Помош од волонтерите на Црвен крст побарале 25.064 лица за да се снајдат на клинички

Волонтерите од Црвен крст за пет месеци им помогнале на 25.064 лица полесно да се снајдат во универзитетските клиники во Скопје, информира Министерството за здравство.

Од Министерството оценуваат дека успешно функционира проектот во соработка со Црвениот крст во кој волонтерите им помагаат на пациентите полесно да се снајдат низ клиничкиот комплекс, со цел да стигнат до потребната клиника, до соодветната локација, потребното снимање, преглед или анализа.

-Во периодот од октомври, минатата година, кога стартуваше овој проект, до денес помош од волонтерите побарале 25.064 лица на седум клиники, каде се поставени пунктовите, што покажува дека оваа мерка е корисна за пациентите, стои во соопштението.

Волонтерите, како што се појаснува, се лоцирани на седум најфреквентни локации во комплексот клиники „Мајка Тереза", во периодот од 8:30 до 12 часот, секој работен ден.

Волонтерите на Црвениот крст од искуствата на терен информираат дека најмногу пациенти побарале помош за упатување на интерните и на хируршките клиники./МИА

Поврзаност меѓу здравата исхрана и срцевите болести кај жени со рак на дојка

Истражувањето спроведено од научници од Истражувачкиот центар „Кајзер Перманенте“ во Калифорнија (САД), е објавено во списанието „ЈНЦИ Канцер спектрум“ (JNCI Cancer Spectrum). 

Жените кои во времето на откривањето и дијагностицирањето рак на дојка, практикувале почесто јадење зеленчук, овошје, протеини и нискомасни млечни производи - се изложени на 47 отсто помала опасност од срцеви заболувања, отколку оние во чија исхрана преовладувале масти, црвено месо и производи од месо.

Истражувањето спроведено од научници од Истражувачкиот центар „Кајзер Перманенте“ во Калифорнија (САД), е објавено во списанието „ЈНЦИ Канцер спектрум“ (JNCI Cancer Spectrum). Наодите од испитувањата се важни и бидејќи се покажало оти жените кои се лекувале од рак на дојка се изложени на значително поголем ризик од кардиоваскуларни болести од оние кои немаат ваков вид рак.

Зголемувањето на можноста од срцеви заболувања е предизвикано од самиот третман на рак на дојка, којшто е кардиотоксичен, а за нив дополнително придонесува и неправилната исхрана, недоволната физичка активност, стареењето и пушењето цигари.

Истражувањето се заснова, вели еден од водечките автори д-р Исак Иргас, на проучување на повеќе од 3.400 случаи на агресивен рак на дојка.

Најуспешни резултати, поврзани со заштитата од срцеви заболувања, се забележани во случаите кога болните жени се лекувале со антибиотикот „Антрациклин“ што ги труе и убива канцерогените клетки. Според податоците на Светската здравствена организација, во 2022 година во светот се регистрирани 3,2 милиони случаи на рак на дојка и 670.000 смртни случаи од оваа болест. Во однос на бројот на заболени, како и по бројот на смртни случаи, ова е еден од најчестите карциноми кај жените во развиените земји во светот.

Научниците тврдат дека опасноста од овој вид рак се зголемува со возраста. Во таа смисла, жените до 40 години имаат 1,5 отсто можност да заболат од овој рак, на 50 - три насто, а на возраст од 70 години и повеќе, ризикот е поголем од четири отсто. /МИА

Видео: Алек Болдвин вознемируван од пропалестинска активистка

Глумецот Алек Болдвин се соочи со вознемирување од пропалестинска активистка, а видеото од тој настан на „Х“ е прегледано над три милиони пати.

На снимката направена во некое кафуле, додека Болдвин плаќа за својата нарачка и го држи мобилниот телефон на увото, жената со својот телефон го снима и неколкупати настојчиво бара од него да каже „Слобода за Палестина“ и да го опцуе Израел и ционизмот. Кога активистката сфаќа дека глумецот ја игнорира, таа ја менува темата. Следното прашање е: „Зошто ја уби таа жена? Ја уби жената и не доби затворска казна? Нема затвор, Алек!“

Активистката тука ја има предвид смртта на кинематограферката Халина Хачинс на снимањето на каубојскиот филм „’Рѓа“. За потсетување, Болдвин се соочува со обвиненија за ненамерното убиство на Хачинс во 2021 година. Продолжението на судењето за убиство од небрежност е закажано за 10 јули.

На видеоснимката, натаму глумецот почнува да се заканува со полиција, но девојката е упорна во своето вознемирување и на крајот, Болдвин ѝ го исфрла мобилниот телефон од рака.

Алек Болдвин ја отфрли одговорноста за ненамерното убиство на Хачинс. /МИА

Oштетена гумената брана за наводнување на оризовите површини кај кочанското село Грдовци

Вработените во водостопанската подружница „Брегалница“ од Кочани утрово забележале намерно оштетување на гумената брана кај селото Грдовци, што се користи за зафаќање на водата од реката Брегалница и наводнување на околните оризови ниви.

Непознат сторител со остар предмет ја исекол гумената обвивка во должина од околу половина метар, по што дошло до истекување на акумулираната вода и празнење на помошниот канал од водозафатот.

-Во изминатите седум дена имаше шест обиди за сечење на гумата и конечно, во текот на доцните вечерни или раните утрински часови, сторителот успеал во намерата. Несфатливо е зошто некој, токму на почетокот на сезоната за сеење на оризот, се одлучил на ваква постапка со која прави повеќекратна штета. Во прашање е доведено наводнувањето на околу 100 хектари оризови површини. Освен тоа, наместо средствата со кои располагаме да ги инвестираме во одржување на каналската мрежа, ќе мора дел да потрошиме за ангажирање служба за чување на гумената преграда. Настанот веќе е пријавен во полиција и очекуваме разоткривање на сторителот и на неговите мотиви за ова кривично дело, истакна Станче Стефанов, техничко лице во водостопанскта подружница „Брегалница“.

Во тек се активности за санирање на оштетувањето на гумената преграда, но постапката е отежната поради зголемената количина вода. Вработените во подружницата очекуваат до крајот на денот да ја нормализираат состојбата со наводнувањето, за да се избегне прекин на сеидбената сезона во овој регион, но и да не дојде до исушување на нивите кои веќе се посеани со ориз.

притисни ентер