов модел кој првпат се применува во суштина носи придобивки за јавните органи, бидејќи не е потребно претходно обезбедување средства од Буџетот на државата. Јавните органи со овој модел имаат можност врз основа на остварените заштеди на електрична енергија, со примена на мерки за енергетска ефикасност, да обезбедат подобри услуги за граѓаните, а трошокот за енергетското реновирање да го плаќаат преку сметките за електричната енергија, рече Бектеши.

Новиот закон, додаде, ќе овозможи реализација на потребните инвестиции и мерки во областа на енергетска ефикасност, следејќи ги позитивните примери од земјите на ЕУ и регионот, каде енергетската ефикасност донесува корист на повеќе нивоа, како за граѓаните така и за економијата воопшто.

Координаторот на проектот Здравко Стефковски посочи дека меморандум за разбирање во Проектот на Европската банка потпишаа 21 општина од кои пет беа избрани за пилот-општини. Со две од нив денеска, како што прецизира, се потпишува договор за јавно-приватно партнерство, а за два месеца треба да биде потпишан и со остантите три плот-општини Василево, Радовиш и Валандово.

-ЕСКО компаниите ја носат целокупната инвестиција на високо квалитетна ЛЕД технологија за улично осветлување додека крајниот корисник, во овој случај општините, финансиски не учествуваат. Крајниот корисник ја враќа инвестицијата на ЕСКО компанијата исклучиво преку заштедата на енергија. Во тендерската постапка, општината ја избира онаа ЕСКО компанија која има уредна документација според тендерската документација и ќе понуди најголемата нето финансиска добивка за општината, рече Стефковски.

Времето на враќање на инвестицијата, додаде, изнесува во просек шест години, а понудениот животен век на светилките е 100.000 работни часа. За времетраење на договорот целокупното одржување на опремата која е предмет на договорот потпаѓа под ЕСКО компанијата. По завршување на договорот, целокупната заштеда на енергија и опремата остануваат на крајниот корисник т.е. општината.

-Ако се земе предвид дека системот за улично осветлување во просек работи 4200 работни часа годишно, во тој случај светилките би требало да работат околу 23 години, потенцираше Стефановски.

Градоначалниците на општините Македонска Каменица и Чешоново-Облешево, Соња Стаменкова и Горанчо Крстев, се заблагодарија на Министерството за економија и ЕБРД за можноста да учествуваат во ваков проект и да можат да инвестираат во енергетски ефикасна инфраструктура на нивната територија.

Градоначалничката Стаменкова посочи дека нејзиниот тим со кој соработувала во проектот бил визионерски и навреме ги согледал придобивките од овој вид финасирање, а грдоначалникот Крстев прецизира дека проектот ќе значи заштеди за општината.

Претставникот од ЕСКО Компанијата Македонски телеком Гоце Митевски истакна дека како компанија ќе продолжат да работат во обезбедување најдобри услуги за граѓаните преку најнови технологии и додаде дека пилот-општините иако се мали први го сфатиле предизвикот и придобивките од дигитализацијата.

-Покрај штедливи сијалици на општините им нудиме и напредна комуникациска мрежа со која се контролираат светилките и се овозможува заштеда од 40 до 80 отсто, а при тоа има до 60 отсто подобар квалитет на осветлувањето, рече Митевски.

Проектот за создавање услови за имплементација на ЕСКО проекти започна со реализација во септември 2019 година, кога во просториите на Стопанската комора беа организирани повеќе настани на кои беа презентирани условите за учество во овој проект, а Министерството за економија помогна во структуирањето на проектите од аспект на енергетска ефикасност и јавно-приватно партнерство и координацијата на активностите со општините. Има за цел да обезбеди заштеда на трошоците за електрична енергија, создавање услови за имплементација на ЕСКО проекти, подобра услуга за граѓаните, како и да придонесе кон намалување на емисијата на стакленички гасови. Преку овој проект во почетокот беа опфатени пет-пилот општини Валанадово, Македонска Каменица, Радовиш, Василево и Чешиново – Облешево. Во втората фаза ќе биде проширен со ЕСКО проекти за поставување енергетски-ефикасно централно греење во јавните згради во општините.

Во рамките на проектот во Министерството за економија веќе е во тек изготвување на тендерска документација за спроведување на постапка за јавно-приватно партнерство за енергетско реновирање на зградата на Министерството.

-Очекуваме постапката да ја отпочнеме кон крајот на април. Ова ќе биде прв пример на тендерска постапка која ќе се спроведе по новиот модел за избор на ЕСКО и ќе биде модел по кој јавните институции ќе треба во иднина да ги реновираат зградите со примена на мерки за енергетска ефикасност, рече Бектеши.

Нагласи дека е уверен оти овој проект ќе придонесе кон подигање на свеста за придобивките од преземањето на мерки за подобрување на енергетската ефикасност, како и кон заживување и целосна имплементација на ЕСКО договорите, а воедно ќе придонесе и за постигнување на националните цели за заштеди на енергија и подобрување на условите за живење на граѓаните./МИА

Жените почесто имаат проблеми со сонот од мажите (фото)

Несоницата станува голем проблем во светот, таа влијае и на другите аспекти од нашиот живот.

Спиењето е добро за нашето здравје и општата благосостојба. Недоволното спиење ја намалува продуктивноста во текот на денот, нè прави нерасположени, но и ја намалува нашата концентрација за извршување на секојдневните задачи.

Постојат различни фактори кои влијаат врз квалитетот на сонот, а еден од нив е поврзан со полот. Според некои истражувања, жените се оние кои почесто остануваат будни во текот на ноќта, а некои студии покажале дека тие почесто се погодени од нарушувања на деноноќниот ритам (биолошкиот ритам на телото).

Се разбира, на истражувачите сè уште не им е јасно што влијае на биолошкиот ритам и зошто постојат разлики во спиењето кај мажите и жените, пишува sciencealert.com.

Сепак, за време на истражувањето, тие откриле дека постојат клучни разлики во квалитетот на сонот кај двата пола, што може да има се рефлектира врз здравјето на човекот вклучувајќи ризик од одредени болести.

Разлики во биоритамот

Истражувачите се фокусирале на 150 текста кои истражувале различни аспекти на спиењето, деноноќниот ритам и метаболизмот. Резултатите откриле дека жените имаат послаб квалитет на сон од мажите и дека се посклони да развијат одредени нарушувања на спиењето, како што е синдромот на немирни нозе. Кај мажите, забележано е дека тие почесто може да добијат апнеја при спиење од жените.

Мелатонинот, хормонот кој го регулира сонот, кај жените се лачи порано отколку кај мажите, а температурата на телото, која е највисока пред спиење, кај жените се повишува порано отколку кај посилниот пол.

Резултатите покажале дека жените имаат поголема потреба од сон и се будат подоцна, што не е во согласност со социјалните барања, како што е работата.

Метаболизмот се менува

Нарушувањето на деноноќниот ритам предизвикува ризик од нарушување на метаболизмот и појава на дебелина и дијабетес тип 2. Исто така, луѓето кои работат ноќна смена имаат поголем ризик од овие болести во споредба со оние кои работат во текот на денот. Ова го поддржува веќе потврденото во претходните студии, а тоа е дека полот може да влијае на квалитетот на сонот. Наодите укажуваат дека е потребно третманите за нарушување во спиењето да се прилагодат според полот на лицето.

Сè уште не се познати специфичните механизми кои објаснуваат зошто проблемите со спиењето и биолошкиот ритам се поврзани со поголемиот ризик од одредени болести и зошто постојат разлики во спиењето кај жените и мажите.

Секако, важно да се земе предвид и менструалниот циклус и земањето контрацепција бидејќи тие секако влијаат на квалитетот на сонот и на деноноќниот ритам.

Ваквото истражување помага подобро да се разберат разликите во квалитетот на сонот кај жените и мажите со цел да се обезбедат поефикасни третмани за двата пола.

Ужас во Словачка: Родители си ги тепале своите четири деца со синџири и ремени, ги изгладнувале

Во брутален случај на злоупотреба на четири деца во Словачка, полицијата ги уапси мајката Јарослава (32) и таткото Милан (42).

Децата доживеале неверојатна тортура, родителите наводно ги тепале со ремени и синџири. Откако ќе ги претепале, ги затворале и ги изгладнувале. Сепак, Јарослава за време на сослушувањето го обвини таткото за сѐ, објавија локалните медиуми.

Таа наводно рекла дека имала многу лоши односи со Милан. Според неа, тој наводно бил алкохоличар во последните 10 години. Во една прилика тој наводно го претепал синот Адријан со ремен, а потоа рекол дека не сака да го прави тоа. Според медиумите, мајката знаела дека таткото не им дава храна на децата.

Јарослава тогаш изјавила дека Милан не им дозволувал ништо на децата, кои многу се плашеле од него. Милан наводно во една прилика го претепал Адријан со тоа што го извлекол од креветот и го удирал со таква сила што момчето се онесвестило.

Катанците во куќата наликувале на затворски. Биле ставени на шкафовите, на вратата од детската соба, но и на фрижидерот, за децата да не изедат сѐ. Низ куќата одекнувале грди зборови.

Оваа ужасна злоупотреба била откриена минатата недела. Резултатите од истрагата покажуваат дека злоставувањето било откриено за време на часот по физичко, кога Адријан се пресоблекувал во спортска облека во соблекувалната.

Момчето наводно не сакало да каже ништо пред тоа бидејќи се плашело од тоа што може да го чека дома. Тој рекол дека татко му го тепал со синџир.

Медицинскиот извештај на Универзитетската болница во Трнава покажува дека Адријан се здобил со контузија и хематом на градниот кош.

На Милан сега му се закануваат 15 години затвор. Сепак, неговото семејство не се согласува со обвинувањата, додека неговата сестра тврди дека Милан никогаш не злоставувал деца.

„Одеше на работа додека жена му беше дома, таа не ни готвеше. Добро се грижеше за децата. Имаа брава на вратата да не ја отвораат децата. Децата го земаа јогуртот, јадеа малку па го фрлаа во ѓубре“, тврди сестрата на обвинетиот.

Полицијата ја продолжува истрагата.

Повторно е нападната американската воена база во Ирак

Вчера била нападната американската воена воздухопловна база Ал Асад во западниот дел на Ирак, а во нападот не е направена никаква штета и никој не е повреден, изјави неименуван американски функционер за Тајмс оф Израел.

„Ова беше втор напад врз американските сили од 4 февруари“, додаде американскиот официјален претставник, мислејќи на нападот во неделата кога беа истрелани пет ракети врз истата база од пограничниот град Зума.

Во тоа време, САД објавија дека сојузничкиот борбен авион уништил ракетен фрлач во Сирија, додавајќи дека ниту еден американски воен персонал не бил повреден.

Бранот од 165 напади врз американските војници во Ирак и Сирија започна во октомври минатата година, откако Хамас го нападна Израел, а заврши во февруари кога САД извршија воздушни напади врз цели поврзани со Иран во Ирак и Сирија.

притисни ентер